Дијаспора

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Славе Катин

Славе Катин

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот национален универзитет во Канбера.

Професорот де Бреј беше љубезен и со задоволство прифати да го посетиме и да разговараме во неговиот дом, сместен во еден од најубавите квартови на Канбера. Притоа разговаравме за минатото, сегашноста и иднината, за неговиот научен интерес, македонскиот јазик и литература, подготовките на македонско-англискиот толковен речник и за сè она што овој угледен научник и врвен славист го поврзуваше со македонскиот народ и Македонија.

Во разговорот што траеше неколку часа, а на кој присуствуваше и неговата асистентка Сунчица Мирчевска, дознавме дека студирал во Англија, каде што и докторирал на Лондонскиот универзитет на тема од областа на фонетиката на српско-хрватскиот јазик. Предавал компаративна граматика на словенските јазици на Лондонскиот универзитет, а потоа и на Универзитетот во Мелбурн и на Австралискиот национален универзитет во Канбера. Од 1974 година бил член-соработник на Австралиската академија за хуманистички науки.

Професорот Реџиналд де Бреј, покрај другото, е автор на познатата обемна публикација „Водич на словенски јазици“, отпечатена во Лондон во 1951 година, со која го заслужи епитетот славист од светски глас. Во ова познато дело видно место му посветува на македонскиот јазик. Околу осумдесет страници се посветени на развојниот пат на литературниот јазик и на граматиката, а дава и избор на македонски текстови и се осврнува на прашањата поврзани со признавањето и непризнавањето на македонскиот јазик, како и на причините и последиците.

Професорот де Бреј беше благороден човек, хуман и со широки човечки и духовни хоризонти. Во неговиот дом, исполнет со многу книги од целиот свет, како и од Македонија, се запознавме и со неговата сопруга од италијанско потекло, која нè послужи со англиско кафе.

Неговиот дом за живеење и работа беше еден вид градина, сместен меѓу многубројни дрвја и зеленило и наликуваше на издвоена оаза. Во собата во која разговаравме, на централно место беше поставен постерот на ангелот од црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, што мене како Преспанец ми беше посебно мило.

Во разговорот дознавме дека професорот де Бреј бил вљубеник во културно-историските споменици на Македонија, особено во Курбиново, „Света Софија“ и „Свети Спас“, како и во македонскиот народ, неговиот јазик и литература.

Професорот де Бреј раскажа дека ја посетил Македонија во триесеттите години, уште кога бил студент, кога дошол во Скопје. Во тој период тој дел на Македонија се нарекувал Јужна Србија. Меѓутоа, при неговата посета се уверил во посебностите на македонскиот јазик, бидејќи слушнал различен јазик кој не бил ниту српски, ниту бугарски, ниту грчки, туку посебен јазик, што за него претставувало откритие.

Тој јазик што го слушнал пред војната подоцна станал познат и признат како посебен јазик во новата Република Македонија. Де Бреј многу се заинтересирал за јазикот во Македонија и направил опис на македонскиот јазик врз база на граматиката на Круме Кепески, а потоа тој материјал го вклучил во својата книга „Водич на словенските јазици“.

Во публикацијата ги опишува посебните словенски јазици, почнувајќи од старословенскиот, па сè до јужнословенските, западнословенските и источнословенските јазици. Македонскиот јазик е еден од овие јазици кој ги има сите особености на другите словенски јазици.

Капитален македонско-англиски речник

Цели осум години професорот Реџиналд де Бреј работел на опширен македонско-англиски толковен речник во соработка со Институтот за македонски јазик во Скопје, особено со македонските научници Трајко Стаматовски, Благоја Корубин и Тодор Димитровски.

Ни покажа дел од изработениот речник, кој го подготвувал со асистенција на д-р Питер Хил од Австралија. Видовме 765 готови страници, што навистина претставуваше обемно и капитално дело.

Д-р де Бреј нè информира дека проектот за македонско-англискиот речник го финансирала австралиската влада преку Австралиската програма за доделување стипендии за научни истражувања. Тоа претставуваше значајно признание за македонскиот јазик и народ и за Македонија, која во тие моменти се бореше да го добие своето место под сонцето како суверена и независна држава.

Истакнатиот славист, македонист, поет, преведувач и интелектуалец со широки хуманистички хоризонти, професорот Реџиналд де Бреј, за своите заслуги на полето на науката ја добил титулата заслужен професор (emeritus professor).

Тој се докажал и на полето на преведувачката дејност, пренесувајќи дела од македонски автори на англиски јазик. Преведувал поезија од Радован Павловски и Анте Поповски, а и самиот пишувал поезија.

За своите заслуги кон македонистиката и македонскиот народ, професорот де Бреј бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав.

При неговата посета во 1988 година одржал беседа на тема „Проблемите во составувањето на еден нов македонско-англиски речник и во преводот од македонски на англиски“, што претставувало уште еден прилог кон македонската наука.

Еден од големите слависти на своето време

Според биографските податоци, професорот Реџиналд Џорџ Артур де Бреј бил роден во Санкт Петербург, Русија, во 1912 година. Неговото семејство се преселило во Англија, каде што го посетувал училиштето Хилстон во Грејт Малверн, а потоа специјализирал класични студии на колеџот Малборо.

