Историја

Македонски историски календар: 9 септември 1944 година

9 септември 1944 – Политички пресврт со значајни последици за Македонците во Пиринска Македонија

Во последните месеци од Втората светска војна дошло до големи промени на Балканот. На 5 септември 1944 година Советскиот Сојуз ѝ објавил војна на Бугарија, а советската армија започнала да навлегува на нејзината територија. Во ноќта меѓу 8 и 9 септември, силите на Отечествениот фронт, во кои водечка улога имала Бугарската работничка партија – комунисти, ја презеле власта во Софија.

Со превратот била соборена владата на Константин Муравиев и била формирана нова влада предводена од Кимон Георгиев. Бугарија ја напуштила дотогашната политика, му објавила војна на нацистичкиот Трет Рајх и преминала на страната на антихитлеровската коалиција.

За Македонците во Пиринска Македонија оваа промена разбудила надеж дека завршува периодот на национално негирање и дека новата власт ќе го признае нивното право на самоопределување. Македонското прашање повторно станало дел од официјалните разговори меѓу политичките раководства во Белград, Скопје и Софија.

Сепак, на 9 септември 1944 година не била веднаш воспоставена културната автономија. Тој датум го означува почетокот на новиот политички процес, кој постепено довел до привремено признавање на македонската национална посебност во Пиринскиот дел на Македонија.

Надеж за обединување на Македонија

По создавањето на македонската држава на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, кај Македонците во Пиринскиот и во Егејскиот дел на Македонија се засилила надежта дека ќе биде надмината поделбата од 1913 година.

Во политичките разговори меѓу Јосип Броз Тито и Георги Димитров се разгледувала можноста за создавање балканска федерација. Во тие планови важно место имало и македонското прашање. Една од разгледуваните можности била Пиринска Македонија да се обедини со Народна Република Македонија, која била дел од тогашната југословенска федерација.

Во ноември 1944 година, на областна конференција во Горна Џумаја, денешен Благоевград, било отворено прашањето за иднината на Пиринска Македонија. Меѓу македонското население постоеле силни стремежи за национално обединување, но бугарското раководство не било подготвено веднаш да прифати територијална промена.

Наместо обединување, како преодно решение била прифатена идејата за културна автономија и постепено национално и културно зближување на Македонците од двете страни на границата.

Официјално отворање на македонското прашање

Клучен чекор бил направен на Десеттиот пленум на Централниот комитет на Бугарската работничка партија, одржан на 9 и 10 август 1946 година. На пленумот било прифатено дека Македонците од Пиринскиот крај треба да се запознаваат со историјата на македонскиот народ и со културниот живот на Народна Република Македонија.

Во донесените одлуки се зборувало за еден македонски народ кој живее во Пиринскиот, Вардарскиот и Егејскиот дел на Македонија. Новата политика подразбирала признавање на Македонците во Пиринскиот крај и создавање услови за изучување на македонскиот литературен јазик и националната историја. (Историска студија на проф. Стојко Стојков

Ова било првпат бугарската држава преку својата владејачка партија да прифати политика со која македонската нација и јазик добивале простор за јавна афирмација во Пиринска Македонија.

Пописот од 1946 година

Во декември 1946 година во Бугарија бил спроведен првиот повоен попис. Според официјално објавените резултати, од вкупно 252.908 жители на Пиринскиот крај, 160.541 биле заведени како Македонци, односно околу 64 проценти од населението.

Пописот подоцна станал предмет на спротивставени историски толкувања и политички оспорувања. Бугарската страна тврдела дека врз попишувачите и населението бил вршен административен притисок, додека македонските историчари укажуваат дека резултатите го потврдиле постоењето на силно македонско национално чувство кое со децении било потиснувано.

Без оглед на подоцнежните оспорувања, пописот останува официјален државен документ од периодот кога бугарските власти ја признавале македонската национална посебност во Пиринскиот крај.

Бледскиот договор и културната автономија

На 1 август 1947 година во Блед биле прифатени договори меѓу Југославија и Бугарија, познати како Бледски договор или спогодбите Тито–Димитров. Тие требало да ги зацврстат односите меѓу двете држави и да го отворат патот кон нивно пошироко политичко и економско поврзување.

Македонското прашање било еден од најзначајните делови на преговорите. Бугарската страна се обврзала да овозможи национален и културен развој на Македонците во Пиринска Македонија. Се предвидувало постепено отстранување на границата, зближување на населението и создавање услови за идно решавање на прашањето за обединувањето.

По Бледскиот договор започнала поконкретна реализација на културната автономија. Во Пиринска Македонија биле испратени професори и учители од Народна Република Македонија. Според објавените сведоштва, во учебната 1947/1948 година околу 90 наставници од Македонија предавале македонски литературен јазик и македонска национална историја.

