АЛТА банка на Мацура ја носи Владата на СДС и ДУИ
Владата на СДС и ДУИ уште во 2023 година дала насока за влегување во деловни односи со АЛТА банка од Србија, посочи премиерот Христијан Мицкоски на надзорната расправа во Собранието, покажувајќи извадок од нацрт-записник од владина седница одржана на 24 октомври 2023 година.
Одговарајќи на прашања од пратениците, Мицкоски рече дека одредени политички структури деновиве континуирано се обидуваат да шират, како што оцени, хистерија на лажна основа против него и против купувањето на Стопанска банка – Битола од страна на АЛТА банка од Србија.
„Ги разбирам одредени политички партии кои се обидуваат да катализираат, да филтрираат, да контролираат бизнис-процеси во државата. Тоа е една политичка структура која тоа го има длабоко во својот карактер и начин на политичко функционирање. Но оваа Влада апсолутно така не функционира. Секој оној што ќе ги исполни условите и законите може слободно да води бизнис во Македонија“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата ги застапува пазарната економија и демократските вредности.
„Тие времиња на едноумие, на селектирање, на фамилијарни и семејни бизнис-профили се поминати, поразени неколкупати на избори и убеден сум дека тоа нема да ѝ се повтори на Македонија“, истакна премиерот.
Во освртот на прашањето на Венко Филипче, кој го споменал сопственикот на АЛТА банка, Давор Мацура, и изнел тврдења за поврзаноста на банката со Александар Вучиќ и за потеклото на капиталот, Мицкоски покажа извадок од нацрт-записник од седница на Владата од 24 октомври 2023 година, кога премиер бил Димитар Ковачевски.
Според Мицкоски, на таа седница тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими доставил информација со која побарал Владата да му одобри на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со АЛТА банка од Србија.
„Уште во 2023 година Владата на СДС и ДУИ му дава насока на Правобранителството да влезе во деловни односи со истиот овој сопственик, Давор Мацура. Па тука се поставува прашањето дали тогаш тие знаеле кој е или, кога се одлучиле акциите што ги поседува државата во банката што ја купува Мацура да му ги продадат, имале претстава исто така дека тоа е руски капитал, валкани пари, криминално стекнати пари, како што велат сега, или тогаш тоа не важело“, праша Мицкоски.
Премиерот посочи дека на таа владина седница присуствувале и тогашни членови на Владата кои денес се пратеници на СДС.
„Сите тие гласале да се даде право на Државното правобранителство акциите во сопственост на Македонија во банката што ја купува Давор Мацура да му ги отуѓат. Сега се поставува прашањето: каков е тогаш тој капитал? Дали тој капитал е поинаков, дали тогаш Вучиќ не бил режим и не била банката на Вучиќ?“, рече Мицкоски.
Во продолжение, тој се осврна и на односот на тогашната власт кон српскиот претседател за време на пандемијата, обвинувајќи ја дека „правела естрада“ при добивањето 5.000 вакцини и дека била неспособна самостојно да ги набави.
„Јас сум вчудоневиден, но сакам македонската јавност ова јасно да го знае. Македонија како држава во деловни односи со АЛТА банка на Мацура ја носи Владата на СДС и ДУИ“, порача Мицкоски.