Култура и туризам

Манастир Свети Архангел Михаил – Берово

arhangel-mihail1

arhangel-mihail1

На оние коишто никогаш не биле во Берово нема да им биде лесно со помош на фотографиите да ја доловат убавината на ова место, особено богатството на природата во неговата околина. Столетни борови, ливади и пасишта, богатство од лековити билки и шумски плодови, изворишта и реки… Планинско сонце. Чист воздух. Еколошки здрава храна. Одличен шумски мед. Многу традиционални лекови од природни состојки, со коишто успешно се лечат болести на дишните органи, анемија, авитаминози. Самото гратче се наоѓа на скоро 1000 m надморска височина. Сместено како во гнездо, меѓу иглолисна шума, заедно со своите жители со векови тврдоглаво одолева на налетите на „прогресот“ и цивилизациските „придобивки“. Многумина од надвор тоа го гледаат како недостаток, но незаменливиот мир и спокојството на животот тука, поврзаноста на човекот со природата, е вистинска реткост во денешниот свет на загаденост и кризи. Барем уште извесно време… Кога си тука, имаш чувство дека се наоѓаш во тивко пристаниште некаде „на крајот на светот“, соочен единствено со себеси, небото над тебе и земјата на која стоиш… пред лицето на живиот Бог.

Женското општежително монаштво во Беровскиот манастир има скоро двовековна непрекината традиција.

Првата манастирска црква во Берово е изградена во периодот од 1815 до 1818 година. Осветена е во 1818 година, а на нејзиното осветување присуствувал и македонскиот христијански просветител Јоаким Крчовски.

За градењето на црквата и манастирот нема посигурни историски податоци, но едно е сигурно: градењето на црквата се одвивало под многу тешки услови. Еве што ни кажува една од легендите:

Во почетокот на XIX век Берово било селска населба со околу двесте куќи и само со една мала и дотраена црква. Затоа тогашните поугледни беровчани решиле да изградат нова црква на местото наречено Могила. Парохискиот свештеник, поп Пецо, бил задолжен да обезбеди дозвола за градба од Уќуматот што се наоѓал во Радовиш. Валијата дал дозвола за градба, но под многу тешки, речиси неостварливи услови. Имено, црквата да биде изградена ниско под нивото на патот и да не се гледа, градењето да заврши за четириесет дена, а поп Пецо, најмалата своја ќерка, Султана, да ја даде во харемот. Условите не ги обесхрабриле беровчани во нивната намера. Со голем труд и пожртвуваност на верниците црквата била изѕидана и покриена со камени плочи за четириесет дена. За да не биде забележлива, надворешниот ѕид бил премачкан со саѓи и со вар. Кога видел валијата дека црквата е изградена над земјата по истекувањето на рокот, многу се налутил, и наредил тројцата црковни настојници веднаш да бидат убиени пред црквата, а бидејќи Султана избегала во Ќустендил, поп Пецо бил затворен. Тој бил пуштен од затвор по три години, а неговата ќерка се вратила во Берово кога разбрала дека комитите го убиле валијата.

Темелите на првиот женски манастир во Берово се подигнати дваесет години по изградбата на манастирската црква (околу 1840 г.). Првите калуѓерки во манастирот биле снаата и ќерката на поп Ристо, зет на поп Пецо. Тие се замонашени со благослов на игуменот на Рилскиот манастир. Прва игуманија на манастирот била Евгенија I, втора Евгенија II, трета Евгенија III, а четврта игуманија е Евлампија, произведена во чин игуманија во 1958 година од првиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј. Во својот најголем подем, а тоа е во првата половина од XX век, манастирот броел и до шеесет монахињи, со развиена богата економија, богословско училиште, ткајачница. Првата монофазна хидроцентрала во овој крај била манастирската.

Од животот во манастирот

Некогаш надвор од градот, денес женскиот манастир посветен на Свети Архангел Михаил се наоѓа на излезот од Берово, на патот што води кон браната и езерото. Главната порта гледа кон градот, а останатите две – кон реката и боровата шума. Самиот влез низ големата дрвена порта го внесува посетителот во еден поинаков свет. Светот на молитвата. Црквата со голем трем, изградена во архитектурен опус од XIX век, доминира во манастирскиот двор. Во полутемнината на нејзината внатрешност кандилата ги осветлуваат ликовите на светителите, насликани во карактеристичен стил што отстапува од византиските канони. Од првобитниот иконостас сочувана е само една икона со претставата на Светиот пророк Ное, дело на иконописецот Георги Велјанов од Струмица, изработена во 1818 година. Од 1899 до 1920 година во манастирот работел и зографот Гаврил Атанасов-Беровец. Целивната икона Успение на Богородица е дело на зографот Григорие Пецанов од Струмица, изработена во 1878 година.

Конакот е разигран. Привлекува со топлината на присуството на дрвото, обликувано во староградски стил од XIX век.

Освен последната монахиња од претходната лоза, во манастирот живеат две монахињи, коишто со благослов на митрополитот Наум Струмички дојдоа од Велјушкиот манастир. Сестринството во овој манастир изработува икони во византиски стил, за иконостаси, или по нарачка. Почетоците на возобновувањето на фрескописот во македонските манастири се направени токму во ова сестринство.

Навистина реткост, манастирот е пристапен и отворен за духовните потреби на секој добронамерен посетител. Во разговорот со старешината на манастирот, сестра Макрина, во топла личносна атмосфера крај каминот во библиотеката, многумина ќе пронајдат одговор на разни духовни прашања и поддршка, разбирање, инспирација…

Типикот на манастирот, и покрај локацијата (во самиот град) и посетеноста, е исихастички. Манастирот функционира како свештено тихувалиште, исихастирион. Едно катче на катот во внатрешноста на црквата денес е претворено во мал параклис посветен на Св. Григориј Палама. Литургија се служи четири пати во текот на неделата.

Берово – манастир Успение на Пресвета Богородица

berimg-4

Откако конакот во непосредна близина на црквата посветена на Успение на Пресвета Богородица беше обновен и прилагоден за монашки живот, после Велигден 2002 година, од Водочкиот манастир со благослов на владиката Наум тука се досели тричлено братство. Така за првпат во Берово беа ставени почетоците на машкото монаштво. Самиот локалитет има посебно значење за беровчани, како место на поклонение и молитвено почитување на Пресвета Богородица. Но, досега тука немало манастир.

Братството се издржува од сопственото ракоделие, изработката на икони и одгледувањето пчели. Откако заживеа како манастир, целиот комплекс зрачи со особена топлина и ред, природно одделен од урбаната средина. Под големите сенки на липите, во непосредна близина на реката, самата природа создала катче погодно за молитвено тихување.

Типикот е исихастички, т.е. манастирот е всушност мал исихастирион, свештено тихувалиште. Редовно се служи Литургија, на којашто и` претходат неколку часови Исусова молитва во келиите. Жителите на Берово, а и секој посетител којшто има потреба од исповед и духовен разговор, ќе биде срдечно примен од старешинатана манастирот, јеромонах Фотиј, со братството.

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top