Дијаспора

Москва – светската метропола и градот на Пушкин

moskva4

moskva4

ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – РУСИЈА  (4)

Во текот на нашиот престој бевме запознати со голем број историски факти кои го отсликуваат минатото на таа славјанска земја. Така, од нашиот водич, во лицето на една убава, културна, знајна Русинка, која прекрасно зборуваше на македонски јазик, а која била само еднаш во Македонија на Семинарот за македонски јазик во Охрид, добивме многу информации за минатото и сегашноста од историјата, културата, религијата, политиката, напредокот на државата, разликите, предностите и негативностите во живеењето на познати личности, како и на обичните смртници во Русија.

Таа нè информира дека развојот на царскиот автократски апсолутизам својот врв го достигнал за време на владеењето на Иван IV познат и како Иван Грозни. Тој е првиот владетел што се прогласил за цар на цела Русија, во 1547 година. Тој ја зајакнал позицијата на монархот до највисоко ниво. Исто така, во негово време биле направени едни од најголемите реформи на Русија. Иван Грозни успеал да ги заземе Казанското, Астраханското и Сибирското ханство.  Овие освојувања ја прекинале до тогаш  постојната миграција на азиските народи до Европа преку Волга и Урал.

По смртта на Иван Грозни, негов наследник станал син му Фјодор I. Во текот на неговото владеење следувал период на граѓански војни и „странска“ интервенција позната како „Време на проблемите“. Екстремно ладните лета довеле до голем глад и зголемување на социјалната неорганизираност. Владеењето на Борис Годунов, било проследено со големи бунтови и востанија, и покрај тоа што тој извршил големи реформи во Русија.

Бевме информирани дека Руската Империја е наследник на т.н. Руско или Московско Царство, во која како цареви владееле наследниците на Иван IV. Но, се чини дека Империјата се родила со Петар I, кој извршил реформи и во војската, а според западните стандарди и реформи во земјоделството и индустријата.

Црквата, исто така, претрпела промени. Патријархот на руската црква бил заменет со Синод, кој бил под директна контрола на царот. Во 1699 година, Петар го напуштил традиционалниот руски календар, во кој годината започнувала на 1 септември и го прифатил  јулијанскиот календар, каде годината започнува на 1 јануари. Од доаѓањето на власт, па сѐ до неговата смрт, Петар без прекин водел војни, од кои зависела целата негова политика.

golemiot-puskin
Големиот Пушкин

Тој војувал против Османлиското Царство, за потоа да го освои пристанишниот град Азов и на Русија ѝ осигурил излез на Црното Море. Тој војувал и против Персија, со што освоил и територии на западниот и јужниот брег на Каспиското Езеро. Тие територии, Русија ги загубила многу бргу по неговата смрт. Меѓутоа, најважна од сите војни кои ги водел, била онаа против Шведска, која траела 21 година.

Значаен период за руската историографија е, секако, појавата на рускиот престол на еден од амбициозните и безмилосни владетели –  Екатерина II, која била германска принцеза и се омажила за руски наследник на престолот. Таа имала право во Русија да ги заштитува интересите на христијаните во Османлиската Империја, а Кримското ханство добило независност од султанот. Екатерина својата земја ја претворила во една од најсилните и најголемите земји во Европа и светот. Територијалните проширувања продолжиле во времето на нејзините наследници Александар I, кој ја зазел Финска од ослабнатата Шведска  и Бесарабија од Османлиската Империја.

При посетата на споменикот на Боро­дин­ска­та  битка бевме информирани дека Наполеон Бонапарта направил голема грешка, кога, по конфликтот со цар Александар I пошол во освојување на Царска Русија  во 1812 година. Оваа кампања на воени походи на крајот била со катастрофални последици за Наполеон, од причина бидејќи руската армија постојано го избегнувала директниот удар и тактиката на Наполеон. Поради страшно студената руска зима, илјадници француски војници умреле од студ во снегот. Спроведувајќи герилски начин на војување, Русите ги натерале Французите да се повлечат, а по најавеното  повлекување, руските војски отишле до таму што ги гонеле  низ цела Централна и Западна Европа, додека не  пристигнале во Париз.

Ако во 1812 година бил запоседнат од Наполеоновата наезда на Русија во Втората светска војна во 1941 година, на истото место пред Москва била сопрена германската војска и принудена да се повлекува, а Хитлер го положил оружјето на истото место кое на симболичен начин е одбележано и служи за поттик и сеќавање на рус­киот народ, кој на свој многу патриотски начин, ка­рак­те­рис­тичен и единствен,знаел да ја одбрани својата земја.

Во Москва, градот на големиот поет Пушкин е неодминлива посетата на Кремљ. Тој е централен ут­врден дел на градот подигнат во XV век, кој има ос­нова на триаголник и е опкружен со ѕидини 12 мет­­ри високи и 2 200 метри долги. Во него, меѓу дру­гото, се наоѓа дворецот Терем, Гранитната па­ла­та и Успенската црква во која се крунисани руските ца­реви. Кремљ во градбата поседува типично руски стил и се разликува од другите акрополи. Денес во него се наоѓаат зградата на врховната управа на Русија и Конгресната палата, а под ѕидините на Црвениот плош­тад е  мавзолејот на Ленин.

