Наметнатиот билатерален спор не смее да има примат пред Копенхашките критериуми
Македонија заслужува напредок според реформите и подготвеноста за членство. Фон дер Лајен оценила дека досегашните реформи се импресивни и порачала дека местото на Македонија е во Европската Унија.
Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, на денешната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја нагласила потребата европскиот напредок на Македонија да се оценува според исполнувањето на Копенхашките критериуми, наместо предност да добива наметнатиот билатерален спор.
Сиљановска-Давкова изразила благодарност за растечкиот интерес и посветеноста на Европската Унија кон регионот, истакнувајќи го личниот придонес на фон дер Лајен во забрзувањето на регионалните евроинтеграциски процеси.
Според соопштението од претседателскиот кабинет, Сиљановска-Давкова посочила дека, иако Македонија формално не е меѓу западнобалканските држави со најголем напредок, заслужува да биде во таа група според два клучни елемента: техничката подготвеност и усогласеноста со европската надворешна и безбедносна политика.
Причината за македонското заостанување, според претседателката, е во давањето примат на наметнатиот билатерален спор пред Копенхашките критериуми.
Сиљановска-Давкова изразила уверување дека обезбедувањето исти можности за Македонија како оние за Украина и Молдавија ќе ја зајакне институционалната подготвеност и ќе ги обнови довербата и мотивацијата за европеизација. Тоа, според неа, ќе придонесе и за забрзување на реформскиот процес.
Претседателката потсетила и на потребата од одржување политичка меѓувладина конференција, во согласност со новата методологија и Преговарачката рамка, како и редовен состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Притоа ја нагласила важноста интеграцискиот процес да биде активен и да носи видливи резултати за македонските граѓани.
Фон дер Лајен, според соопштението, истакнала дека местото на Македонија е во Европската Унија и дека Унијата ќе продолжи сестрано да ја поддржува земјата на реформскиот и евроинтеграцискиот пат. Досегашните реформи ги оценила како импресивни.
Претседателката на Европската комисија укажала на неопходноста од деблокирање на македонското напредување кон ЕУ, во духот на европските вредности. Таа изразила уверување дека македонско-бугарскиот спор може да се надмине преку интензивни средби и дијалог, кои треба да започнат што поскоро.