На прво место

ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (13)

demonstracii13-1

demonstracii13-1

Киро Кипроски

Во Единбург не беше повторена Лисабонската декларација

Во шкотскиот главен град Единбург, на крајот на 1992 година, на 12 декември, на првиот работен ден на Самитот на дванаесеттемина на ЕЗ, во организација на „Обединети Македонци“ од Канада, беше одржан македонски протест чија цел беше да се извојува дефинитивна победа на македонската вистина и Македонија да биде призната како независна држава. За работата од овој самит за читателите на „Нова Македонија“ известуваше колешката Слободанка Јовановска. Во написот „Минимална победа на македонската дипломатија“, објавен на 14 декември 1992 год., ќе ја образложи донесената одлука:
„Општ впечаток е дека Европската заедница на самитот во Единбург успеа да преброди една криза затоа што, како што се посака на овој состанок, националните интереси на земјите-членки на ЕЗ и натаму се поважни од колективните што се однесува до прашањето за меѓународно признавање на Македонија, грчкото вето на признавањето и на овој самит профункционира. Сепак во одлуката не е повторена Декларацијата од Лисабон дека Македонија пред признавањето мора да го промени името. Тоа се толкува како минимална победа на македонската дипломатија, за што, очигледно, за овој проблем сега мораат да расправаат Обединетите нации. Исто така, се чини дека се потврдија претскажувањата дека македонскиот проблем ќе помине во „надлежност“ на Обединетите нации, каде што Грција го нема правото на вето“.

На конференцијата за печат, британскиот премиер Џон Мејџор рече дека барањето за признавање на Републиката (м.з. Македонија) и натаму е мошне чувствително и дека одредената помош за оваа земја ќе значи економско заздравување и стабилност во регионот.

Блиска средба на „Обединетите Македонци“ со грчките градоначалници

Грчко-македонското непријателство „експлодира“, на 10 декември, кога во центарот на Единбург случајно се сретнаа членовите на организацијата „Обединети Македонци“ и стотина градоначалници од Грција. По меѓусебните вербални провоцирања, проработија и транспарентите и знамињата, едните со жолта ѕвезда на црвена основа, а на другите со ѕвезда на сина основа. Полицијата, која тие денови доминираше во шкотската престолнина, за среќа, брзо интервенираше и ги раздели скараните, кои, за да се разберат подобро, се надвишуваа на англиски јазик.

Околу 100 грчки градоначалници, следниот ден, на 11 декември, демонстрираа пред замокот во Единбург каде што дванаесеттемина лидери на ЕЗ имаа ручек, извикувајќи дека „Македонија е дел од грчката историја“. Притоа се судрија со неколку десетици Македонци, членови на „Обединети Македонци“, кои пристигнаа од Торонто за да побараат од учесниците на самитот да ја признаат Македонија.

Демонстрациите сепак оставија трага

Четврт век помина од одржувањето на првата демонстрација на Македонците за меѓународно признавање на Македонија во Европа, во Берлин. За демонстрациите во Германија, Белгија, Швајцарија, Луксембург, Шведска, Шкотска, Данска, во Австрија, првпат ексклузивно се објавува во овој фељтон на „Нова Македонија“, која, исто така, во годините кога се одржуваа, за нив информираше, како и за другите активности на патриотските собири на Македонците. Со голем патриотизам Македонците во дијаспората, без да размислуваат и да бидат свесни за тоа, испишаа дел на поновата современа македонска историја. За ова досега воопшто не е пишувано, а овој фељтон треба да ги поттикне историчарите да се посветат да го проучат овој голем потфат на Македонците во дијаспората, што се случуваше пред дваесет и пет години.

demonstracii13-2

Од денешен агол погледнато и анализирано, како иницијатор и организатор, можам да заклучам дека демонстрациите одиграа клучна и значајна улога во меѓународното признавање и афирмација на младата македонска држава во светот. Значајно е и тоа што Македонците од сите страни на етничките граници на Македонија, оддалечени со илјадници километри од своите родни огништа, далеку во Европа се сплотија, се обединија и заеднички дејствуваа и на дело го искажаа големиот патриотизам во одбраната на својата татковина Македонија, што го правеа со голема гордост.