Денес во Москва можат да се видат огромни промени. Ако во еден период од седумдесетина години се изградија бројни монументи и нови, ка­рак­теристични градби за тој период, по 1991 година со распаѓањето на Советскиот Сојуз во Москва мо­жат да се видат радикални промени. Се извишуваат со­­времени градби, трговски центри и ноќни клубови за забава. За­тоа Москва наликува на главен град на некоја западна земја. Тоа е град со бурна историја и еден од нај­ста­рите градови во Русија кој се споменува во сре­ди­ната на XII век. Во средниот век тој бил престол­нина на Руското Кнежевство и на Руското Цар­ство, сè до 1712 година. Тогаш Петар Велики ја пре­ме­стил престолнината од Москва во Петроград (поранешен Ленинград), денес Санкт Петербург, кој како значаен стратешки центар бил мета на сите воини, војски и освојувачи.

Веројатно е здодевно да се кажуваат при­ме­рите дека Русите читаат во јавниот превоз и не фр­лаат отпадоци по улиците. Можеби тие се и најбројни во светот кои ги посетуваат театрите и биб­лио­те­ките, а во овие нови времиња и кафеаните. Таква е руската нација, со сите позитивности и со сите пороци.

Ваквите убавини и контрасти, интересни историски нас­тани, споменици на култура­та, карактеристики и кон­тро­верзи на Русија и на рускиот народ, на одреден начин, ги видовме и почувствувавме во Москва. Меѓутоа, сè има почеток и крај, па и нашиот престој кој траеше неколку дена.

Ја напуштивме Москва во делник, во вечерните ча­сови кога сонцето тонеше над не­прег­ледните рам­­ни пространства на Русија. На аеродромот „Ше­ре­мет­јево“ имаше вообичаена мешаница. Луѓето брзаа за свои­те дестинации. А патувањето со авион во Русија е неопходно заради големите оддалечености што ги чекаат патниците по инаку големата земја.

ermitaz
Ермитаж

Од авионот беше пријатно да се гледаат панорамите на убавата Москва и на нејзините пред­гра­дија. Во тие моменти најдовме време да ги резимираме впе­чатоците за средбите, за настаните, за сè она што го видовме, почувствувавме и до­­жи­­веавме во москов­ски­те дни и вечери.

Не се задржавме во овој приказ на прошетките низ музеите, во најпознатиот театар „Бољшој“ и чудесното „Лебедово езеро“ на Чајковски. Ниту на прекрасните Подмосковски вечери, на дружбите и кафетериите. Москва е интересен спој, метропола која дочекува и испраќа на само нејзин своевиден руски начин.

Продолжува

slave-katin-33
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com

Најново од: Дијаспора

Крис Петровски – од Битола до Холивуд

Актерот со македонски корени ја продолжува филмската приказна на својот роден град и ги охрабрува младите да веруваат во сопствениот талент. Кога ќе се спомене Битола, првите асоцијации се Градот на конзулите, браќата Манаки, филмот, театарот и препознатливата боемска култура. Но, културното богатство на еден град не се мери само со неговото минато. Неговата вистинска […]

ВО АВСТРАЛИЈА ЖИВЕЕ УШТЕ ЕДНА МАКЕДОНИЈА

Фиданка Танаскова   Во Скопје на 14 октомври промовирана антологијата со поезија „Илинден во нашите срца“ од членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј Промотор на антологијата на овој свечен чин во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ на македонските поети од петтиот континент беше проф. д-р Виолета Ачкоска. Прекрасна октомвриско-роднокрајно-иселеничка промотивна вечер беше […]

Весникот „Македонија“ во Торонто – македонскиот збор далеку од татковината

На 15 октомври 1984 година во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Овој датум останува забележан во историјата на македонскиот иселенички печат и во настојувањата да се зачуваат јазикот, културата и врските со татковината. За Македонците што живееле илјадници километри од родниот крај, печатениот македонски збор имал особено […]

Академик Синиша Станковиќ – вљубеник во Охридското Езеро и Охрид

Животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, биолог, еколог, револуционер и општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ, е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид и Македонија, со развојот на биолошките науки и со афирмацијата на научната мисла во македонското општество. Неговото име е поврзано и со постоењето и конституирањето на […]

Михајло (Мајкл) Пупин – светски научник со македонски корени од Вевчани

Михајло Идворски Пупин бил професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Тој бил научник кој, во текот на својата експериментална работа, го задолжил светот со своите откритија на полето на безжичната телеграфија и телефонија, како и рендгенологијата, а имал и големи заслуги за развојот на електротехниката. За својата работа Михајло Пупин добил многу научни признанија и […]

На 2 ноември 1984 година – Весникот „Македонија“ во Торонто, македонски збор далеку од татковината

Излегувањето на првиот број на весникот „Македонија“ во Торонто е значаен датум во историјата на македонскиот иселенички печат и во негувањето на јазикот, културата и врските со татковината. На 2 ноември 1984 година, во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Потоа весникот излегувал редовно, секој 15-ти во месецот, […]

ОМД: 85 години од народното востание – Честит 11 Октомври!

Слободата, македонскиот идентитет и единството се завет што ги поврзува Македонците во татковината и во светот. Денес го одбележуваме 11 Октомври – Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја. На овој ден во 1941 година започна народното востание против фашистичката окупација. Храбрите синови и ќерки на Македонија ја поведоа борбата, водени […]

Покана за промоција на антологијата „Илинден во нашите срца“ во Скопје

Поезијата на Македонците од Австралија пред домашната публика – на 14 октомври, во 19:30 часот, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Агенцијата за иселеништво и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје упатуваат покана за промоција на поетската антологија „Илинден во нашите срца“, со песни од членовите на Литературното друштво „Григор […]

To top