Филипче порача: „Падна Орбан. Падна Вучиќ. Сите знаеме кој е следен“, алудирајќи на Мицкоски. Самоуверена најава, како победата веќе да му е запишана, а останува само граѓаните да бидат известени. Само што во неговиот список недостига почетокот — оној што на Филипче и на СДС најмалку им одговара.
Пред да брои паднати власти во туѓи држави, нека ги преброи поразите во сопствениот партиски двор.
На 8 мај 2024 година СДС доживеа тежок парламентарен пораз и ја загуби власта. Истиот ден, во вториот круг од претседателските избори, беше поразен и партиски поддржаниот кандидат Стево Пендаровски. На овие порази се надоврзаа и тешките порази на локалните избори во 2025 година.
Виктор Орбан и неговата партија Фидес ги изгубија парламентарните избори на 12 април 2026 година, а владејачката коалиција предводена од партијата на Вучиќ претрпе пораз на 25 октомври 2026 година.
Ако веќе ја користи политичката промена како аргумент, нека се потсети дека македонските граѓани веќе направија промена — ја испратија неговата партија во опозиција. Тој дел не може да се избрише со прескокнување од Скопје во Будимпешта и Белград.
Значи, прво власта ја загуби СДС во Македонија, потоа Орбан во Унгарија, а сега следуваше и изборниот пораз на владејачката опција на Вучиќ во Србија. Тоа е редоследот. Историјата не започнува таму каде што му одговара на партиското соопштение на Филипче.
Филипче се обидува успесите на опозицијата во други држави да ги претстави како најава за сопствената победа. Но гласовите освоени во Унгарија и во Србија не се префрлаат на сметката на СДС.
Туѓата победа не е програма на СДС, ниту доказ дека граѓаните ги заборавиле празните ветувања, неисполнетите обврски, обвинувањата за криминал што го следеа неговото владеење и низата промашувања за кои веќе го казнија на повеќе избори.
Изборите не се домино што Филипче ќе го нареди на прес-конференција, па последната плочка задолжително ќе падне во негова корист. Секоја власт одговара за својата работа, а секоја опозиција мора да објасни што нуди и зошто заслужува доверба. Особено кога бара враќање на власт по тешки изборни порази.
Токму тука неговата самоувереност се судира со едно непријатно прашање: ако победата е толку извесна, зошто нема јасен одговор на понудата за предвремени парламентарни избори?
Во Унгарија и во Србија опозицијата бараше избори за да ја смени власта. Во Македонија, пак, Филипче најавува дека Мицкоски е следен, но кога власта порачува дека е подготвена за изборно соочување, од СДС недостига решителното: „Одиме!“
Ако е сигурен дека народот е со него, нека побара таа поддршка да се измери. Политичката храброст лесно се покажува кога се коментира туѓ пораз. Вистинската проверка доаѓа кога треба да се преземе одговорност за сопствениот резултат.
Пред да објави кој е следен за заминување, нека објасни со што СДС заслужил враќање. Зашто власта се освојува со доверба од граѓаните, а не со аплаузи за туѓи победи.
Филипче во соопштенијата — победник однапред. За избори — никако да каже кога. Дали последната анкета му ја расипува славеничката математика и му влева страв од предвремени избори?
