Историја

Под каков идентитет се земаа и се иселуваа македонските деца?

Едно од најзначајните прашања со кои се запознав при истражувањето на чедособирството, а на кое не му е дадено соодветно внимание, е разликата во ставовите меѓу славофонските и грчкофоните села во северна Грција.

Извештајот на УНСЦОБ известуваше за расположението на селаните во славофонските области и реони: тие, воопшто земено, биле многу подготвени да им дозволат на своите деца да заминат. Но никогаш официјално не се дозна колку од 25.000 до 28.000 деца припаѓале на оваа славофонска група.[21] Ова никаде не е одбележано и, најверојатно, прашањето сосема се занемарувало во грчките извори.

Грчката влада во Атина ја истакнуваше грчката припадност на сите овие деца. Но ова прашање донекаде зачудува и кај комунистичката страна, која уверено зборуваше за „елинопула“ — грчиња. Дури и по завршувањето на Граѓанската војна, во комунистичките земји многу беше сторено за образованието на овие деца на грчки јазик.

Извештајот на Црвениот крст дава изобилство информации за проблемот со утврдувањето на идентитетот на децата, но не кажува ништо за некаква славофонска група. Јасно е дека сите деца, иако зборуваа на славофонски јазик, според официјалната евиденција и толкување беа претставувани како Грци. Но во моето истражување многу поинтересно ќе беше да дознаеме: колку од децата беа славофони?

Идентитетот со ликот на Маркос

Кон павилјоните во Тулѓеш тргнавме како надојдена река. Се измешавме на плочникот во големиот двор. Се баравме еден со друг, но најтешко им беше да нè пронајдат нашите „мајки“. Во домот имаше многу деца на кои не им се знаеше ни името, ни презимето, ни родното место. Едноставно, биле собрани во збеговите преку границата и така, со години, како сенки, ги бараа своите најблиски, својот идентитет…

Најверојатно за да бидеме рамноправни, или којзнае зошто, во Калиманешти ни ги одзедоа имињата. Тоа беше последното што го имавме, тоа наше основно национално обележје. Потоа околу вратот ни врзаа метални плочки, на кои од едната страна беше гравиран ликот на генерал Маркос, а од другата — бројки што требаше да ни ги заменат имињата. Јас добив број 521 и кога ме прозиваа на романски, требаше да се јавам на зборовите: „Чинч суте доузеч ши уно“.

Кон крајот на 1948 година, пак со воз тргнавме за Полонија. На границата нè пречекаа Полјаци со сите потребни услуги и медицински персонал. Во возот лекарите ни извршија детален преглед, а за секое дете, по потреба, одредуваа каде треба да оди на лекување. Луѓето беа многу љубезни со нас, а истовремено беа вџашени: како е можно партизански деца, чии родители сè уште водат борба на Вич и Грамос, да немаат имиња?

Кога стигнавме во домот „Барбурка“, нè облекоа во нови руби. Она што го соблековме, заедно со плочките што ги фрлавме на куп, личеше на облека од ослободена логорска војска. Животот често беше полн со суровост и жестоки поигрувања. Полјаците ги викавме добри чичковци, а најмногу го сакавме пан Пјотр Пшежински. И тој нè сакаше, нè викаше „потомци на една мртва војска“. Стар, искусен Полјак, поранешен бизнисмен и филантроп, долги години бил по логорите. Многу нè сожалуваше и ни велеше дека по судбина сме исти, бидејќи и тој во логорите имал број, но без лик на некој водач. „Вашата судбина е потешка, зашто ви го обесија на врат да го носите генерал Маркос.“

Дополнителни факти: Види Фани Буцкова, 1998/76:

Плочките во Романија од едната страна го имаа втиснато ликот на генералот Маркос, а од другата страна — бројот, додека во другите земји го имаа само бројот. Плочката беше тркалезна и се носеше обесена на вратот, а некаде и на раката.

Некои од тие што носеле такви „медалјони“ дури и по педесет години ги паметат броевите, а некои од нив сведочат и со фотографии. На пример, Ахил Петровски, фотографиран во Чехословачка, имал број 288, што јасно се гледа на фотографијата од мај 1948 година. Димитра Карчицка го добила бројот 1048, а нејзиниот брат Илија — 1053. Кога кон крајот на 1948 година заминале за Полонија, таму им биле земени плочките.

