На прво место

Српскиот Патријарх да не се загрижува за мудроста и храброста на Вселенската Патријаршија

1 32

1 32

Aрхимандритот Партениј му одговори на српскиот патријарх по повод скандалозното писмо кон Вселенскиот Патријарх

Неодамнешното писмо од Српскиот Патријарх г. Иринеј, упатено до Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во кое бездруго го напаѓа со чудни аргументи, во многу наврати и непостојани и спротивставени, не може, а да не предизвика многу недоумици. Затоа, како монашко братство, заради вистината, не можевме да останеме без коментар на тоа, како и на сериозните и тешки обвиненија против нашата Црква.

Секој што ја знае историјата на Српската Православна Црква, ќе се запраша како може да тврди дека извесни јавни личности „прибегнуваат кон болниот етнофилетизам и секуларното, државоцентрично размислување“ и ја „злоупотребуваат Црквата“, Претстојател на помесна Црква која не еднаш, туку двапати во историјата си стекнала автокефалија со посредство на државничка моќ.

Во 1219 година, Сава Немањиќ, принцот што стана монах, Свети Сава Српски, бил испратен во Никеја (тогаш привремено живеалиште на Константинополскиот Патријарх, за време на латинската окупација на Градот) од својот брат, српскиот крал, да бара автокефалија за епархиите што припаднаа на тогашната српска држава, на сметка на Охридската Архиепископија.

Залудно се трудел тогаш Охридскиот Архиепископ Димитриј Хоматијан да се докаже дека е онеправдан и не е прашан – до ден денес овој потег на Вселенскиот Патријарх е сметан за канонски и легитимен, и покрај јасната автокефалија на Охридската Архиепископија, која во тоа време одговарала единствено пред императорот. И ние немаме ништо против тој легитимитет, зашто според каноните, црковните граници треба да се совпаѓаат со политичките, а Вселенскиот Патријарх ја има улогата да пресудува во сите арбитражни спорови на Православната Црква, согласно тоа и да доделува автокефалии.

Вториот пат, во 1922 година, на идентичен начин, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците добива Томос од Вселенскиот Патријарх Мелетиј за епархиите во Вардарска Македонија, пресно припоени кон Кралството, како и за обединување на српските Цркви. И оваа одлука на Вселенскиот Патријарх е легитимна.

На два пати во историјата била формирана српска независна држава и од највисокиот авторитет на Православната Црква од Исток, Архиепископот на Константинопол, Нов Рим и Вселенски Патријарх, му била дозволена и потврдена црковна независност, без да се земе предвид „ критериумот на ‘древноста’, ‘старите обичаи’ и ‘општоприфатените врски’“, најканонски и најлегитимно. Тоа не беше етнофилетизам, ниту „секуларно, државоцентрично размислување“.

Сега, кога Република Украина и Република Македонија се наоѓаат во својата трета деценија од независното постоење, Српскиот Поглавар повикува на принципот „се фати сиромавиот на оро, пукна тапанот“. Можеби поради тоа што е загрозена неговата поранешна јурисдикција, од која се откажа во 1959 година, нагласувајќи дека „престануваат да важат прописите од уставот на Српската православна црква за епархиите и архијереите на територијата на НР Македонија“, а сега си ја сака назад, заради спроведување на националистичка пропаганда. Ова, дека во 21-от век христијански духовен водач негира дури и етногенеза во најмала рака, станува јасно кога некој ќе прочита во писмото за кое станува збор: „државите, народите и ‘народите’, од кои денес се бара автокефалија“, каде зборот народи е ставен во наводници, сакајќи да го доведе во прашање постоењето и идентитетот на еден цел народ! Другата веројатност е дека се одлучил на ваков потег можеби поради загрозеноста на руското црковно влијание во веќе независната држава Украина. Оваа варијанта е во голема мера возможна, кога ќе го земеме предвид фактот дека од Русија доаѓаат главните парични средства за изградба на белградскиот соборен храм, а сигурно и многу други цели, кои за нас остануваат непознати.

