И во Стариот и во Новиот завет светилиштето е опишано како место во кое живее бог.
Преданијата говорат дека кога бог се наоѓа во својот светол храм, тогаш целата земја треба да молчи пред неговото лице.
Токму вакво божјо светилиште во село Пожаране низ вековите преставува главнот црковен храм посветен на „Свети Никола“. Сместен во срцето на селото, овој црковен храм бил изграден во далечната 1912 година, а потоа во неколку наврати реновиран и реставриран..
Пред тоа на истото место постоел помал храм. Интерсено е што формата на градбата на овој храм е иста со формата на црковен храм „Св.Богородица“ во Гостивар .
Од тие причини се претпоставува дека двата објекта ги имаат градено исти мајстори.

ЦРКВА „СВЕТИ НИКОЛА“
ФРАГМЕНТИ ОД ОСВЕТУВАЊЕТО НА ЦРКВАТА
Во кругот на црквата се наоѓаат неколку гробови на свештеници меѓу кои и на Петровиќ Захарије и Поповиќ Ефто, своевремено и оснивачи на просветителската дејност во селото. Црквата е посветена на пророкот Св. Никола кој е заштитник на селото.
Внатрешноста на црквата е доста богата со убав фрескоживопис насликан во поново време и иконостас со плитка резба.


„Св. Никола“ е соборна црква, изградена на едно возвишение од кое место водат пристапни патишта до сите пожарански маала подеднакво.
Благодарејќи на ваквата поставеност црквата е видлива од сите страни, а нејзината монументалност и покрај тоа што не е многу голема е засилена со слободното пространство без високи дрвја што би ја криеле градбата.
Во кругот на црквата се наоѓаат и гробишта на поголемиот број пожарански семејни домаќинства.



КАМБАНЕРИЈАТА НА ЦРКВАТА

Внатрешноста на камбанеријата


СЕЛСКИ ГРОБИШТА
Дворот на овој храм, покрај другото го краси и чешма од која истекува вода за пиење, дело на Деспот Алексоски-жител на селото.

Текстот на мермерната плоча сам по себе говори за градителот на чешмата
Веднаш до овој храм се наоѓа камбанеријата како и помошните одаи во кои за време на верските празници, пред се „Божик“ се организира собир на пожаранци и други граѓани, каде што кумовите на собирот присутните гости ги послужуваат со традиционален ручек.

ФРАГМЕНТИ ОД ПРОСЛАВАТА НА БОЖИЌ




ОДАИТЕ НА ЦРКВАТА
Подолу од селото се наоѓа капела „Св.Илија“, која е наречена „Илиница“ . Овој храм е изграден во далечната 1902 година од страна на: Герасим, Наумче и Јаков Тофилоски, а возобновен 2009 година од страна на нивните следбеници.
До неа се пристига по асфалтен пат. На Втори Август по повод патрониот празник Св. “Илија “ се одржува прослава пред истата.
Тука на овој локалитет, добронамерник од село Пожаране ја возобнови од поодамна запоставената чешма за која нашироко се прикажува дека водата која што истекува од истата има лековито дејство.

ЦРКОВНА КАПЕЛА „СВЕТИ ИЛИЈА“-ИЛИНИЦА


ЧЕШМА ВО КРУГОТ НА ЦРКВАТА



ФРАГМЕНТИ ОД ПРОСЛАВАТА НА „ИЛИНДЕН“
По иницијатива на црковниот одбор на селото и несебично залагање на останатите жители, во месноста „Килментија“ се вршат подготовки за возобновување на разрушениот средновековен храм посветен на „Свети Климент“.

„СВЕТИ КЛИМЕНТ“-КЛИМЕНТИЈА

До неодамна, во близината на темелните остатоци од овој храм се наоѓаше симбол на село Пожаране – најстариот даб и тоа не само овде во селото туку и во Полог па и пошироко…
Овој даб беше висок над 20 метри, распонот на гранките исток-запад , север- југ повеќе од 15 метри и со огромен пречник на стеблото во корен. Според легендите и преданијата, пожаранци верувале дека дабот го засадиле учениците на „Св Климент Охридски“ кој кога поминувал по патот „Виа Игнација“ престојувале во месноста „Климентија“ И навистина, научно е потврдено дека староста на дрвото е приближна со онаа на доаѓањето на „Св Климент“ тука во месноста „Климентија“ на село Пожаране, или пред околу 850 години.
На северозападната страна од село Пожаране, долж локалниот пат кој води до соседното село Калиште е сместен локалитетот „Соколец“ во чие подножје се наоѓаат темелни остатоци од средновековен црковен храм.

