Поранешниот разузнавач и безбедносен аналитичар Владо Јовановски, во гостувањето во НАТКАСТ со Љупчо Цветановски, изнесе сериозни тврдења за дејствувањето на бугарските разузнавачки служби во Македонија и нивното влијание врз македонскиот општествен и политички живот.
Според Јовановски, она што бугарските тајни служби го направиле во минатото во Македонија претставува пример што треба да се изучува во школите за разузнавање.
– Најголемиот успех на бугарската служба, а наш срам и неуспех е тоа што бугарската разузнавачка служба на нас ни изгради врвни луѓе и ни ги инсталира во врвниот општествен и политички живот. Од премиери, до ете, да не зборувам понатаму, тоа им е најголемиот успех. Еден ден, ако бидам во можност, јас тоа ќе го ставам да се изучува во школите за разузнавање како пример – како една служба постапува во друга служба и држава. Спомнав и претходно, дали е со уцени, со закани, со компромитирање или со друго мотивирање, останува прашање и не е битно, битно успехот е постигнат – посочи Јовановски.
Случајот со Ива Михаилова – пример за разузнавачки аматеризам
Јовановски смета дека во школите за разузнавање треба да се изучува и начинот на постапување на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) во случајот со Ива Михаилова, кој тој го оценува како пример за аматеризам и сериозен неуспех на бугарската служба.
– Понатаму, во бугарското општество и во бугарските служби се случуваат процеси на распаѓање. Прво се приближуваат кон ЕУ, расте корупцијата, криминалот достигнува некоја своја кулминација, влегуваат во ЕУ, не престануваат криминалот и корупцијата, почнува иселувањето, тешките проблеми за општеството, за Бугарите. Така и нивните служби почнуваат да ја губат својата стабилност и силина и на тоа го базирам ова што сега се случи со Ива Михаилова и такви некои случаи кои не ме изненадуваат. Се случува и тоа, иако е аматерски и тоа не смеел да си го дозволи ниту еден оперативец – објаснува Јовановски.
Бугарските државјани и меѓународните разузнавачки активности
Во поново време, темата за разузнавачките активности поврзани со Бугарија повторно стана актуелна во европската јавност, но во поинаков контекст – преку регрутирањето бугарски државјани од страна на руските разузнавачки структури.
Во 2025 година, суд во Велика Британија осуди шестмина бугарски државјани за шпионажа во корист на Русија. Нивните активности, меѓу другото, опфаќале следење и планирање операции против истражувачки новинари, меѓу кои и Христо Грозев, како и руски дисиденти низ Европа.
Прашање за македонската национална безбедност
Изнесените тврдења на Јовановски отвораат сериозни прашања за националната безбедност, функционирањето на македонските институции и заштитата на државните и националните интереси од влијанието на странските разузнавачки служби.
Доколку постојат докази за таквите активности, надлежните македонски институции имаат обврска да ги истражат и да ја информираат јавноста.
Македонските граѓани имаат право да знаат дали и во колкава мера странските разузнавачки структури влијаеле врз политичките процеси и донесувањето на одлуките од суштинско значење за иднината на Македонија.
Извор: Курир / НАТКАСТ