На прво место

Да се вклучите во духовната обнова на Македонија пред да биде предоцна

gjorge-ivanov-podarok-papa-francisk-2-480x413-219214

gjorge-ivanov-podarok-papa-francisk-2-480x413-219214

Говор на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов

на средбата со Неговата Светост папата Франциск

Ваша Светост,

Почитувани еминенции и екселенции,

Дами и господа,

Ми претставува чест и големо задоволство како Претседател на Република Македонија во името на македонските граѓани да му посакам најтопло добредојде на Неговата Светост, папата Франциск. Симболично, оваа историска посета се случува на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Светиот Престол. Благодарни сме за континуираната поддршка за нашата европска интеграција и, воопшто, за напредокот на нашата држава. Одличните билатерални односи се надоврзуваат на длабоката и вековна доверба и почит на македонскиот народ кон Светиот Престол.

Ваша Светост,

Вашата апостолска посета на Република Македонија е полна со симболика. Но, тука има еден проблем. За современиот човек, симболот е испразнет од суштината. Слободата, еднаквоста, правдата, човековите права се симболи што ги инспирирале генерациите да се борат против ропството, сиромаштијата, неправдата и уништувањето. Денес, овие зборови почнаа да го губат значењето. А кога зборовите и симболите го губат нивното значење, луѓето ја губат нивната слобода.

Но, во христијанството, симболот не е само сликовита претстава за суштината, туку сад што во себе ја содржи самата суштина на она што го претставува. Изворното значење на симболот е препознавање и поврзување на два дела од една целина кои иако долго време биле одвоени, сепак меѓусебно се совпаѓаат. Посланието до Диогнет зборува за ваквата природа на симболот: „бидејќи христијаните не се разликуваат од другите луѓе според територијата, говорот или, пак, обичаите. […] Тие живеат во своите земји, но само како кираџии; тие учествуваат во сè како граѓани, а го поднесуваат секое бреме како туѓинци. Секоја странска земја им е татковина, а секоја татковина туѓина […] Нивниот престој е на земјата, но тие се граѓани на небото.“ Христијаните се препознаваат и поврзуваат преку евхаристијата како симбол на прекршеното тело Христово. А Вие, Ваша Светост сте еден од симболите на тоа единство.

Во нашата ера на конзумеризам, корпоративизам и постхуманизам, Вие нас нè потсетувате дека постојат нешта кои имаат вредност, а немаат цена. Светоста на човековиот живот, интегритетот на човечката личност, достоинството на различноста.

Вие нè поттикнувате да ги земеме предвид не само нашите непосредни потреби, туку и потребите на другите. Да направиме простор за другите во нашите животи и во нашите заедници. Да ги надминуваме сите наши семејни недоразбирања во љубов. Нè освестувате за незаменливата улога на жените.

Со сето тоа станавте инспирација за милиони луѓе низ светот. Но, како е тоа можно во време кога во неброени политички декларации овие симболи беа сведени на празни формулации.

Благодарение на Вашите дела, ние ја препознаваме суштината на симболите. Кај Вас, зборовите се совпаѓаат со делата, а делата со вистинските потреби на човештвото.

Затоа, длабоко сум убеден дека Вашите заложби за мир и единство, еднаквост и социјална правда, слобода на мислата, совеста и религијата, одржлив развој и владеење на правото прават реална разлика зашто се симбол на обновениот свет.

Ваша Светост,

Мојот мандат како претседател го завршувам со тоа што Ве пречекувам Вас во Република Македонија. Mорам да Ви признам дека бев во големо искушение да го искористам Вашето присуство и фокусот на светските медиуми и да зборувам сè најдобро за мојата држава и за мојот народ. Би можел да се осврнам на мисијата на Св. Апостол Павле во Македонија што го отвори патот за христијанството во Европа. Или, пак за мисијата на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум Охридски кои придонесоа за културното и духовно издигнување на словенските народи. Би можел да го истакнам шествековното мирно искуство со исламот што позитивно го оформи македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. Да не заборавиме дека најпознатата ќерка на овој соживот стана мајка на 20 век – Св. Мајка Тереза.

Искушението да зборувам за славното минато е големо. Но, верувам дека е многу поважно да зборувам за неизвесната сегашност, колку и да е тоа тешко. А вистината е дека Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајни вредности. Крстот и полумесечината, црквата и џамијата се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии. Како да се заборава дека сите ние сме луѓе, независно од нашата вера.

Само духовно променети луѓе можат да го променат духот на општеството. Но, за тоа е потребна личност со голем морален авторитет што ќе ѝ зборува на душата на нацијата. Длабоко сум уверен дека македонските граѓани, христијани, муслимани, Евреи или атеисти, токму во Вашата Светост гледаат таква личност. Многу млади лидери од мојата лидерска школа Ве посочуваат како лидер што најмногу ги инспирира.

Затоа, симболично, како Македонец замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина.

Ваша Светост,

Иако сум православен христијанин, како претседател на секуларна држава, јас ги претставувам сите граѓани, независно од нивните верски и идеолошки уверувања и етничка и јазична припадност.

