На прво место Дијаспора

Илинден – најголемиот празник кај македонското иселеништво во светтот

Славе Катин

Славе Катин

Илинден – вечниот македонски факел на слободата и државноста

Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година се двата најголеми историски столба на македонската борба за национално ослободување и сопствена држава

Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година се два од најголемите историски настани за македонскиот народ и Република Македонија. И двата се случиле на 2 август – Илинден, денот што го обединува вековниот стремеж на Македонците за слобода, независност и своја држава.

Затоа Илинден е најсветлиот празник на македонскиот слободарски дух и највеличествениот симбол на сенародниот копнеж за слободна Македонија.

Првиот Илинден – востание за слобода и македонска држава

На 2 август 1903 година, на големиот верски празник Илинден, со читање на востаничките прогласи и со биење на црковните камбани, македонскиот народ се кренал на востание против османлиската власт.

Целта била ослободување на Македонија и создавање сопствена државност, заснована врз слобода, рамноправност и народна волја.

Организатор и предводник на востанието била Внатрешната македонска револуционерна организација, основана во 1893 година во Солун од група македонски интелектуалци и учители.

Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, Петар Поп Арсов, Димо Хаџи Димов и плејада други македонски револуционери му дале сила и насока на ослободителното движење. Тие ја развивале идејата за самостојна и автентична македонска револуција, која ќе се потпира врз сопствениот народ и неговата волја за слобода.

Илинденското востание претставувало највисок револуционерен дострел во дотогашната борба на македонскиот народ против султанската тиранија. Тоа станало патоказ за следните генерации и темел врз кој се градела македонската национална и државотворна мисла.

Крушевската Република – предвесник на македонската државност

Крушевската Република е најславната страница на Илинденското востание и најконкретниот израз на државотворните стремежи на македонскиот народ.

Иако траела само десетина дена, Републиката покажала дека востаниците не се бореле само против туѓата власт, туку имале јасна визија за организирано, праведно и демократско општество.

Нејзиниот револуционерно-демократски карактер особено се согледува во Крушевскиот манифест, со кој било повикано населението, без разлика на верата и припадноста, да се приклучи кон заедничката борба против тиранијата.

Илинденското востание и Крушевската Република биле воено задушени, но македонскиот народ излегол како морален победник. Востанието станало голема историска поука и искуство за продолжување на самостојната борба за национално и социјално ослободување.

Илинденскиот подвиг длабоко се врежал во колективната свест на Македонците. Тој станал знаме, симбол и патоказ за сите наредни борбени генерации, кои не дозволиле македонската кауза да згасне.

Поделбата на Македонија

Само десет години по Илинденското востание, Македонија била нападната и поделена меѓу соседните балкански држави. Поделбата била потврдена со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, со кој македонскиот народ останал без сопствена држава и бил изложен на асимилација, прогонување и забрани.

Но постоењето на Македонците не можело да биде избришано. Светската јавност уште во 1903 година известувала за Илинденското востание и за борбата на македонскиот народ против османлиската власт. Бројни новинарски текстови, дипломатски извештаи, сведоштва и историски документи потврдуваат дека светот знаел за Македонија и за македонската ослободителна борба.

Нам не ни е потребно другите да нè дефинираат и да ни кажуваат кои сме. Ние сме Македонци затоа што такви биле нашите татковци и мајки, дедовци и баби и генерациите пред нив. Ние сме Македонци затоа што земјата во која сме родени, во која сме пораснати и во која почиваат нашите предци се вика Македонија.

Вториот Илинден – АСНОМ и возобновувањето на државата

Илинденскиот факел повторно пламнал точно 41 година подоцна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде што било одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ.

Вториот Илинден бил дело на новата македонска борбена генерација, политички предводена од Комунистичката партија на Македонија и поддржана од македонскиот народ, како и од другите народности и антифашистички сили во Македонија.

Со историските решенија на АСНОМ биле поставени темелите на современата македонска држава. Македонскиот јазик бил прогласен за службен, биле потврдени основните човекови и граѓански права и била изразена државотворната волја на македонскиот народ.

Така, идеалот на илинденците од 1903 година добил своја државноправна потврда во 1944 година.

Македонија ја извојувала слободата во Народноослободителната и антифашистичка борба, плаќајќи ја со илјадници човечки животи. Саможртвата на борците овозможила во вардарскиот дел од Македонија да биде создадена современата македонска држава.

Илинден во македонската дијаспора

Илинден е запишан со позлатени букви во календарот на Македонците во сите делови на етничка Македонија и меѓу македонските иселеници ширум светот.

Неговата верска, национална и државотворна симболика ги поврзува Македонците без разлика дали живеат во Австралија, САД, Канада, Европа или на другите континенти. Илинден е ден над деновите и симбол над симболите – препознатлив знак на македонското национално постоење.

Тоа единство најсилно се чувствува за време на традиционалните илинденски иселенички прослави и пикници. Тогаш се одржуваат богослужби, црковни осветувања, културни приредби, фолклорни настапи, спортски натпревари и други национални манифестации.

Повеќе од седум децении овие прослави ги обединуваат Македонците во дијаспората. Преку песната, орото, народната носија, везот, резбата, јазикот и верата се пренесува македонското наследство од една на друга генерација.

