Реформаторската иницијатива „12:05“ во СДС во денешното соопштение упати остра критика за измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година, кога партијата беше на власт. Според иницијативата, со тие измени се отвори пат за побрзо застарување на предметите за политичка корупција.
„Нема никаква дилема дека со скандалозните измени на Кривичниот законик од 2023-та дел од политичарите-пазарџии објавија војна на правдата во Македонија“, се наведува во соопштението.
Критиката е упатена и кон дел од функционерите на СДС кои во периодот од 2017 до 2024 година извршуваа министерски функции, а потоа станаа пратеници. Од „12:05“ сметаат дека законските измени, заедно со пратеничката функција, им даваат дополнителна заштита од кривично гонење.
Според иницијативата, со измените се намалија затворските казни за злоупотреба на службената положба и се создадоа услови за побрзо застарување на кривичните дела. Оттаму посочуваат и дека биле избришани одредби што предвидувале казни за злоупотреби при јавни набавки и за оштетување на државниот буџет. „12:05“ изнесува проценка дека околу 800 поранешни и сегашни носители на функции ги користат измените за да избегнат кривична одговорност.
Иницијативата повикува заложбите за борба против корупцијата да се преточат во конкретни постапки. Нејзиното барање е политичарите да одговараат за корупција без оглед на партиската, етничката или верската припадност. „Тоа ѝ го должиме на актуелната младина и на генерациите кои доаѓаат“, порачуваат од „12:05“.