Во 1913 година не ја поделија само македонската земја. Пресекоа семејства, населби и духовни средишта. Потоа посегнаа и по македонското минато — по владетелите, револуционерите, јазикот, културата и паметењето на народот. Но државната граница не е сопственички лист врз историјата!
Со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година била утврдена поделбата на Македонија меѓу Грција, Србија и Бугарија. Егејскиот дел потпаднал под Грција, Вардарскиот под Србија, а Пиринскиот под Бугарија. Во поширокото разграничување по Балканските војни, дел од македонскиот простор останал и во границите на Албанија.
Македонија била поделена. Македонскиот народ не добил своја држава, туку нови граници и нови господари.
Но на државите што ја поделиле Македонија не им била доволна земјата. Со територијата под нивна власт дошле и старите градови, црквите, манастирите, гробовите, ракописите и археолошките наоѓалишта. Следувала борбата сето тоа да се вклопи во нивните национални истории, а Македонците да го прифатат туѓото толкување на сопственото минато.
Во Букурешкиот договор нема одредба со која се делат историјата и културата. Но политиките што следувале ја продолжиле поделбата и таму каде што границата не може да се повлече со линија — во јазикот, идентитетот и историската меморија.
Грција го добила Егејскиот дел, но со тоа не добила право да биде единствен судија на целото македонско минато.
Пела и Ајга, кај денешна Вергина, се средишта на античкото Македонско Кралство. Дворците, царските гробници и археолошките предмети сведочат за Филип Втори, Александар Македонски и нивното време.
Денес тие наоѓалишта се во границите на Грција. Но нивната денешна географска положба не е доволна за да се затвори секоја историска расправа, ниту за да се прогласи исклучива сопственост врз името Македонија и врз целото нејзино наследство.
Археолошкото наоѓалиште има адреса. Историјата не може да се сведе на таа адреса.
Истото прашање се поставува и за средновековните цркви, манастири и ракописи во Егејска Македонија. Тие не почнале да постојат во 1913 година. Нивното минато е постаро од границите што денес ги опкружуваат.
Бугарија го добила Пиринскиот дел, а потоа неговото револуционерно и културно наследство го вградила во бугарската национална историја.
Јане Сандански, Серскиот револуционерен округ и борбата за ослободување на Македонија се претставуваат во бугарска национална рамка. Истото присвојување, од македонска гледна точка, се препознава и во односот кон Гоце Делчев и кон македонското револуционерно движење.
Гоце Делчев е роден во Кукуш, град што денес е во Грција. Бугарија го претставува како бугарски национален деец. Токму неговиот пример покажува колку е неодржливо историјата да се дели според денешните граници: родното место е во една држава, документите и толкувањата се распоредени во повеќе држави, а неговата борба за Македонија е во средиштето на македонската историска меморија.
Македонските револуционери не се предмети што можат да се распределат според тоа кој денес ја контролира нивната родна куќа, нивниот гроб или нивните писма.
Србија го добила Вардарскиот дел. Во периодот меѓу двете светски војни, македонското население било третирано како јужносрпско, а македонскиот јазик како српски дијалект. Зад административните називи стоел обид Македонецот да биде убеден дека е нешто друго, а неговиот јазик дека е туѓ.
Затоа поделбата на Македонија не смее да се гледа само на карта. Таа го засегнала и правото на Македонците самите да кажат кои се, на кој јазик зборуваат и како го паметат своето минато.
Денешниот договор меѓу Грција и Бугарија за останките на цар Самуил повторно ја отвора оваа рана.
Според објавените информации, Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија останките идентификувани како останки на цар Самуил, пронајдени во базиликата „Свети Ахил“ во Преспа. За возврат, Бугарија ќе предаде речиси педесет црковни предмети од манастирите на Пангејските Планини и кај Сер, однесени за време на Првата светска војна.
За Атина и Софија ова е дипломатски успех. Но за Македонија останува прашањето:
Каде е македонскиот глас кога се договара судбината на наследството поврзано со Преспа и со македонските историски средишта?
Самуиловата држава не може да се објасни без Преспа и Охрид. Ниту еден саркофаг, ниту една церемонија и ниту еден меѓудржавен договор не можат да ја избришат таа поврзаност.
Останките заслужуваат почит и достоинствено постапување. Но политичката свеченост не е научен доказ, а местото на нивното идно чување не може да стане конечна пресуда за целата историја на владетелот.
Не бараме да се избришат другите од историјата. Бараме Македонија и Македонците да не бидат избришани од неа. Соработката меѓу соседите заслужува почит, но таа не им дава право да го затворат разговорот за наследството што има пошироко историско значење.
Ја поделиле Македонија, но не успеале да ја пресечат нејзината историска меморија. Пела, Преспа, Охрид, Сер и Пирин остануваат поврзани со историјата на Македонија, без оглед на денешните граници.
Нашата обврска е таа историја да ја истражуваме, да ја чуваме и јасно да им ја пренесуваме на нашите деца и внуци. Со знаење и со достоинство, но и со решителност кога некој се обидува да нè исклучи од сопственото минато.
И затоа стихот „Делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила“ продолжува да живее во македонското паметење — во Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија, во Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и меѓу Македонците во дијаспората.
Соседите ја поделиле Македонија, но неможат да ни ја земат и нашата меморија.
Македонија вечна!