Кога ќе навлезеш во калта, назад – нема. Пропаѓаш.
Токму тоа ѝ се случува на Бугарија, во безумностите против Македонија. Се залетаа и бараа да се согласиме дека нашите татковци и дедовци биле „Бугари“, што значи дека и ние сме тоа, и дека сите сме зборувале бугарски дијалект!
Ем ние „Бугари“, ем јазикот нивен. Така е кога ќе се загуби ориентацијата. Откако удрија со главите во ѕидот, откако се освестија дека сепак сме во 21, а не во 18 век, откако светот се крстеше и им се чудеше на паметот, ја свртија страницата и – уште повеќе ја утнаа работата. Се сетија дека тие ги бранеле европските вредности кои сега Македонија „ги гази“, и своите бесмислени барања ги свртија на планот на човековите права. Сметаа дека, барем во тоа, светот ќе ги разбере, а тие ќе си ја завршат нечесната работа.
Мора да се признае дека идејата и не им е лоша. Човековите права се веќе долго време најзлоупотребувана политичка манипулација во светот. Ако е така, зошто и Софија да не ја искористи? Затоа мутираа, како и ковид-вирусот. Сепак, тие не ја променија целта, туку само методот. Сега ги бранат правата на Бугарите во Македонија, за да ја постигнат истата цел – бришење на Македонците! Демек, сме ги игнорирале и дебугаризирале, и тоа на свиреп начин!? Да слушаш и да не веруваш. Ако некој водеше најпрогресивна политика кон малцинствата во регионот, тоа беше Југославија, а тоа значи и Македонија. За жал, тоа беше и (важен!) дел од причините за распадот на федерацијата (Косово).
И, сега, зарем дотаму стигнале нашите бугарски „браќа“, та не знаат како да си ги лечат историските болки? Зарем целосно ги помешале работите? Можно ли е да не извеле поуки од пактот со фашистите? Повторно си ставија клинец во нога. Не трн. Токму тоа што тие им го прават век и половина на Македонците, сега сакаат да ни го импутираат нам, без ниту еден аргумент! За жал, и успеваат, иако Судот за човекови права во Стразбур има 14 пресуди против Бугарија за кршење на правата на Македонците, а нема, ниту може да има, ништо слично за нас. Бугарите во Македонија не се појавиле како проблем во ниту еден меѓународен документ.
Зарем може да не им биде јасно дека со инсистирањето измислените Бугари да влезат во Уставот на Македонија, минимум е дека истото ќе го бараме и ние за Македонците во Бугарија? Иако МНР Бујар Османи не се согласува со тоа, а и премиерот и другите немаат таква намера. Ама, за разлика од „Бугарите“ во Македонија, Македонците во Бугарија постојат, реални се и автохтони, бројат стотици илјади, а, според потеклото, ги има и преку два милиони. Неспорно е дека голем дел од нив се веќе асимилирани, ама постојат.
Основен принцип во дипломатијата е реципроцитетот. Ако тоа досега понизно го игнориравме, не може вечно да биде така. Можно ли е да не се свесни дека ни дадоа невидена, историска шанса да поентираме? И да ги ставиме пред свршен чин – или и едните и другите во уставите, или ништо од оваа нивна погрешно замислена екскурзија. Ако сме упорни и конзистентни, светот не може да го игнорира тоа. Ако, пак, ние не ја искористиме приликата, тогаш навистина за ништо не нè бива.
Знаеме дека последното што би го направила Бугарија е да го признае македонското малцинство, коешто не ужива никакви универзално признати права. Тоа е незамисливо за нив. Впрочем, бришењето на тамошните Македонци е главната и основна цел на сите овие ујдурми што ни ги прави Софија.
Ако ние не сме Македонци, не може да има такви ниту кај нив. Многу просто. Затоа, ние сме на потег.
Огромен дел од македонскиот народ, заедно со опозицијата, не може да замисли да ги ставиме измислените Бугари во Уставот, а тие да немаат иста обврска кон Македонците кај нив. Ако некој, сепак, прифати без реципроцитет да се внесат „Бугарите“ во нашиот Устав, нема да му гине доживотна робија. МНР Османи мора да ја почитува Резолуцијата на Собранието за односите со Бугарија. Тоа важи и за претседателот Пендаровски, чие молчење е неприфатливо бидејќи тој има прецизни овластувања во надворешната политика, коишто мора да ги користи.