– По дваесет и пет години од одржувањето на првата мирна македонска демонстрација за меѓународно признавање на Македонија, во Берлин, пред Рајхстагот, во кој се одржуваше самитот на КЕБС и низ берлинските улици, Македонците го кренаа својот глас за својата татковина Македонија. Тоа беше почеток, демонстрациите и другите активности за одбрана и афирмација на Македонија продолжија низ Европа – се присетува организаторот и двигателот на првата и на наредните демонстрации, Мане Јаковлески. Од оваа временска дистанца, додава тој, можам да кажам дека македонската дијаспора со протестите во Европа, Австралија, Америка и во Канада одиграа клучна улога кај меѓународната заедница за признавање на Македонија. Големиот број демонстрации и протести на многубројната македонска дијаспора со кои се бараше признавање на македонската држава, овозможи да се слушне за Македонија, за македонското име, за неговата историја и голгота низ која минуваше македонскиот народ низ вековите. Сето тоа даде плод и денес Македонија со своето уставно име е призната од повеќе од 130 земји во светот.

Во 25-те години постоење како суверена држава, Македонија постигна многу. Меѓутоа, поради вештачки создадениот спор од страна на нашиот јужен сосед, кој сѐ уште ги оспорува нашето име, идентитет и култура, ни нанесува големи штети и низа тешкотии во евроатлантското интегрирање, кое има негативно влијание врз побрзиот економски развој. Ние, Македонците сме упорни и ќе ги надминеме тешкотиите, но нема да го смениме нашето име, кое е поврзано и со нашиот идентитет, категоричен е Јаковлески. Според него, клучен чувар на македонскиот идентитет е македонската дијаспора, која секогаш е подготвена да го крене својот глас.

– Огромно задоволство и неизмерна радост бликаше во душата и на Македонците од дијаспората, кога беше конституирано првото демократско парламентарно собрание на Република Македонија, со што почна да се остварува сонот за слободна и независна Македонија и едно мирно обединување на Македонија, во обединета Европа – во напишаната изјава за оваа прилика истакнува 81-годишниот Гојко Јаковлески, еден од најекспонираните (дисиденти) мигранти во Западна Германија и истакнат активист и борец за самостојна и обединета Македонија, во втората половина на 20 век.

– Западните европски држави ветија, дека секоја република од распаднатата југословенска федерација, ќе биде призната како независна држава и ќе биде примена во Европската заедница. За жал, тоа не се обвистини за Македонија. Министрите за надворешни работи на членките на ЕЗ, елегантно нѐ оставија настрана. Со ваквиот однос Македонците во Македонија и особено во дијаспората, беа крајно разочарани, но тие воопшто немаа намера да се помират со статусот да бидат неми посматрачи, односно да се помират со наметнатата состојба некој друг да им ја решава судбината и иднината. Напротив, Македонците се обединија и тргнаа на протести. Демонстрации имаше во Берлин, Бон, Брисел и насекаде низ светот каде што работеа и дејствуваа. Почна нивната епска борба за вистината за Македонија и за нејзино признавање под историското и уставно име – МАКЕДОНИЈА. За голема среќа, пред одржувањето на министерскиот самит на КЕБС, во Берлин беше новинарот и публицист Киро Кипроски, кој беше иницијаторот за одржување на првата демонстрација и даде голема помош во организацијата и реализацијата во Берлин, а и потоа и на другите демонстрации низ Западна Европа. Демонстрациите што се одржаа низ многу градови во европските држави: Германија, Белгија, Австрија, Швајцарија, Шкотска, Шведска, како и во САД, Канада и Австралија дадоа голем придонес во афирмацијата на Македонија во светот, борбата за задржување на историското име сѐ уште не е завршена и трае и понатаму. Но Македонците се цврсти во ставот дека на Македонија не ѝ требаат нови кумови. Името Македонија не го даваме! – вели Гојко Јаковлески.

Ристо Прангов, од мариовското село Тополчиште, кој од 1963 година живееше и работеше во Брисел, Белгија, познат македонски патриот и активист, кој основаше културно-уметнички и спортски клубови, беше организатор и учесник на масовната демонстрација што се одржа во Брисел пред седиштето на Европската заедница.