Мораме да забележиме овде дека ние не сакаме нашиот случај да се споредува, или да оди во ист пакет со Украина, зашто се работи за две сосема различни истории и состојби, но околностите се такви што се совпадна двете прашања да бидат покренати во исто време. Но, неприфатлива е тенденцијата на СПЦ да ја споредува нашата Црква со Црногорската, која нема апсолутно никаква легитимност, ниту канонско преемство, а е основана од расчинет клирик.

Понатаму, „Патријархот Иринеј потсетува дека Соборот на Крит го потврди постоењето на четиринаесет автокефални Православни Цркви во нивните денешни канонски граници“, се вели во објавата на Ромфеа.гр. Интересно е тоа што, исто како и Митрополитот Волоколамски Иларион од РПЦ, која го бојкотираше Соборот на Крит, така и Патријархот Иринеј, се повикува во голема мера на истиот тој Собор, како и на претсоборските комисии. Треба да потсетиме дека истиот тој, во последен момент, убеден од анти-руските струи во сопствената Црква, одлучи да се појави на Соборот, додека, пак, Епископот Бачки Иринеј, кому според стилот во изразувањето, несомнено му припаѓаат овие редови потпишани од Патријархот, беше отворено против.

Тука би било благовремено да се запрашаме дали, откако сите што имаат моќ се задоволени, границите и начините на постоење во Православната Црква не треба повеќе да се менуваат? Во време кога светот, за добро или зло, оди кон глобализација и сечовечко пријателство и братство, зарем не треба Црквата како пазителка и проповедничка на Христовото Евангелие, да предничи во тоа обединување и да му покаже на остарениот свет дека во Христа е вистинското единство? Не, ние уште ќе живееме во времето на национални поделби и ќе прашуваме кој од каде е, ќе пазиме Црквата Христова да биде поделена на точно четиринаесет национални цркви, од кои неколку ќе владеат над оние кои не стасале навреме да се еманципираат. Вистинското единство може да се постигне само тогаш кога сите ќе добијат еднакви права, без да бидат омаловажувани од посилните.

„Честа и достоинството на црковното мајчинство не ѝ го дава, впрочем, правото на Мајката Црква да ги отповика, или да ги негира историски оформените автокефалии и јурисдикции“. Значи, Вселенската Патријаршија е Мајка и Вселенскиот Патријарх има власт само додека ни се потребни, а потоа ќе ги ставиме во аголот…

Да, и тоа како го има истото право Вселенската Патријаршија да дава нови автокефалии, онаму каде што дала и порано. Исто како што ѝ даде автокефалија на Романската, на Српската, на Руската, на Албанската, на Бугарската, на Чешката и Словачка, на Полската Црква… Тоа, впрочем, признавањето на правата на Вселенскиот Престол е и единствениот начин за да почне нешто да функционира во Православната Црква, после скоро шест векови зачмаеност и обезглавеност. Очигледно, Неговата Сесветост се обиде на Соборот во Крит да ги собере разединетите и да го покаже единството на Православната Црква, давајќи им на сите еднакво место, еднаква чест и еднакви права, но некои одлучија да го бојкотираат и да му го негираат и основното право – да биде прв меѓу еднаквите. Токму затоа, редно е Вселенскиот Патријарх да си ја земе улогата која му прилега и да го наложи единството како послушание на „помесните папи“, големи и мали, моќни и немоќни, богати и сиромаси, низ Православната екумена.

На крај, добро би било Српскиот Патријарх од една страна да не се загрижува за мудроста и храброста на Вселенската Патријаршија, која јасно се покажувала во досегашната историја, а од друга страна да не ја држи во заложништво Христовата Црква, заканувајќи се со раскол, трагедија и фатални последици, само за да си ги зачува своите позиции, поттикнати од „болниот етнофилетизам“. Ваквите националистички радикали може да се поучат, ако не од Евангелието, тогаш од примерите на световната историја и да сфатат дека „со сила убавина не бидува“ и дека, ако некому подадеш рака кога бара помош, може да ти биде вечен пријател.