Наставата била организирана во основните и во средните училишта. Учениците добивале македонски буквари, граматики, читанки и учебници по историја. Меѓу просветните работници кои учествувале во овој историски процес бил и познатиот македонист Круме Кепески.

За голем број деца во Пиринска Македонија тоа била прва можност организирано да го изучуваат литературниот јазик на кој зборувале нивните сонародници во Народна Република Македонија.

Книжарници, театар и македонска книга

Културната автономија не била ограничена само на училиштата. Во повеќе градови биле отворани македонски книжарници и читалишта, во кои пристигнувале книги, весници и списанија печатени во Скопје. Македонската литература станала подостапна за населението, а делата на македонските писатели започнале да се читаат и јавно да се претставуваат.

Во Горна Џумаја бил создаден македонски театар. Македонски актери, режисери и културни работници гостувале во Пиринскиот крај, а театарските претстави се изведувале на македонски јазик. Организирани биле приредби, литературни средби, предавања и културни гостувања.

Во весникот „Пиринско дело“, орган на Отечествениот фронт во регионот, сè почесто се употребувале поимите „Пиринска Македонија“, „македонски народ“ и „македонска култура“. Биле објавувани текстови за Гоце Делчев, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Илинденското востание и за современиот живот во Народна Република Македонија.

Во тие неколку години македонскиот збор можел јавно да се слушне во училиштата, театрите и културните домови на Пиринска Македонија. Државниот архив на Македонија овој период го определува како време во кое биле признати македонската нација и јазик, бил формиран македонски театар и биле отворени македонски книжарници.

Политиката била исполнета со противречности

Иако биле постигнати значајни резултати, културната автономија никогаш не прераснала во вистинска политичка автономија. Бугарското раководство го поврзувало македонското прашање со пошироките планови за балканска федерација и со односите меѓу Белград, Софија и Москва.

Во самата Бугарска комунистичка партија постоеле различни ставови. Еден дел од раководството ја поддржувал идејата за македонска национална посебност и идно обединување, додека друг дел се противел на секоја можност Пиринска Македонија да излезе од составот на Бугарија.

Поради тоа, културните права на Македонците не биле поставени како трајно и неприкосновено право на народот, туку зависеле од моменталните односи меѓу комунистичките држави. Токму оваа зависност подоцна се покажала како пресудна.

Судирот од 1948 година и крајот на културното отворање

Во 1948 година дошло до длабок судир меѓу југословенското раководство на Тито и Советскиот Сојуз предводен од Сталин. На 28 јуни 1948 година била објавена Резолуцијата на Информбирото против Комунистичката партија на Југославија.

Бугарија застанала на страната на Советскиот Сојуз. Односите меѓу Белград и Софија нагло се влошиле, а со тоа пропаднале и плановите за балканска федерација и за решавање на македонското прашање.

Новата политичка состојба веднаш се одразила врз Македонците во Пиринска Македонија. Македонските учители биле принудени да се вратат во Народна Република Македонија, наставата по македонски јазик и историја била прекината, книжарниците и културните установи биле затворени или преобразени, а книгите и учебниците биле отстранети.

Македонските дејци повторно биле изложени на следење, притисоци и прогон. Луѓето кои јавно се изјаснувале како Македонци можеле да бидат означени како приврзаници на Југославија, „титовисти“ или непријатели на државата.

Започнал процес на постепено бришење на сето она што само неколку години претходно било официјално признавано.

Од признавање кон целосно негирање

И покрај пресвртот од 1948 година, на пописот од 1956 година во Бугарија сè уште биле регистрирани 187.789 Македонци, најголемиот дел од нив во Пиринскиот крај. Тој податок покажува дека македонската национална свест не исчезнала со укинувањето на културната автономија.

Во следните години, особено со зацврстувањето на власта на Тодор Живков, бугарската држава преминала кон целосно негирање на македонското малцинство. Македонците биле прогласувани за Бугари, македонскиот јазик за бугарски дијалект, а периодот од 1946 до 1948 година започнал да се прикажува исклучиво како наводна „насилна македонизација“.

Од јавниот простор постепено исчезнувале македонските книги, организации, културни манифестации и спомени за краткиот период на признавање. Луѓето биле обесхрабрувани да се изјаснуваат како Македонци, а државната политика настојувала статистички и општествено да го избрише нивното постоење.

Историското значење на 9 септември 1944 година

Деветти септември 1944 година претставува важен пресврт во историјата на Македонците во Пиринска Македонија. Тој не донел веднаш национална слобода ниту обединување, но го отворил патот кон првото официјално признавање на македонската национална посебност од страна на бугарската држава.

Во периодот што следувал, Македонците во Пиринскиот крај добиле можност да го учат македонскиот литературен јазик, да ја запознаваат сопствената историја, да читаат македонски книги и да присуствуваат на претстави на македонски јазик. За кратко време биле создадени мостови меѓу Македонците од Пиринскиот и Вардарскиот дел на Македонија.