За повеќе од милијарда католички христијани во светот, Вие, како поглавар на Католичката црква го претставувате Богочовекот Исус Христос. Оној кој на последната вечера, свесен за страшните страдања што му претстојат, знаејќи со сигурност дека во неговите раце е целата моќ, станал од вечерата и понизно им ги миел нозете на своите ученици.

Во изминативе неколку години светот со зачуденост и неверување гледа како Вие симболички го повторувате истиот тој чин. Вие се наведнувате да им ги измиете нозете на болните и сиромашните, на затворениците и бегалците, на гладните и жедните, на отфрлените и маргинализираните, независно дали се христијани, муслимани, Евреи, хиндуси, будисти, атеисти… Верувам дека Вашите дела не се само уште еден истрошен симбол. Напротив. Вие нè потсетувате дека иако нашата човечка љубов кон Бога и кон луѓето е променлива, божјата љубов и верност кон нас луѓето е трајна. Со тоа, Вие го симболизирате патот на љубовта и милоста, понизноста и служењето. Пат што треба да го следиме и ние тука, во Република Македонија, независно од нашата вера или идеологија. Само така ќе можеме да им оставиме подобра иднина на младите и на сè уште неродените.

И затоа ќе завршам со еден повик до сите мои сограѓани, до сите луѓе со добра волја и чисти срца, независно дали припаѓаат на православната, католичката или протестантската гранка на христијанството, независно дали се муслимани, Евреи или атеисти. Ве повикувам да ја препознаете симболиката на оваа посета и преку понизност и простување, помирување и сплотување, преку одговорност и почитување, да се вклучите во духовната обнова на Македонија пред да биде предоцна.

Ваша Светост, уште еднаш, најискрено Ви благодарам што дојдовте во Република Македонија. Како Претседател, чест ми е да Ве поканам да се обратите пред присутните гости и пред македонската јавност.

Ви благодарам.

Најново од: На прво место

Промоција на капиталното научно дело „Лексикон на македонскиот фолклор“

Во понеделник, 30 ноември 2026 година, во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, ќе бидат презентирани резултатите од капиталниот научноистражувачки проект „Лексикон на македонскиот фолклор“ – значајно дело за зачувување и афирмација на македонското духовно и материјално културно наследство. ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил […]

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува сквернавењето на македонското знаме во Гостивар

Македонското знаме е симбол на државноста, суверенитетот и независноста на Република Македонија, а секое негово сквернавење треба да биде санкционирано согласно законските прописи. На 27 ноември 2026 година во ОВР Гостивар било пријавено отстранување на македонското државно знаме, поставено од Општина Гостивар на улицата „Илинденска“. На видеоснимката објавена на социјалните мрежи се гледа како две […]

Сребро за Софија Станковска на меѓународниот боксерски турнир во Загреб

Македонската боксерка со борбеност, карактер и одличен настап повторно ја израдува македонската спортска јавност. Македонската боксерка Софија Станковска со нејзиниот трењер Кристијан-Кице Мојсовски Македонската боксерка Софија Станковска, членка на БК „Аперкат“, освои сребрен медал на меѓународниот боксерски турнир „Zagreb Boxing Queen“, потврдувајќи го својот талент и потенцијал. По одличната победа со едногласна одлука на судиите […]

Свети апостол и евангелист Матеј

На овој ден именден празнуваат Матеј, Матеја и Матко. На 29 ноември Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на Свети апостол и евангелист Матеј, еден од дванаесетте Христови апостоли и автор на првото Евангелие во Новиот завет, според црковното предание. Свети Матеј, познат и под името Левиј, бил син на Алфеј. Пред […]

Скопје ќе блесне во новогодишно руво

Скопјани ќе имаат единствена голема новогодишна прослава на градскиот плоштад, главниот град ќе биде украсен во периодот од 10 до 15 декември, а паралелно продолжува реализацијата на значајните инфраструктурни проекти. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето во „Тема на денот“ на телевизија Сител, ги најави плановите за новогодишното украсување на главниот град и […]

Филипче и СДС – како ловџија со празна пушка

Она што Владата предводена од Христијан Мицкоски го реализираше или го започна за две и пол години, Филипче треба да го спореди со резултатите од седумгодишното владеење на СДС и да објасни како би го реализирал во наредните дваесет и пет години. Политичката одговорност не се избегнува со постојано критикување на актуелната власт, туку со […]

Софија Станковска и Матеја Илиевска во борба за злато во Загреб

Македонските боксерки Софија Станковска и Матеја Илиевска денеска ќе се борат за златни медали на меѓународниот боксерски турнир „Zagreb Boxing Queen“ во Хрватска. Софија Станковска од БК „Аперкат“ вчера со одличен настап, борбеност и извонредна техника извојува убедлива победа со едногласна одлука на судиите, со резултат 5:0, обезбедувајќи пласман во финалето. Матеја Илиевска од АС […]

Започнуваат Божикните пости – духовна подготовка и македонска народна традиција

На 28 ноември започнуваат четириесетдневните Божикни пости, кои траат до Бадник, 6 јануари, во пресрет на еден од најголемите христијански празници – Рождеството Христово, Божик. Божикниот пост претставува период на духовно прочистување, молитва, покајание, милосрдие, простување и подготовка за достоинствено празнување на Христовото раѓање. Божикните пости во македонската народна традиција Почетокот на Божикните пости има […]

To top