Архимандрит Партениј со своето во Христа братство и сестринство

Најново од: На прво место

Скопје ќе блесне во новогодишно руво

Скопјани ќе имаат единствена голема новогодишна прослава на градскиот плоштад, главниот град ќе биде украсен во периодот од 10 до 15 декември, а паралелно продолжува реализацијата на значајните инфраструктурни проекти. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето во „Тема на денот“ на телевизија Сител, ги најави плановите за новогодишното украсување на главниот град и […]

Филипче и СДС – како ловџија со празна пушка

Она што Владата предводена од Христијан Мицкоски го реализираше или го започна за две и пол години, Филипче треба да го спореди со резултатите од седумгодишното владеење на СДС и да објасни како би го реализирал во наредните дваесет и пет години. Политичката одговорност не се избегнува со постојано критикување на актуелната власт, туку со […]

Софија Станковска и Матеја Илиевска во борба за злато во Загреб

Македонските боксерки Софија Станковска и Матеја Илиевска денеска ќе се борат за златни медали на меѓународниот боксерски турнир „Zagreb Boxing Queen“ во Хрватска. Софија Станковска од БК „Аперкат“ вчера со одличен настап, борбеност и извонредна техника извојува убедлива победа со едногласна одлука на судиите, со резултат 5:0, обезбедувајќи пласман во финалето. Матеја Илиевска од АС […]

Започнуваат Божикните пости – духовна подготовка и македонска народна традиција

На 28 ноември започнуваат четириесетдневните Божикни пости, кои траат до Бадник, 6 јануари, во пресрет на еден од најголемите христијански празници – Рождеството Христово, Божик. Божикниот пост претставува период на духовно прочистување, молитва, покајание, милосрдие, простување и подготовка за достоинствено празнување на Христовото раѓање. Божикните пости во македонската народна традиција Почетокот на Божикните пости има […]

Гордана Димовска: Клучни информации за гласањето во Викторија

Денес, сабота, 28 ноември 2026 година, се одржуваат редовните  шеесет и први државни избори во сојузната држава, Викторија. Се одржуваат континуирано од 1856 година, кога Викторија воспоставила дводомен парламент со одговорна влада. Тие доаѓаат по изборите во ноември 2022 година (60-ти парламент), а новоизбраните 88 пратеници во Долниот дом и 40 членови во Горниот дом […]

Јовановски: Бугарската разузнавачка служба инсталирала луѓе во врвот на македонскиот политички живот

Поранешниот разузнавач и безбедносен аналитичар Владо Јовановски, во гостувањето во НАТКАСТ со Љупчо Цветановски, изнесе сериозни тврдења за дејствувањето на бугарските разузнавачки служби во Македонија и нивното влијание врз македонскиот општествен и политички живот. Според Јовановски, она што бугарските тајни служби го направиле во минатото во Македонија претставува пример што треба да се изучува во […]

Проширувањето на ЕУ е безбедностен императив, а не простор за билатерални условувања

Македонија е подготвена за дијалог заснован врз аргументи, европски принципи и вредности, но билатералните прашања што не произлегуваат од Копенхашките критериуми не треба да бидат пречка на патот кон Европската Унија. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по завршувањето на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид, одржа заедничка прес-конференција со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц […]

Владата усвои акциски план за одземениот добиток во Крива Паланка

Владата на последната седница усвои Акциски план за организирано заловување, собирање, ветеринарно-здравствена контрола, транспорт и привремено сместување на говедата одземени со правосилни решенија на подрачјето на Општина Крива Паланка. Започна спроведувањето на планот, а првиот чекор на терен ќе биде мапирање на локациите каде што се наоѓа добитокот. На состанок во Министерството за земјоделство, шумарство […]

To top