Отишол во Лозана да студира француски, а студиите ги продолжил на колеџот Ориел во Оксфорд. Пред да наполни триесет години зборувал голем број јазици, меѓу кои француски, германски, италијански, шпански, руски, полски, српски, хрватски, чешки, словенечки, македонски, бугарски, словачки, украински, латински и грчки.

Како исклучително надарен лингвист се вработил во „The Postal Censorship Service in the Uncommon Languages Department“. Подоцна, за време на војната, бил вработен во Европскиот сервис на Би-Би-Си.

Во Лондон бил ангажиран како лектор по компаративна славистичка филологија на Школата за словенски и источноевропски студии при Универзитетот во Лондон.

Во 1963 година Реџиналд де Бреј станал основач-професор на Универзитетот Монаш. Подоцна, во 1971 година, прифатил да предава руски јазик и да го отвори Одделот за словенски јазици на Австралискиот национален универзитет. На оваа должност останал до пензионирањето како емеритус професор во 1977 година.

Емеритус професорот Реџиналд Џорџ Артур де Бреј починал на 29 мај 1993 година во главниот град на Австралија – Канбера, каде што се наоѓа неговиот вечен дом.

Тој ќе остане запаметен по својата богата научна дејност и како меѓународно признат славист, чии студии за словенските јазици придонеле за развојот на славистиката во академските институции ширум светот.

Беше еден од славистите познати и почитувани во академските средини на Харвард, Оксфорд и Сорбона, како и во Москва, Белград, Софија и Скопје. Посебно место во неговото научно дело зазема интересот кон Македонија, македонскиот јазик, литературата и културното наследство.

10 ознаки: Реџиналд де Бреј, Славе Катин, македонистика, македонски јазик, Македонија, славистика, Македонско-англиски речник, МАНУ, Австралија, Канбера

Најново од: Дијаспора

Македонија и Македонците ширум светот, поврзани под едно сонце

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повикува Македонците ширум светот да се вклучат во „МК Конект“ – платформата на волонтери-дописници на Македонската радио-телевизија и Агенцијата за иселеништво. Платформата произлезе од меморандумот за заемна соработка меѓу двете институции, со цел посилно поврзување на македонските иселеници со татковината. ОМД со гордост ја поддржува иницијативата и го поздравува нејзиниот […]

„Заветна“ — песна за нераскинливата врска со Македонија

Постојат песни во кои љубовта кон татковината се изразува како ветување. Таква е „Заветна“, во изведба на Пепи Бафтировски, со музика на Миле Барбаровски и текст на Георги Барбаровски — песна за страдањето, истрајноста и длабоката поврзаност на човекот со македонската земја. Уште во почетните стихови се навестуваат обидите Македонија да биде премолчена, сокриена и […]

Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината и партнер во градењето на нејзината иднина

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Солинген, Сојузна Република Германија, заедно со членови на Извршниот комитет, присуствуваше на Третата конференција на задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Пред присутните делегати, Мицкоски ги претстави актуелните состојби во Македонија, економските резултати, инфраструктурните инвестиции и предизвиците со кои се соочува државата во услови на глобални енергетски и економски неизвесности. […]

„Повод“ – македонски глас од Сиднеј што ја поврзува дијаспората со татковината

Фиданка Танаскова Најновиот, 79. број на списанието на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија носи богат мозаик од книжевни осврти, културни настани и иселенички сведоштва, во служба на македонскиот јазик, култура и идентитет. Списанието „Повод“, едно од најреномираните македонски иселенички гласила во светот,  што го издава Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, […]

„Т’га за југ“ — песна за секое македонско срце далеку од дома

„Т’га за југ“ од Константин Миладинов е длабоко лична исповед за копнежот по родниот крај. Во неа, далечината се чувствува како студ во душата, а споменот на татковината носи светлина и топлина. Наспроти мракот, маглите и мразовите стојат Охрид, Струга, езерото и родните предели — места во кои поетот чувствува дека припаѓа. Желбата да добие […]

„Чувари на верата и македонскиот идеал“ – во Мелбурн одбележан Денот на македонската револуционерна борба

Со панихида, положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев и културна програма, македонската заедница оддаде почит на националните дејци и на архиепископот Ангелариј. Под мотото „Чувари на верата и македонскиот идеал“, Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија на 24 октомври го одбележа Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври. На настанот беше одбележана […]

Крис Петровски – од Битола до Холивуд

Актерот со македонски корени ја продолжува филмската приказна на својот роден град и ги охрабрува младите да веруваат во сопствениот талент. Кога ќе се спомене Битола, првите асоцијации се Градот на конзулите, браќата Манаки, филмот, театарот и препознатливата боемска култура. Но, културното богатство на еден град не се мери само со неговото минато. Неговата вистинска […]

ВО АВСТРАЛИЈА ЖИВЕЕ УШТЕ ЕДНА МАКЕДОНИЈА

Фиданка Танаскова   Во Скопје на 14 октомври промовирана антологијата со поезија „Илинден во нашите срца“ од членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј Промотор на антологијата на овој свечен чин во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ на македонските поети од петтиот континент беше проф. д-р Виолета Ачкоска. Прекрасна октомвриско-роднокрајно-иселеничка промотивна вечер беше […]

To top