Владата на последната седница усвои Акциски план за организирано заловување, собирање, ветеринарно-здравствена контрола, транспорт и привремено сместување на говедата одземени со правосилни решенија на подрачјето на Општина Крива Паланка. Започна спроведувањето на планот, а првиот чекор на терен ќе биде мапирање на локациите каде што се наоѓа добитокот.
На состанок во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Координативниот штаб ги утврди задолженијата на вклучените институции, потребните човечки и технички ресурси и начинот на организирање на теренските активности.
„Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Податоците за бројноста и распространетоста на добитокот, како и за пристапноста на локациите, ќе послужат за планирање на заловувањето, ветеринарната контрола и транспортот на животните.
Во почетната фаза е предвидено животните да бидат предадени на казнено-поправните домови во Идризово и Прилеп. Штабот ја разгледал и можноста дел од добитокот, во согласност со законските прописи, да им биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари.
Во спроведувањето на планот учествуваат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.