Во Резолуцијата се вели – „преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа… без никакво условување од едната или другата страна“; „да се почитуваат безрезервно… автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет“; „да се уважуваат… утврдените факти…, според коишто македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет“, а „македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност…“. На крајот се бара – „безусловно да се почитува слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност“.
Факт е дека Резолуцијата е од минималистички карактер. Текстот, предложен од опозицијата, беше прилагоден за да се согласи и власта, што и се случи. Инаку, да донесуваш ваква Резолуција, и во неа да не ги спомнеш Македонците во Бугарија, како клуч за односите со неа, е само по себе бесмислено, неразумно и погубно.
Меѓутоа, во дадените услови, изгласувањето на Резолуцијата е успех за длабоко поделениот македонски народ и, доколку се спроведува, што е под големо прашање, го спречува распродавањето на неговите фундаментални интереси. Таа одлучно го отфрла планот наречен „5 + 1“, како и сите претходни предлози. Опсесијата, пак, на нашите политичари со датумот за почеток на преговорите со ЕУ, и итаницата која за таа цел секојдневно ја манифестираат, е директна поддршка на бугарските претензии.
Најавите на бугарскиот премиер Петков дека ќе формира нови комисии за надминување на недоразбирањата се само нова мутација на бугарските политики кон Македонија.
Новата коалиција на власт во Софија нема структура која може да ја менува веќе дефинираната политика. Петков, можеби, не е дел од нивните историски синдроми, ама нема никаков маневарски простор за какви било промени.
Впрочем, во „Фајненшел тајмс“ тој најави надградба на односите, ама не ги доведе во прашање бугарските историски небулози, бидејќи и тој мора да ја почитува декларацијата од нивното Собрание, од 10.10.2019 година. За какви било промени, треба прво таа да се елиминира, што е невозможно во дадените услови.
Бугарија води прецизна надворешна политика против Македонија, трасирана многу одамна. За истата имаат постигнато најширок политички консензус и огромна поддршка од народот. Тие не летаат во облаци. А поранешниот премиер В. Бучковски, изваден од нафталин за некаков специјален пратеник, се расфрла со македонските национални и државни вредности како да ги наследил од дедо му. Тој не е некаков преговарач, што не ја намалува неговата одговорност.
Во дадените услови, ние тешко можеме да се избориме преговарачката рамка да биде како и за сите други, без бугарски мирудии од 19 век во неа, коишто се погубни за нас.
Истовремено, немаме никаква алатка, уште помалку поддршка, да ги спречиме очекуваните бугарски сопки за време на преговорите, кои ќе треба да го докусурат македонизмот.
ЕДИНСТВЕНО ДОЛГОРОЧНО РЕШЕНИЕ ЗА МАКЕДОНИЈА е итно откажување на договорот за (не)пријателство кој е, и ќе остане, главен столб на бугарските негирања на сè што е македонско, преку блокади, уценувања и спречувања на нашето приближување до ЕУ. Нивното повикување на договорот има основа бидејќи заедничката историја може да значи дека е таа бугарска, а подобар доказ од тоа, дека и ние сме „Бугари“, не може да се замисли. Во договорот се откажуваме и од јазикот („според Уставот…“), и од Македонците во Бугарија… За Вашингтон и за Брисел, нема да има проблеми да ја поддржуваат Софија во нејзиното повикување на договорот, и тоа според нејзините толкувања, во секое од 32-те поглавја.
Сето ова што сега Бугарија го поставува како причина за блокадата, ќе се имплементира при преговорите. Тие сигурно ќе траат со децении, а можеби и никогаш нема да завршат. Тоа е реалноста. Ние сме на потег. Ако не го откажеме договорот, алот ни е во калот. Друг избор немаме, ако не сакаме македонскиот народ и неговиот јазик да одат јабана.
Процедурата, која е веќе започната, мораме да ја прекинеме.
Треба да се преговара за нов, реципрочен договор, што нема директно да се рефлектира на зачленувањето во ЕУ, коешто е далечна, веројатно дваесетгодишна перспектива. На секој што малку се разбира во политика и дипломатија, тоа мора да му биде јасно. Тоа што нашите политички аматери си прават бајрам со умот, е наш проблем.