Крајно време е Македонија да разгледува и други сојузи и партнерства во кои ќе биде почитувана.
Во најновата објава за пакетот за проширување, од 4 ноември 2026 година, Европската комисија ја вбројува Македонија меѓу најуспешните во спроведувањето на реформите од Реформската агенда во рамките на Инструментот за реформи и раст. Истовремено, повторно ги истакнува уставните измени и преостанатите услови за отворање на првиот кластер.
Каква вредност имаат европските пофалби ако по нив повторно следува затворена врата?
Колку генерации треба да остарат слушајќи дека европската иднина е веднаш зад аголот? Колку отстапки треба да направи Македонија конечно да добие однос достоен за рамноправен партнер?
Што му значи на македонскиот граѓанин признанието за сработеното ако неговата држава останува заложник на билатерални барања?
Токму тука европската политика кон Македонија го покажува своето лицемерство.
ЕУ зборува за заслуги, а дозволува блокади. Проповеда рамноправност, а прифаќа една членка да ја условува иднината на цел народ. Повикува на доверба, а со сопственото однесување секојдневно ја троши.
Македонија го промени и уставното име во име на ветената европска перспектива. Тоа беше длабока и болна интервенција во државниот и националниот живот.
Некогаш пречка беше името како што бараше Грција.
Денес се уставните измени како што бара Бугарија.
А утре? Кој може да гарантира дека со внесување на бугарите во уставот нема да следуваат ново барање, ново толкување и нова блокада? Кој ќе ја преземе одговорноста ако Македонија повторно биде излажана?
Повторувањето дека условот бил договорен не одговара на прашањето дали е праведен. Прифатеното условување не станува европска вредност само затоа што добило печат од Брисел.
Македонија јасно кажува дека под овие услови нема да пристапи кон уставни измени. Европската Унија треба сериозно да го сфати тој став.
Една држава има право да постави граница кога оценува дека од неа се бара премногу, а за возврат добива премалку сигурност.
Прашањето за правата на Бугарите во Македонија постојано се поставува на европската маса. Каде на таа маса се правата на Македонците во Бугарија? Каде е истата решителност, истата гласност и истиот политички притисок?
Пресудите во предметите од групата „ОМО Илинден и други против Бугарија“, поврзани со неоправдани одбивања за регистрација на здруженија, се документирани. Нивното извршување е предмет на надзор во Советот на Европа. Брисел не може политички да се засолни зад фактот дека станува збор за друга институција и истовремено да се претставува како врховен бранител на европските вредности.
Дали човековите права имаат иста тежина кога ги бараат Македонците? Или европскиот слух ослабува кога треба да се погледне во дворот на сопствена членка?
Нека објасни ЕУ со кои мерила ја оценува заштитата на заедниците во Македонија и како истите мерила ги применува во своите членки. Нека покаже колку доследно се почитуваат малцинските права во практиката.
Бирикратите во ЕУ нека објаснат зошто од Македонија се бараат нови уставни гаранции, додека за македонското здружување во соседството со години се водат постапки. Не може достоинството на едните да биде услов, а достоинството на другите да биде споредна тема.
Истото прашање за доследноста на европските мерила се поставува и кога се зборува за корупцијата и владеењето на правото. Македонија мора да се бори против корупцијата, политичките влијанија врз судството и одолжувањето на судските постапки. Секој украден денар и секој наместен тендер се удар врз македонските граѓани. За тоа мора да има одговорност.
Но со кое морално европските претставници држат лекции кога и самата Комисија во ЕУ бележи слабости во истрагите, гонењето и правосилното завршување на корупциските предмети во државите членки на ЕУ?
Бирократите во ЕУ нека посочат барем една држава членка во која корупцијата е искоренета?. Нека ги покажат сопствените резултати со истата строгост со која ги бараат нашите-македонските.
Постоењето корупција во ЕУ не ја оправдува корупцијата во Македонија. Но ниту членската карта смее да служи како морална привилегија за едните постојано да судат, а другите бесконечно да се докажуваат.
Особено горчлив е европскиот однос кога станува збор за безбедноста и миграцијата. Македонија учествува во управувањето со миграциските движења по западнобалканската рута и соработува со Фронтекс. Таа соработка им користи и на државите членки на ЕУ.
Кога треба да се преземе товар, Македонија е потребна.
Кога треба да се штитат граници и да се придонесува за европската безбедност, Македонија е добредојден партнер.
Кога треба да напредува кон рамноправно членство, повторно се отвора тефтерот со услови.
Таквиот однос кај македонскиот народ отвора и други горчливи прашања: дали на Брисел му пречат нашата самобитност, нашата истрајност да останеме Македонци или нашата православна традиција?
Унијата што се соочува со сопствени политички поделби, миграциски предизвици и кризи на доверба треба да покаже повеќе чесност и самокритичност. Прашањата за нејзината иднина не се решаваат со ароганција кон држава што повеќе од две децении чека пред нејзината врата.
И повторно се враќаме на приказната: кога Господ делел територии за создавање држави, на Македонецот му доделил дел од рајот, но му дал и соседи како нашите. А како тоа да не било доволно, му ја дал и Европската Унија – која повеќе од две децении ја лаже Македонија.
Крајно време е Македонија да разгледува и други сојузи и партнерства во кои ќе биде почитувана таква каква што е!