Увид во завршните активности за обновување и ставање во функција на двата музејски објекта на Калето, во рамките на подготовките за Скопје – европска престолнина на културата.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во завршните активности за обновување и ставање во функција на двата музејски објекта на Скопското Кале. Тој порача дека Владата ќе ги поддржи надлежните институции, финансиски и логистички, за овој значаен простор да го добие изгледот и функционалноста што ги заслужува.
Мицкоски истакна дека во Скопје има многу работи што треба да се уредат, меѓу кои и Калето. Според него, надминати се предизвиците поврзани со проектот „Скопје – европска престолнина на културата“, а во следниот период треба да продолжат активностите за уредување и оживување на овој простор.
„Очекувам во периодот што следува Калето да го добие оној лик и функционалност какви што заслужува. Тоа ќе биде наша цел како Влада, заедно со институциите што се надлежни за различните делови“, порача Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека по завршувањето на активностите Скопје ќе добие квалитетно уреден простор, кој ќе претставува значајна туристичка атракција.
Тој нагласи дека обновувањето на музејските објекти и уредувањето на Калето се дел од заложбите овој простор да има свое место во проектот „Скопје – европска престолнина на културата“.
„Ние како Влада ќе застанеме зад институциите, и финансиски и логистички, за Скопското Кале да го добие оној лик што го заслужува“, истакна Мицкоски.


