
Денот на независноста 8 септември во Македонија се слави од 1991. На тој ден македонскиот народ , излезе на Референдум и на најдемократски начин ја изгласа својата независност со мнозинство – 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?
По референдумот, водечките светски медиуми излегоа со оценка дека мнозинството гласачи се изјасниле за независност на Македонија и оти тоа ќе значи чекор поблиску до распадот на Југославија.
„…Пред се со референдумот се бара, афирмативно пристапи кон онаа вековна борба на македонскиот народ, која некогаш се решавала со пушки и крв. Денес слободни со својата културна еманципација, национална свест се определиме пред се за самостојна и суверена држава, а потоа да пристапиме со својот правен легитимитет, ослободени од секаква поданиска филозофија и инфериорност и во преговори со партиите, а тоа се шестте републики во Југославија и никакопоинаку, и тоа ни даде за право да кажеме дека нашиот суверенитет и нашата самостојност ја сфаќаме само како поттикнувачки мотив, инспирација и правен легитимитет да стапиме во еден сојуз со суверени држави. Оттука нашата замисла и ние сакаме врз овие принципи и ова видување да изградиме една нова заедница на југословенските суверени држави. Но, во колку не дојде до тоа, тогаш самата историска обврска и судбина ќе не тера да ние пристапиме кон спокојно изодување на своја суверена држава, односно сите нејзини сегменти во правниот, политичкиот, економскиот систем и тоа ќе ни даде шанса да воспоставиме партнерство со сите оние кои ќе имаат интерес со нас да бидат, а Европа е тој дом кој ќе не интегрира и ќе не спои….“
Дел од говорот на акдемик Никола Кљусев, првиот Премиер на Република Македонија
На референдумот му предходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.
Во однос на воспоставувањето на меѓународно-правниот субјективитет, и по неуспехот на Конференцијата за мирно решавање на кризата во Југославија, клучна е Декларација за дисолуција на Југославија што ја донесе Советот на министри на Европската заедница на 16 декември 1991 година со која се упати повик до југословенските републики да се изјаснат дали сакаат да станат независни и меѓународно признати држави.
Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна државноста на Македонија. Следуваа одлуките за воспоставување дипломатски односи од страна на Турција, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.
Македонска нација