– Жалам што преку демонстрациите што ги организиравме и одржувавме низ континентот, не успеавме целосно да го заокружиме и да го завршиме процесот на меѓународно признавање на нашата татковина и нејзино вклучување во евроатлантските структури како ЕУ и НАТО. Но борбата продолжува со истиот оган и жар. Несомнено, демонстрациите дадоа голем придонес во сочувувањето на вековното историско име. Во свеста на Македонецот цврсто се вкорени сознанието дека никој не може и не смее да си поигрува со името на државата оставено во наследство од генерации Македонци, кои успеале да го сочуваат до денешни дни. Нашата претпоставка беше дека овој проблем многу полесно ќе се реши во услови на владеењето на демократијата како општествена рамка во која се почитуваат човечките права, идентитетот и определба на народите, кои аналогно на тоа самите одлучуваат како да живеат и притоа самите да одлучуваат за својата судбина и иднината. Македонија како самостојна и суверена држава опстојува 25 години. Тој процес неминовно продолжува и понатаму. Отпорот на јужниот сосед кога-тогаш ќе се скрши, Грција ќе престане да се инаети и вештачки да создава криза – категоричен е Ристо Прангов, кој пензионерските денови ги минува во родната татковина и кој е голем активист да се поврати животот во Мариово и во неговото родно село Тополчиште.

„Демонстрациите во Берлин, Минхен, Брисел, Бон, Луксембург и во другите градови во Европа, дадоа голем придонес во процесот за запознавање на европската јавност преку активностите на македонската кауза. Но, по сѐ изгледа дека тоа не беше доволно да го добиеме саканиот резултат. Но нашата желба и цврста одлучност и определеност да живееме во суверена, демократска Република Македонија, никој не може да ја сруши, да нѐ поколебаат да  се откажеме од нашата борба. Не, напротив уште сме поцврсти во настојувањата и ќе истраеме во нашите стремежи да го сочуваме нашето историско име Македонија и да се интегрираме во евроатлантските асоцијации“. Ова е мислењето на Д-р Томислав Лукаров, активист на здружението „Македонија“ и на Македонската заедница од Минхен.

(Крај)

Со срце за Македонија

На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот. Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена…, конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а Македонците и граѓаните „да бидат свои на своето!“

Најново од: На прво место

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

Археологијата поврзана со Александар Македонски открива нови наоди

18 септември 2026 година Новите ископувања во Кралската гимназија во античка Миеза во северна Грција откриваат повеќе за образованието во Македонија во текот на 4 век п.н.е. Локалитетот во близина на модерна Науса научниците го поврзуваат со местото каде што Аристотел го учел младиот Александар и другите македонски кралски наследници. Археолошката гимназија поврзана со Александар […]

Митрополит Григориј: Лажна, заблудувачка и заведувачка презентација на Љубомир Фрчкоски

Пишува: Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј Фрчкоски произнесе колосална манипулација, креирајќи јавно мислење дека „Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) не е автокефална Помесна православна црква (ППЦ)“. Тој емитуваше оркестрирана кампања – Lügenfabrik („фабрика за лаги“) – против автокефалноста на МПЦ – ОА, и тоа преку: Погрешни информации (misinformation) – лажни информации создадени […]

Мицкоски со американската воена индустрија – а замислете на масата да седнеше некој од „стратезите“ на СДС

Премиерот на владата на Република Македонија одржа средба со бизнис-претставници од воената индустрија на САД, како и со официјални претставници од американската администрација задолжени за оваа област. Разговарано е за потенцијални инвестиции, проширување на инвестициските планови и ставање на располагање на расположливите ресурси. Нашата цел е преку сериозни и долгорочни партнерства да отвораме нови можности […]

Петрушевски: Со измените во Законот за пратениците се забранува двојно државјанство – лагите на СДС се демантираат

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во интервју за емисијата „Траги“ на Алсат-М се осврна на поднесените измени на Законот за пратениците, со кои се предлага пратениците да не можат да имаат двојно државјанство. Според него, со ова законско решение ВМРО-ДПМНЕ сака да ги демантира тврдењата на СДС дека пратеници од партијата поседуваат бугарски пасоши. Петрушевски […]

Мицкоски имаше разговорот со Марко Рубио: Македонско-американското стратешко партнерство продолжува да се зајакнува

Разговорот меѓу Мицкоски и Рубио се одржа во Њујорк, а премиерот посочи дека ваквите контакти на високо политичко ниво имаат особено значење за односите меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Според Мицкоски, директната комуникација со американските партнери претставува можност за размена на ставови за прашања од заеднички интерес, продлабочување на билатералните односи и натамошно зајакнување […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

To top