Македонските иселеници истовремено ги збогатуваат и културите на државите во кои живеат, но не ги забораваат своите корени и татковината на своите предци.

Од независноста до денес

На 8 септември 1991 година македонскиот народ повторно ја потврди својата волја за самостојна и суверена Република Македонија.

Оттогаш државата минува низ тежок период на демократска, економска и општествена преобразба. Македонија се соочува со сериозни економски, социјални, политички и меѓуетнички предизвици, како и со старите посегања врз македонскиот идентитет, јазик и историја.

И покрај сите притисоци и неправди, македонскиот народ продолжува да опстојува. Македонците во Беломорска и Пиринска Македонија и натаму се борат за признавање и почитување на своите национални, јазични и културни права.

Илинден е нашиот вечен аманет

Илинден е вечниот факел што ги поврзува поколенијата: илинденците од 1903 година, асномците од 1944 година, генерацијата што ја извојува независноста во 1991 година и Македонците денес.

Тоа е бескрајно долг и трнлив пат, исполнет со славни страници, страдања и величествено истрајување. Тоа е патот на еден древен народ, кој низ вековите ја сочувал својата земја, вера, култура, јазик и национално име.

Нашата должност е да го чуваме аманетот на илинденците и асномците, да ја градиме Македонија и да им оставиме на идните поколенија слободна, достоинствена, економски силна и просперитетна држава.

Нека е вечен споменот на македонските херои!
Нека е вечен Илинден!
Нека ни е вечна Македонија!

Најново од: На прво место Дијаспора

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува сквернавењето на македонското знаме во Гостивар

Македонското знаме е симбол на државноста, суверенитетот и независноста на Република Македонија, а секое негово сквернавење треба да биде санкционирано согласно законските прописи. На 27 ноември 2026 година во ОВР Гостивар било пријавено отстранување на македонското државно знаме, поставено од Општина Гостивар на улицата „Илинденска“. На видеоснимката објавена на социјалните мрежи се гледа како две […]

Сребро за Софија Станковска на меѓународниот боксерски турнир во Загреб

Македонската боксерка со борбеност, карактер и одличен настап повторно ја израдува македонската спортска јавност. Македонската боксерка Софија Станковска со нејзиниот трењер Кристијан-Кице Мојсовски Македонската боксерка Софија Станковска, членка на БК „Аперкат“, освои сребрен медал на меѓународниот боксерски турнир „Zagreb Boxing Queen“, потврдувајќи го својот талент и потенцијал. По одличната победа со едногласна одлука на судиите […]

Свети апостол и евангелист Матеј

На овој ден именден празнуваат Матеј, Матеја и Матко. На 29 ноември Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на Свети апостол и евангелист Матеј, еден од дванаесетте Христови апостоли и автор на првото Евангелие во Новиот завет, според црковното предание. Свети Матеј, познат и под името Левиј, бил син на Алфеј. Пред […]

Скопје ќе блесне во новогодишно руво

Скопјани ќе имаат единствена голема новогодишна прослава на градскиот плоштад, главниот град ќе биде украсен во периодот од 10 до 15 декември, а паралелно продолжува реализацијата на значајните инфраструктурни проекти. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето во „Тема на денот“ на телевизија Сител, ги најави плановите за новогодишното украсување на главниот град и […]

Филипче и СДС – како ловџија со празна пушка

Она што Владата предводена од Христијан Мицкоски го реализираше или го започна за две и пол години, Филипче треба да го спореди со резултатите од седумгодишното владеење на СДС и да објасни како би го реализирал во наредните дваесет и пет години. Политичката одговорност не се избегнува со постојано критикување на актуелната власт, туку со […]

Софија Станковска и Матеја Илиевска во борба за злато во Загреб

Македонските боксерки Софија Станковска и Матеја Илиевска денеска ќе се борат за златни медали на меѓународниот боксерски турнир „Zagreb Boxing Queen“ во Хрватска. Софија Станковска од БК „Аперкат“ вчера со одличен настап, борбеност и извонредна техника извојува убедлива победа со едногласна одлука на судиите, со резултат 5:0, обезбедувајќи пласман во финалето. Матеја Илиевска од АС […]

Започнуваат Божикните пости – духовна подготовка и македонска народна традиција

На 28 ноември започнуваат четириесетдневните Божикни пости, кои траат до Бадник, 6 јануари, во пресрет на еден од најголемите христијански празници – Рождеството Христово, Божик. Божикниот пост претставува период на духовно прочистување, молитва, покајание, милосрдие, простување и подготовка за достоинствено празнување на Христовото раѓање. Божикните пости во македонската народна традиција Почетокот на Божикните пости има […]

Гордана Димовска: Клучни информации за гласањето во Викторија

Денес, сабота, 28 ноември 2026 година, се одржуваат редовните  шеесет и први државни избори во сојузната држава, Викторија. Се одржуваат континуирано од 1856 година, кога Викторија воспоставила дводомен парламент со одговорна влада. Тие доаѓаат по изборите во ноември 2022 година (60-ти парламент), а новоизбраните 88 пратеници во Долниот дом и 40 членови во Горниот дом […]

To top