Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари средба со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар, на која биле потврдени одличните билатерални односи и подготвеноста за нивно натамошно продлабочување.
Во рамките на работната посета на Израел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски се сретна со својот израелски колега Гидеон Саар.
На средбата двајцата министри ги потврдиле одличните односи меѓу Македонија и Израел, како и заедничката подготвеност тие да се унапредуваат преку конкретни проекти и посилни економски врски.
Како области со најголем потенцијал за соработка биле посочени економијата, одбраната и одбранбената индустрија, сајбер-безбедноста, здравството, земјоделството и туризмот.
Во текот на посетата биле потпишани и два значајни билатерални документи. Тие се однесуваат на соработката во образованието, науката, културата, младите и спортот, како и на економските консултации меѓу двете земји.
Муцунски изразил благодарност за солидарноста и поддршката што Израел и израелскиот народ ги покажаа кон Македонија по трагедијата во Кочани.
„Продолжуваме да го надградуваме партнерството преку конкретни проекти, посилни економски врски и нови можности за соработка“, порача Муцунски.