На прво место

ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (2)

Судбински, клучни и историски години за Македонија

Од денешен агол погледнато на настаните што се случуваа пред 25 години, може да го извлечеме заклучокот дека 1990 и 1991 година беа клучни, одлучни и историски години за судбината и иднината на Македонија, да продолжи да се развива и да чекори по сопствена патека во изградба на демократска, самостојна и суверена држава.

Усвоен Уставот на Република Македонија, (17 ноември 1991 год.)

На почетокот на 1990 година почна распадот на југословенската федерација, во чиј состав 45 години како федерална единица беше и Македонија. Во оваа година беа формирани над педесетина политички партии и здруженија. Во Македонија беа одржани првите општи и непосредни парламентарни избори, според мнозински изборен систем со тајно гласање. На изборите учествуваа 18 политички партии и 43 независни кандидати. Првиот круг на гласање беше одржан на 11 ноември 1990 година, а вториот две недели подоцна, на 25 ноември. Во единствениот избирачки список беа регистрирани 1.452.072 гласачи. Во првиот круг своето право го искористија 84,8 отсто, а во вториот 8 проценти помалку, односно 76,8 отсто. На првите повеќепартиски парламентарни избори со голема љубов во своите родни места допатуваа неколку илјади македонски граѓани од дијаспората за да гласаат и да го искористат уставното право. Беа радосни што ја имаа можноста да го дадат својот глас на првите историски демократски избори. Тоа беше празник за граѓаните на Македонија, во државата и во дијаспората.

Првата конститутивна седница на Собранието на Република Македонија беше одржана на 8 јануари 1991 година. За прв претседател беше избран Стојан Андов. По нешто повеќе од два месеца, на 20 март 1991 година, беше избрана и првата плуралистичка влада на чело со премиерот, академик д-р Никола Кљусев.
На 8 септември 1991 год. се одржа референдум на кој македонскиот народ и националностите се изјаснија за суверена и самостојна држава Македонија. На гласачкото ливче за непосредно и тајно изјаснуваше стоеше: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“. На 17 ноември 1991 година, Собранието на Република Македонија го усвои Уставот на Република Македонија, а свечено беше прогласен три дена потоа, на 20 ноември 1991 година.

ВМРО-ДПМНЕ, формирана на 17 јуни 1990 година, беше првата македонска партија со национален предзнак што одигра клучна улога во создавањето на македонската демократска држава. Во политичката платформа и програма беше забележано дека ќе се залага Македонија да биде самостојна, суверена, независна држава со сите атрибути што треба да ги поседува државата. Ова беше зачудувачко за поголемиот број граѓани на Македонија. Меѓутоа, со дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ и формирањето на општинските комитети во градовите и разграноците во селата, програмските начела беа прифаќани од населението, а за неколку месеци станаа реалност.

На овие прогресивни и револуционерни идеи, политичките партии: СКМ-ПДП (Сојуз на комунисти на Македонија – Партија за демократски просперитет, трансформирана од СКМ, денешен СДСМ), Сојуз на реформските сили на Македонија (партијата на Анте Марковиќ, претседател на Сојузниот извршен совет на СФРЈ), Социјалистичката партија и други беа против, не можеа да ги прифатат програмските определби на оваа национална партија. Тие се залагаа Македонија да биде суверена држава во рамките на југословенската федерација. Меѓутоа, федералните единици Словенија, Хрватска и Србија беа решени и најавија дека ќе се осамостојат, ќе создадат сопствени независни држави. Српското раководство ја посакуваше и Македонија да биде членка на мини-федерацијата што ја заговараше заедно со Црна Гора. Македонскиот народ беше одлучен, ако не може да се зачува СФРЈ, како федерација или како конфедерација, тогаш Македонија да се одвои и да стане независна суверена држава. Во борбата за самостојна македонска држава голем придонес даваа Македонците во дијаспората (Европа, Америка и Канада и Австралија) што имаа политички партии, здруженија и клубови, преку кои дејствуваа Македонија да се осамостои и да ја напушти федерацијата, по пат на политичка борба.

Во почетокот на јуни 1991 година, не знам по кој пат, допатував во Берлин, во култниот македонски ресторан „Ново Скопје“, кај моите пријатели и истомисленици за судбината и иднината на Македонија, браќата Гојко и Мане Јаковлески. Берлин повеќе не беше поделен град на западен и источен, пулсираше како една целина. Германија е обединета и се чувствуваше функционирањето на единствената држава. Поранешната Источна Германија беше претворена во големо градилиште, без застој се одвиваше процесот на интегрирање на источниот кон западниот дел.

Во вечерните часови со домаќините, во присуство и на други Македонци, кои работеа и живееја во Берлин, седнати на клупите околу „службената маса 13-ка“ во ресторанот „Ново Скопје“, разговорите почнуваа и завршуваа за состојбите и иднината на Македонија. Сите бевме загрижени. Како ќе се одвиваат настаните, што ќе се случува? Дали правдата и праведноста ќе ѝ бидат наклонети на Македонија? Како ќе се врши процесот на раздружувањето од Федерацијата? Многу прашања, а ниту еден релевантен одговор. Но сите бевме единствени и посакувавме процесот на раздружување од југословенската федерација да се изврши безболно, без оружени судири, секоја федерална членка и Македонија сами да се определат и патот на осамостојување да го изодат на мирен, демократски начин.
На овие разговори се присетивме на големата македонска прослава во 1976 година, која се одржа во Западен Берлин. Пред голем број Македонци, дојдени од повеќе градови на Западна Германија и од македонското село Зубовце, родното место на браќата Јаковлески, на 2 август, на големиот ден Илинден, македонскиот патриот Гојко Јаковлески во рефератот посветен на Илинден истакна: „Народ што дал два Илиндена, може и треба да даде и трет Илинден“. Гоце, алијас Гојко, кого нагалено го нарекуваа неговите пријатели и другари, рече дека дојден е часот кога нашата генерација треба, мора и може да ги оствари вековните идеали на Македонците.