Томија Цуцулова, „мајка“ воспитувачка, во Унгарија имала број 112, а нејзината мала ќерка — 111. Олга Петкова во Полонија го имала бројот 555, а Спаса Петкова — 425. За таквите „медалјони“ останале само споменот и сеќавањето на луѓето што ги носеле.

Ете, македонското дете во срцето на Европа и светот се најде заведено под број наместо под ИМЕ И ПРЕЗИМЕ. (Види: „Незаборав“, бр. 15, стр. 7, јуни 1998 година, и фељтонот „Автентични сведоштва за раселувањето на македонските деца од Егејска Македонија“ во „Вечер“, 20 мај 1986 година.)

Во чиј дух се воспитувале децата?

Ете што останало во сеќавањето на едно дете. Зборува самиот автор на книгата:

Им се восхитував и чувствував голема почит кон тие луѓе, можеби затоа што имаа една прикриена добрина, една аристократска благородност. А како да не им се восхитувам на тие луѓе чиј глас го слушавме во најтешките мигови во детските стационари — домовите? Во преполните трпезарии и во салоните на детските живеалишта ни даруваа неповторливи мигови на радост и живост.

Се сеќавам на 1949 година. Во совршена тишина и дисциплина, подредени во строј, влегувавме во салоните на детските живеалишта во Тулгеш, Синаја, Орадеа, Роман и Клуж, во Романија. Ненаситно ги слушавме хрониките на Апостоли Спилиу, кои со кристален глас ги пренесуваа моите другари. На крајот од секое емитување, со чудна одданост, извикувавме:

„Да живее ДАГ!“

„Да живее Маркос!“

„Непријателот нема да стапне на Грамос и Вичо!“

„Чиј е Маркос?!“, викнуваше некој, а ние одговаравме во еден глас:

„Наш е Маркос!“

„Ние чии сме?!“

„На Маркос!“, одговаравме пак во еден слеан глас.

По сменувањето на Маркос Вафијадис од должноста главнокомандувач на Главниот штаб на ДАГ, на негово место, во нашите извици, како да ни го поставија Никос Захаријадис, генерален секретар на КПГ. Пак викавме со истата возбуда и живост, но и со истиот фанатизам како кога викавме за Маркос… Тоа ни беше секојдневна молитва.

Партијата за нас, децата, и за обичните членови беше претворена во фетиш, на кој му придававме магична и натприродна сила. Се сеќавам дека не ја разликувавме партијата од раководството: таа невидена моќ, таа надсила и невидливото мудро раководство, со својот механизам… За нас партијата во многу случаи беше како сите членови на Политбирото и на раководството да се едно, а над нив, како главен бог, да стои Никос Захаријадис…

По промените, односно по ликвидацијата на ДАГ:

„Сè за борбата на нашиот народ!“ — се мисли на грчкиот.

„Се изменија работите, се измени името на радиостаницата… Отсега ќе слушате појасно и почисто, но не ‘Гласот на слободна Грција’ — таа си замина. Сега ќе продолжиме да го слушаме ‘Гласот на слободата’…“

[21] Бројката станува поконкретна според извештајот на УНСЦОБ од август 1949 година (А/935, стр. 16), во кој се наведува: „Во текот на 1948 година, околу 25.000 грчки деца се иселени од Грција и се сместени на териториите на северните соседи на Грција и во други земји.“ Во јануари 1950 година, еден претставник на Грчкиот црвен крст поднел извештај според кој вкупниот број деца што добиле азил во земјите северно од Грција достигнал 28.296. Истовремено дал и преглед на земјите во кои биле сместени: „Албанија: 2.000, Бугарија: 2.600, Унгарија: 3.000, Полонија: 3.000, Романија: 3.801, Чехословачка: 2.235, Југославија: 11.600.“ (Извештај на УНСЦОБ А/1307, 1950 година, стр. 23.) Танасис Мицопулос во својата книга за воспитувањето на децата наведува дека „имаше и повеќе од 25.000 деца“. Василис Бархиотас, пак, коментира дека биле иселени 25.000 деца, додека владата во Атина тој број го зголемувала на 28.000.