Локалитетот „СОКОЛЕЦ“ каде се наоѓа црквата „Св.Спас“
Според кажувањата на постарите, името на овој храм се врзува со еден настан. Така, кога преубавата Дева Марија поминувала по патот кој водел од Пожаране преку Катрање кон Калиште, ја здогледале Соколе и Спасен кои обземени од нејзината убавина, упорно ја следеле се до оваа карпа и кога стигнале на истата, Дева Мерија за миг изчезнала а Соколе и Спасен останале скаменети на самото место. По името на Соколе местото се нарекува Соколец, по името на Спасен се именува црквата „Свети Спас“ која била воздигната во подножјето на оваа карпа, додека по името на Дева Марија , една помала карпа која се наоѓа непосредно до Сколец се нарекува „Девич“.
До ова место се доаѓа од две страни. Од село Пожаране води живописна пешачка патека преку која до целта се стига за околу 45 минути нормално одење, додека од село Калиште направен е пат до самото место до кое се стигнува и со возило.
Ова светилиште со неговата околина особено познато е по неговата исцелителска моќ. Историскиот податок зборува дека ова место е често посетувано од лица од сите возрасти, пол и вероисповест, барајќи спасение за повеќе работи за кои медицината нема конкретно решение. Лицата кој што го посетуваат ова место-претежно лица без пород, на горниот дел од карпата престојуваат извесно време преку денот вкопани во земјените ровови направени за таа намена, додека во средината на карпата посетителите се провлекуваат низ пештерата која е со еден влез и два излеза, при тоа оставајќи на самото место делови од својата долна облека.

Темелни остатоци од црквата „Св.Спас“
Остатоци од црковно светилиште постојат и во непосредна близина на археолошкиот локалитет во ова село наречен Катрање.
Локалитетот претставува населба , црква и некропола од средниот век. Се наоѓа на околу еден километар северно од селото, на една блага падина, каде се гледаат грамади од кршен камен и покривни ќерамиди. Светилиштето се наоѓа непосредно до изворот. На северниот раб на локалитетот има грамада од кршен камен и темели од еднокорабна црква, а сосема близу до неа се среќаваат големи камени плочи од гробни конструкции.

Внатрешноста на црквата „Св.Никола“


На западната страна од селото, долж патот кој води кон соседното и сега исцело напуштено село Прошовце, исто така се наоѓаат остатоци од средновековен црковен храм. Позначајни остатоци од овој храм на лице место се ретко забележливи , но сепак од колено на колено со векови се пренесувало сеќавањето за овој храм и литургиите кои се изведувале тука во минатото.
Размислување за возобновување на овој храм денес воопшто не постојат.
Можеби овој текст во блиска или подалечна иднина ќе преставува потстрек за извесни научни и археолошки истражувања и на овој локалитет.
На двесте метри западно од темелните остатоци на овој храм се наоѓаат и камени плочи на гробни конструкции.
Исто така меѓу пожаранци се понагласено е верувањето дека во месноста „Локва“ во дамнешно време постоел манастирски комплекс. Денес за жал никој со сигурност не би можел да го лоцира точното место на простирање на овој манастирски комплекс , како би можело археолошки да се истражи просторот и со сигурност се потврди ваквата информација. Со текот на времето, можеби и овој простор ќе стане предмет на интересирање и истражување на археолозите.
За крај да ги напоменеме и следните свети места:
-Царева Чешма или Јуришки Гробишта е археолошки локалитет од световен и духовен карактер на село Пожаране. Локалитетот претставува доцносредновековна некропола. Се наоѓа на околу 5 км западно од селото, на мало зарамнето плато, каде се среќаваат камени плочи од гробни конструкции.
-Метов Гроб, свето место кој се наоѓа на самиот влез во селото односно на крстопатот каде се спојуваат патиштата за „Долното Маало“, „Климентија“ и патот кој води до месноста „Млаче“.
-Крстови- локалитет кој се наоѓа источно од селото, во непосредна близина на селскиот задружен дом, како и
-темелни остатоци од црква која се наоѓа на самото тромеѓје помеѓу атарите на Пожаране, Калиште и Добри Дол односно во месноста „Калиполе“
Заштитата и грижата за овие светилишта , црковни храмови и нивниот имот, село Пожаране ја има доверено на Црковниот одбор на селото.

Црковниот одбор на еден од своите состаноци
Иако скромен по својата содржина и сеопфатност, авторот на блогот за „пожаранските светилишта и свети места“ очекува и се надева дека и овој меѓу низата други текстови за село Пожаране, ќе пројави посебен интерес кај пошироката читателска публика и на тој начин ќе даде свој скромен допринос во сеопштото залагање за сестраната афирмација на селото како во нашата земја така и пошироко во светот.
_____________________________
Боге Војноски – автор на текстот