Во координација со Основното јавно обвинителство се истражува евентуална одговорност за загадувањето на водата за пиење, а официјални информации за текот на постапката се очекуваат во текот на денот.
Во Гостивар е во тек координирана полициска акција поврзана со случајот со загадувањето на водата за пиење, при што, според информации објавени од „Курир“, се приведени три лица од раководството на ЈП „Комуналец“ – Гостивар.

Вршителот на должноста директорката Аратана Асани
Станува збор за вршителот на должноста директор Аратана Асани, раководителот на Одделението за водовод Вадедин Дервиши и техничкиот директор Леон Нуредини. Според истите информации, тројцата биле приведени по итна постапка.
Активностите се спроведуваат во координација со Основното јавно обвинителство, а предметот првично се разгледува во насока на сомнение за кривичните дела „Загадување вода за пиење“ и „Тешки дела против животната средина и природата“, предвидени со Кривичниот законик.
Надлежните институции сè уште не соопштија официјални детали за преземените дејствија, правниот статус на приведените и доказите што се обезбедуваат. Повеќе информации се очекуваат по завршувањето на полициската акција.
Случајот следува по сериозните проблеми со водоснабдувањето во Гостивар и забраната водата од градскиот водовод да се користи за пиење.
Според неофицијални информации за резултатите од анализите на Институтот за јавно здравје, од четири испитани примероци вода, во два биле пронајдени фекални колиформни бактерии, додека во еден примерок било утврдено и зголемено присуство на хлор.
Само неколку часа откако градоначалникот Баљбон Лимани соопшти дека ги суспендирал одговорните во ЈП „Комуналец“, директорката Артана Асани, техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на водоводот Вадедин Дервиши беа уапсени во рамките на истрагата за загадувањето на гостиварската вода.
Градоначалникот Баљбон Лимани изјави дека не чувствува морална одговорност за состојбата, бидејќи со водоводот управува ЈП „Комуналец“, но нагласи дека одговорните лица се суспендирани и дека ќе се постапи согласно резултатите од истрагата.