Во ресторанот „Ново Скопје“, во вечерните часови на 8 јуни (сабота), уличниот продавач го донесе дневниот весник „Берлинер морген пост“, датиран со 9 јуни. Прелистувајќи ги страниците го забележав текстот „Во Берлин треба да се гради европската архитектура“. Од текстот дознав дека на 19 и 20 јуни 1991 година Берлин ќе биде домаќин на Министерската конференција на КЕБС. Тема на расправа на министрите ќе биде идната европска архитектура и ќе усвојат посебна декларација. На полноќ, кога гостите го напуштија ресторанот, на Мане му го дадов весникот да го прочита текстот. Потоа му предложив дека оваа е одлична шанса пред Рајхстагот во Берлин, зградата на германскиот парламент, каде што два дена ќе заседаваат министрите на КЕБС, да одржиме мирна демонстрација, да го кренеме гласот за македонските неправди, министрите и светот да слушнат за проблемите со кои се соочува Македонија. Исто така, Македонците да маршираат низ берлинските улици, да се делат летоци за вистината и судбината на Македонија, а пред зградата на Рајхстагот да се одржи мирна демонстрација, протест.

Потоа, да се демонстрира пред амбасадите на Бугарија и на Грција, каде што ќе се искаже револтот против дискриминирачката дејност на нивните држави кон Македонија и кон Македонците што живеат во нивните држави.

Овие облици на искажување револт беа убава можност да го кренеме гласот и на светот да му кажеме дека Македонците сакаат и заслужуваат да имаат сопствена држава меѓународно признаена. Мотото на демонстрацијата да биде: „Европа да чуе за Македонија, за желбите и потребите на Македонците“.
На Мане му се допадна идејата за организирање мирна демонстрација и протест. Гласно размислувавме и правевме планови како да се организираме, демонстрацијата да биде успешна, пораките да стигнат до европските држави, да ги разбудиме нивната свест и совест.

Се договоривме следниот ден со идејата да ги запознаеме Македонците што подолго време живеат и работат во Берлин.

Поддршка добивме од сите на кои им се јавивме. Вечерта во „Ново Скопје“ дојдоа да ја искажат поддршката на идејата, дека се воодушевени и ќе се вклучат во организацијата, ќе помагаат, целосно ќе се вложат, демонстрацијата да биде масовна и успешна.

Активистите од Берлин, носители на организацијата на демонстрациите

На фотографијата недостасува: Јанко Пирковски

Продолжува

Киро Кипроски

Превземено од Нова Македонија

Најново од: На прво место

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

Археологијата поврзана со Александар Македонски открива нови наоди

18 септември 2026 година Новите ископувања во Кралската гимназија во античка Миеза во северна Грција откриваат повеќе за образованието во Македонија во текот на 4 век п.н.е. Локалитетот во близина на модерна Науса научниците го поврзуваат со местото каде што Аристотел го учел младиот Александар и другите македонски кралски наследници. Археолошката гимназија поврзана со Александар […]

Митрополит Григориј: Лажна, заблудувачка и заведувачка презентација на Љубомир Фрчкоски

Пишува: Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј Фрчкоски произнесе колосална манипулација, креирајќи јавно мислење дека „Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) не е автокефална Помесна православна црква (ППЦ)“. Тој емитуваше оркестрирана кампања – Lügenfabrik („фабрика за лаги“) – против автокефалноста на МПЦ – ОА, и тоа преку: Погрешни информации (misinformation) – лажни информации создадени […]

Мицкоски со американската воена индустрија – а замислете на масата да седнеше некој од „стратезите“ на СДС

Премиерот на владата на Република Македонија одржа средба со бизнис-претставници од воената индустрија на САД, како и со официјални претставници од американската администрација задолжени за оваа област. Разговарано е за потенцијални инвестиции, проширување на инвестициските планови и ставање на располагање на расположливите ресурси. Нашата цел е преку сериозни и долгорочни партнерства да отвораме нови можности […]

Петрушевски: Со измените во Законот за пратениците се забранува двојно државјанство – лагите на СДС се демантираат

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во интервју за емисијата „Траги“ на Алсат-М се осврна на поднесените измени на Законот за пратениците, со кои се предлага пратениците да не можат да имаат двојно државјанство. Според него, со ова законско решение ВМРО-ДПМНЕ сака да ги демантира тврдењата на СДС дека пратеници од партијата поседуваат бугарски пасоши. Петрушевски […]

Мицкоски имаше разговорот со Марко Рубио: Македонско-американското стратешко партнерство продолжува да се зајакнува

Разговорот меѓу Мицкоски и Рубио се одржа во Њујорк, а премиерот посочи дека ваквите контакти на високо политичко ниво имаат особено значење за односите меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Според Мицкоски, директната комуникација со американските партнери претставува можност за размена на ставови за прашања од заеднички интерес, продлабочување на билатералните односи и натамошно зајакнување […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

To top