Димитрија Димов Чуповски (Папрадиште, Велешко, 8 ноември 1878 – Ленинград, СССР, 29 октомври 1940) е еден од најистакнатите организатори и афирматори на македонската национална мисла. Поет, публицист, редактор, книгоиздавач, картограф, историчар, лексикограф и културен деец, тој го посветил својот живот на борбата за самобитноста на македонскиот народ, за обединување на Македонија и за создавање самостојна македонска држава.
Чуповски бил еден од основачите и претседател на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург (1902–1917), член-основач и претседател на Словеномакедонското национално-просветно друштво „Св. Кирил и Методиј“ (1912–1913), член-основач на Руско-македонското благотворно друштво „Св. Кирил и Методиј“ (1913–1914) и член-основач и претседател на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград (1917–1924).
Бил и потпретседател на Друштвото за помош на почетниците литератори, артисти, уметници и научници на Русија во 1915 година, како и редовен член на Санктпетербуршкото словенско благотворно друштво, на Друштвото за словенска заемност и на други руски здруженија.
Детство, школување и првите револуционерни активности
Димитрија Чуповски е роден во селото Папрадиште, Велешко, во семејство на македонски револуционери и автономисти. Роден е како посмртче, по убиството на неговиот татко од албански платеници. Откако селото било опожарено од албански качаци, на десетгодишна возраст се преселил во Крушево, родното место на неговата мајка.
Се школувал во Папрадиште и во Крушево, каде што го изучил и молерскиот занает. Потоа, заедно со своите браќа, заминал на печалба во Софија. Таму, во 1892 година, го продолжил образованието во Вечерната школа на македонските „лозари“. Дење работел, а навечер учел. Во средината на Даме Груев, Петар Поп Арсов и други македонски студенти, борбата за правата и слободата на македонскиот народ станала негова животна определба.
Од 1892 до 1895 година се школувал во Вечерната светосавска учителска школа во Белград, каде што во учебната 1893/1894 година членувал во ученичкото друштво „Вардар“.
По завршувањето на школувањето се вратил во родното Папрадиште и работел како учител во учебната 1895/1896 година. Поради учеството во револуционерното движење бил затворен, но успеал да избега и преку Белград заминал во Русија. Таму го продолжил образованието во духовните семинарии во Новгород и во Симферопол, во периодот од 1897 до 1900 година.
Македонското научно-литературно другарство
Во 1902 година Чуповски учествувал во основањето на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Како негов претседател, организирал низа активности за запознавање на руската и европската јавност со состојбите во Македонија и со стремежите на македонскиот народ за слобода и сопствена држава.
Одржувал предавања во Другарството и надвор од него, разговарал со руските власти и со претставници на османлиската и австроунгарската амбасада, застапувајќи ги македонските национални интереси.
Во 1905 и во 1911 година патувал во Македонија за да подготви отворање училишта на македонски јазик. Во 1909 и во 1910 година, како сопственик на посредничкото биро „Трудовој посредник“, го издавал годишникот „Дѣловой Петербургъ“.
За независна и обединета Македонија
Во предвечерието на Балканските војни Чуповски настапувал на јавни собири и објавувал во рускиот печат. По почетокот на Првата балканска војна пристигнал во Македонија.
Во Скопје и во Велес, заедно со Петар Поп Арсов, Иван Поп Јорданов и други македонски интелектуалци, работел на организирање дејност за создавање независна македонска држава. Иницијативата добила поддршка и во Солун, каде што Ризо Ризов и Павел Шатев ги поврзувале нејзините приврзаници и активисти.
Во декември 1912 година била организирана Општомакедонска конференција, на која било побарано зачувување на територијалната целост на Македонија, ослободување на македонскиот народ и создавање независна и обединета македонска држава.
Чуповски добил полномошно за застапување на македонските интереси пред Европа, а неговата мисија требало да биде поддржана со широка јавна дејност во Македонија и надвор од неа.
Неговата активност наишла на спротивставување од српските, грчките и бугарските власти. По заканите и попречувањето на неговата работа, се вратил во Русија, каде што продолжил да објавува статии за завојувачкиот карактер на војната и за правото на Македонија на сопствена државност.
Во времето на Мировната конференција во Лондон укажувал дека во војната против Османлиската Империја учествувале илјадници Македонци и барал на македонскиот народ да му се овозможи да создаде сопствена држава.
Картата на Македонија и „Македонски глас“
Во март 1913 година Чуповски ја објавил првата карта на Македонија во боја на македонски јазик, насловена „Карта Македониіа“. Заедно со Меморандумот на Македонците од 1 март 1913 година, ја испратил до Лондонската конференција и до рускиот печат.
На 7 јуни 1913 година бил потпишан и Меморандумот на Македонците до владите и јавноста на балканските држави. Два дена подоцна, на 9 јуни, излегол првиот број на списанието „Македонскій голосъ“ („Македонски глас“).
Двата меморандума биле објавени и во списанието, кое излегувало на руски јазик и претставувало едно од најзначајните гласила на македонската национална мисла. Преку него Чуповски и неговите соработници ја запознавале јавноста со македонското прашање и се спротивставувале на поделбата на Македонија.
До 20 ноември 1914 година биле отпечатени 11 броја. Нивната содржина останала значајно историско сведоштво за борбата на Македонците за зачувување на територијалната целост на татковината и за извојување национална слобода.
Дејноста во годините на војната
Иако апелите на Македонците останале без одговор кај големите сили и балканските влади, Чуповски и македонската колонија во Русија не ја прекинале својата дејност.
На 14 август 1914 година, заедно со Крсте Петков Мисирков, од името на Петроградската и Јужноруската македонска колонија, поднел опширен меморандум до рускиот министер за надворешни работи.
Во 1915 година, заедно со Наце Димов, преку Друштвото за помош на почетниците литератори, артисти, уметници и научници на Русија, организирал Словенски лазарет за ранетите руски војници.
Во 1916 година повторно се обидел да дојде во Македонија, но неговото патување било запрено на романската граница. Револуционерните превирања во Русија во 1917 година го потиснале и настојувањето на Македонскиот револуционерен комитет за создавање Балканска Федеративна Демократска Република.
Живот посветен на македонскиот народ
Чуповски останал посветен на македонската национална кауза до крајот на животот. Подготвувал македонско-руски речник, кој не успеал да го заврши, како и лексикон за историјата, етнографијата, јазикот, фолклорот и културата на Македонија. Овие ракописи биле уништени во бомбардирањето на Ленинград во 1942 година.
Починал на 29 октомври 1940 година во Ленинград. На погребот неговиот ковчег бил покриен со знамето на Македонската колонија, изработено во 1914 година. На крстот неговиот син ги испишал зборовите:
„Борец за правото и слободата на македонскиот народ.“
Тоа биле истите зборови што Чуповски претходно ги поставил на гробот на својот брат Наце.
Во 1990 година неговите посмртни останки биле пренесени од Ленинград во Скопје со државни свечености.
Димитрија Чуповски останува запаметен како еден од најдоследните борци за македонската национална самобитност, за македонскиот јазик и за слободна и обединета Македонија.