Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса (ЕФА) ја обвини Грција за систематско потиснување на македонското и турското малцинство. Во својата декларација, групата наведува случаи на заплашување, кривичен прогон и попречување на македонски културни настани, како и пречки при регистрацијата на здруженија на двете заедници.
Попречување на настани со песни на македонски јазик
Работната група посочува дека притисокот се засилил во текот на летата 2024 и 2025 година и продолжил и потоа. Како примери ги наведува предвременото прекинување на културни настани во Аетос и Аминдео, во Леринско, и прекинувањето на настап на македонски јазик во Скли́тро од страна на заменик-регионален управител. Според ЕФА, против поединци биле водени постапки и поради учество на македонски културни фестивали.
Во декларацијата се наведува и дека грчки адвокат поднел тужба против 15 припадници на македонското малцинство, организацијата „Крсте Мисирков“ и Партијата на пријателството, еднаквоста и мирот (ДЕБ), која го претставува турското малцинство. Претставници на македонската заедница, според ЕФА, побарале од грчкиот народен правобранител да ги испита случаите и поднеле кривична пријава до обвинителството и полицијата во Лерин.
Кривични постапки против претставници на турското малцинство
За турското малцинство во Западна Тракија, ЕФА наведува дека по инцидент во џамија во Ксанти во октомври 2024 година биле поведени кривични постапки против четворица негови претставници. Според декларацијата, по судењето во јуни 2026 година секој од нив бил осуден на 17 месеци затвор. Работната група изразува загриженост и поради начинот на кој грчките власти ги именуваат муфтиите во Западна Тракија.
ЕФА бара спроведување на пресудите од Стразбур
Работната група посочува дека македонските и турските здруженија и натаму се соочуваат со пречки при регистрацијата. Таа го издвојува случајот на „Домот на македонската култура“ и групата предмети „Бекир Уста“, кои се однесуваат на здруженија на турското малцинство. Според ЕФА, Грција сè уште ги нема спроведено релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права.
ЕФА ги повика Европската комисија, Советот на Европа и високиот комесар на ОН за човекови права да ја следат состојбата и да побараат од грчките власти да го прекинат заплашувањето, да ги спроведат пресудите за слободата на здружување и да ги заштитат двете заедници од говор на омраза.