Најново од: Историја

Крвавата свадба во Зеленич – Леринско, Егејска Македонија

На 13 ноември 1904 година по јулијанскиот календар, грчка андартска чета го нападнала селото Зеленич, Леринско, во Егејска Македонија. Нападот бил извршен ноќе, додека во домот на семејството Готеви се одржувала свадбена прослава. Меѓу убиените имало и жени и деца. Настанот во македонската историографија е познат како „Крвавата зеленичка свадба“. Зеленич пред нападот Во 1904 […]

Изминаа 122 години од крвавата зеленичка свадба

На 13 ноември 1904 година, во текот на свадбата која се оддржувале во леринското село Зеленич, грчките андарти убиле 13 Македонци. Меѓу жртвите се младоженецот, неговите пријатели, две деца, како и деецот на Македонската револуционерна организација Пандо Мечкаров, вкупно 13 лица. Оттогаш изминаа 122 години, но грчката геноцидна политика кон македонскиот народ не се изменила. […]

Колективната меморија на Македонците

Од книгата „Македонци“ Автор: Бранислав Светозаревиќ-Покорни „Кога ќе го видиш начинот на играта на еден народ, му го откриваш карактерот.“— Конфучие Колективната меморија претставува сврзно ткиво на многуте генерации низ историјата на еден народ и е клучна за неговиот опстанок. Сè додека постои еден народ, постои и колективната меморија, но и народ без колективна меморија […]

Александар Македонски се уште еден од најфасцинантните и најдолготрајните митови во човечката историја.

Александар Македонски и по повеќе од 2.300 години останува една од најфасцинантните личности во човечката историја. Неговиот живот продолжува да инспирира нови истражувања, биографии и различни толкувања на неговото наследство. Оваа недела, историчарот на антиката Едмунд Ричардсон ја освои водечката британска награда за нефикција, „Бејли Гифорд“, за биографијата „Александар: Бог, крал, човек“. Напишана со елеганција […]

Праисториските народи: Енхелеј, Пелагонци и Пеонци

Праисториските народи: Енхелеј, Пелагонци и Пеонци Палеобалканското племе Енхелеи е поврзано со митското доселување на Кадма и неговата жена Хармонија од беотска Теба, меѓу древните жители на западниот Балкан и борбата со Илирите во XIII век пред Христа. Меѓутоа, тие се интересни од повеќе аспекти, а, пред сé, што припаѓаат на единствениот праисториски свет на […]

Логорите на Царството Бугарија и македонските интернирци (1941–1944)

Во текот на Втората светска војна, властите на Царството Бугарија воспоставиле мрежа на логори во кои затворале политички противници и луѓе осомничени за учество во отпорот. Во службените документи логорите биле нарекувани „Селишта на државната сигурност“. Меѓу заточениците имало и македонски дејци, меѓу кои поетот Венко Марковски и Методија Андонов-Ченто. Според Македонската енциклопедија, Министерството за […]

Санстефанскиот договор – голема грешка на руската дипломатија

Санстефанскиот договор предвидувал најголемиот дел од Македонија да биде вклучен во голема бугарска држава предизвикал меѓународна криза и тешкотии за самата Русија. Во приложените историски записи се наведуваат и руски оценки за погрешноста на таквото решение. Санстефанскиот мировен договор, склучен на 3 март 1878 година меѓу Русија и Османлиската Империја, бил обид за прекројување на […]

Полскиот лингвист Мјечислав Малецки уште во 1934 година пишува за посебноста на македонскиот јазик

Полскиот лингвист и славист Мјечислав Малецки (1903–1946) оставил значајно научно сведоштво за македонските говори и нивната јазична посебност. Во своето дело „Два македонски говора“, објавено во Краков во 1934 година, ги истражувал говорите на селата Сухо и Висока во Солунско, во егејскиот дел на Македонија. Проучувајќи го живиот говор на месното население, Малецки ги разгледувал […]

To top