Наде Проева (9. IX 1949 – 6. XI 2024) е македонски историчар, универзитетски професор, научник со светско реноме и борец за македонската кауза. Таа е истражувач кој ја афирмираше античката историја на Македонија, која долго време бил запоставувана. Оставила длабока трага во македонската и светската историографија.
Наде Проева е родена на 9 септември 1949 година во Ресен. Во родниот град завршила гимназија, а потоа студирала на Групата археологија на Филозофскиот факултет во Белград. Дипломирала во 1973 година, со темата „Четири необјавени доцноантички некрополи од околината на Прилеп“. Во јуни 1978 година, на Филозофскиот факултет во Белград, таа ја одбранила магистерската тема: „Типологија на надгробните споменици во југословенскиот дел во римската провинција Македонија“. Во декември 1992 година, ја одбранила докторската теза: „Влијание на доселениците на развојот на културните прилики во римската провинција Македонија“. Заради продлабочување на студиите по митологија, епиграфика и нумизматика била на студиски престој на Сорбона–Париз од 1979 до 1981 година.
Од 1973 до 1975 година, Проева работела како кустос во Народниот музеј во Прилеп, а од 1984 година предавала Историја на античките Македонци и Историја на стариот век (староисточни народи, антички Грци и Римјани) во Институтот за историја на Флозофскиот факултет во Скопје.
Проева учествувала во ископувањата на антички и средновековни локалитети (во Македонија, Србија, Полска и Грција), како и во проекти на Археолошкиот институт во Белград, на Берлинската академија на науките, на САНУ и на МАНУ.
Во текот на својата богата кариера, настапувала на повеќе меѓународни научни собири: во Франција, Канада, Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија и Холандија, а имала и студиски престои во Полска (1977), во Француската археолошка школа во Грција (повеќепати до 1992), во Францускиот институт во Истанбул (1993), во Австриската академија на науките (1998) и на универзитетите во Нанси, Нантер – Париз Х и др.
Исто така била уредник и подготвувач е на едициите Miscellanea byzantino-macedonica и Historia antique macedonica, како и преведувач и издавач на антички автори. Објавила поголем број прилози во домашни и странски списанија и зборници.
Наде Проева оставила длабока трага во македонската и светската историографија, афирмирајќи ја античката историја на Македонија. Фундаментални во разбирањето на античките корени на македонската култура и идентитет се нејзините научни трудови меѓу кои: „Студии за античките Македонци“ (Скопје, 1997), „Историја на Аргеадите“ (Скопје, 2004), „Александар Македонски: живот и дело“ (Скопје, 2012), „Религијата на античките Македонци“ (Скопје, 2014). „Триптих за македонскиот идентитет: огледи за македонското самосознание од средниот до новиот век“ (Скопје, 2018).
Таа е носител на орденот на Владата на Франција „Витез на академските палми“ (Chavalier de palmes academiques – 1997). Постхумно ѝ е доделен Орденот „8 Септември“ од претседателката на РС Македонија, за исклучителен придонес кон македонската историографија.
Наде Проева почина на 6 ноември 2024 година во Скопје.