Но нивните права зависеле од политичките односи меѓу државите, а не од трајното почитување на правото на самоопределување. Кога меѓународната политичка состојба се променила, биле укинати и правата што претходно им биле дадени.

Краткотрајната културна автономија од 1946 до 1948 година затоа останува историско сведоштво дека македонскиот народ, јазик и култура во Пиринска Македонија биле официјално признавани дури и од власта во Софија. Истовремено, нејзиното насилно прекинување сведочи колку лесно националните права можат да бидат жртвувани кога за нив одлучуваат туѓи политички центри.

И покрај децениите на притисоци и негирање, македонското чувство во Пиринска Македонија не било целосно искоренето. Тоа продолжило да живее во семејната меморија, говорот, песните, обичаите и во истрајната борба на Македонците за признавање на нивното име, јазик и национален идентитет.

Најново од: Историја

Полскиот лингвист Мјечислав Малецки уште во 1934 година пишува за посебноста на македонскиот јазик

Полскиот лингвист и славист Мјечислав Малецки (1903–1946) оставил значајно научно сведоштво за македонските говори и нивната јазична посебност. Во своето дело „Два македонски говора“, објавено во Краков во 1934 година, ги истражувал говорите на селата Сухо и Висока во Солунско, во егејскиот дел на Македонија. Проучувајќи го живиот говор на месното население, Малецки ги разгледувал […]

Славе Катин – Географски карактеристики на Балканот

Името „Балкан“ е од подоцнешен датум, по стариот италијански Бог на огнот Вулканус, првенствено Бог на вулканскиот оган, а подоцна и Бог на ковачката вештина. Ова име се однесува на планината Хем и на целиот полуостров. Погрешно е да се смета дека е од турско потекло. Науката за Балканот е балканологијата, која е основана во […]

Американското училиште во Битола (1865–1913) за народноста на Македонците

„Писмо на битолскиот областен инспектор од 1913 година во кое го информира надлежниот министер дека училиштето на американската мисија во Битола му испратило список на ученици кои по народност биле „Македонци“, нешто друго од народноста „Србин“.“ Ова американско училиште во Битола било отворено во 1865 или во 1873 година. На почетокот било наменето за девојчиња, […]

Солун 1912: грчкиот весник напишал — „Солун освоен со меч“

Една насловна страница од грчкиот весник „Πατρίς“, објавена на 27 октомври 1912 година, отвора непријатно прашање за современиот грчки историски наратив. На неа, со големи букви, пишува: „Η ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗ ΚΑΤΕΚΤΗΘΗ ΧΘΕΣ ΔΙΑ ΤΟΥ ΞΙΦΟΥΣ“ Во превод: „Солун вчера беше освоен со меч.“ Ова не е македонска интерпретација, ниту современа пропаганда. Тоа се зборови отпечатени во […]

Доброволците од Гостиварско во Македонско-одринското доброволство 1912–1913

Архивските списоци откриваат имиња на луѓе од Гостивар и гостиварските села кои во годините на Балканските војни биле заведени како ополченци, односно доброволци. Балканските војни, 1912–1913 година, кај многу Македонци разбудиле надеж дека конечно доаѓа ослободување на Македонија од османлиската власт. Голем број обични луѓе, меѓу кои печалбари, занаетчии и работници, се приклучиле како доброволци, […]

Документи за присилните иселувања од Пиринска Македонија

Два извештаи од 1952 година ја бележат судбината на стотици семејства Два документа, како извештаи од архивите на бугарската Државна безбедност, содржат податоци за присилно иселување семејства од Пиринска Македонија. Во нив репресијата се оправдува со зајакнување на границата, а погодените луѓе се заведуваат како „предавници на татковината“ и „непријателски елементи“. Според пренесената содржина, извештаите […]

Македонија во 1919 година: надежта за автономија и очекувањата од Америка

„Лидерите на големите сили на Париската мировна конференција, 27 мај 1919 година, на која се разгледувало и македонското прашање.“ Извадок  на оперативниот дневник на Врховната команда на Кралството СХС зборува за обединета автономна Македонија со центар во Солун, петиции до Вилсон и надеж во американска помош. Дипломатските документи го потврдуваат постоењето иницијативи за автономија. По […]

МУТАЦИИ НА БУГАРСКИОТ СИНДРОМ

Кога ќе навлезеш во калта, назад – нема. Пропаѓаш. Токму тоа ѝ се случува на Бугарија, во безумностите против Македонија. Се залетаа и бараа да се согласиме дека нашите татковци и дедовци биле „Бугари“, што значи дека и ние сме тоа, и дека сите сме зборувале бугарски дијалект! Ем ние „Бугари“, ем јазикот нивен. Така […]

To top