Фотографиите чуваат мигови што животот никогаш не ги повторува.
Ги гледам овие лица и се навраќам на Петковден во 1992 година, на нашата домашна слава, на молитвата, песната и разговорите во семејниот дом.
Поминаа многу години. Некои од присутните заминаа во вечноста, а со некои животот нè однесе на спротивни страни. Но, подоцнежните несогласувања не можат да го избришат споменот на денот кога биле гости во мојот дом, пречекани со почит и со отворено срце.
Нашето семејство Јаковлески го празнува Петковден, на 27 октомври. Домашната слава ја презедов од моите родители и продолжив да ја славам, чувајќи ги обичаите со кои пораснав. За мене, таа е духовна врска со нив, со родното Зубовце со Македонија и со семејните корени.
Секое празнување на Петковден во нашиот дом носело нешто посебно. Но, прославата во 1992 година остана запаметена по средбата на многу драги луѓе: црковни великодостојници, уметници, стопанственици, роднини и пријатели, кои со своето присуство ни направија чест.
На празнувањето тогаш присуствуваа тројца владици на Македонската православна црква: г. Петар, митрополит преспанско-пелагониски; г. Тимотеј, митрополит дебарско-кичевски; и г. Стефан, тогашен митрополит брегалнички.
Со нас беа и Александар Ристовски, мојот вујко и поранешен претседател на Општина Гостивар; Љубчо Георгиевски, тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ; Симеон Гугуловски, оперски првенец; Јонче Христовски, легенда на македонската народна песна; Стефан Доневски – Мајка, бизнисмен од Берлин; Ставре Џиков, судија; Стојан Карајанов, директор на Домот на културата „АСНОМ“ во Гостивар; Делче Ицков тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гостивар, членовите на оркестарот „Бисери“ од Демир Хисар, како и Киро Кипроски, кој ги овековечи овие мигови со својот фотоапарат.
Денес овие фотографии за мене имаат вредност што со годините станува сè поголема. Во нив е зачуван дел од семејната историја, но и едно време во кое се испреплетуваа верата, пријателството, песната и надежите за Македонија.
На упокоените – вечен спомен и Царство Небесно. На живите – здравје и мир. А за сите нас – мудрост да го сочуваме доброто што некогаш сме го споделиле, дури и кога меѓу нас останале тешки зборови и несогласувања.
Петковден од 1992 година останува длабоко во моето сеќавање – како дел од мојот живот, од мојот дом и од традицијата што ја наследив од родителите.
Света Петка – закрилничка на домот и семејството
На 27 октомври, односно на 14 октомври според стариот календар, православната црква го празнува споменот на Преподобна Параскева – Света Петка, во народот познат како Петковден.
Почитувањето на Света Петка е длабоко вкоренето кај македонскиот народ. Верниците ѝ се обраќаат со молитви за здравје, утеха и заштита од несреќи и болести, а народот со љубов ја нарекува и мајка Параскева. Со нејзиното име се поврзуваат и извори познати како петочни води, на кои народното предание им припишува лековитост.
Во многу македонски домови Петковден се празнува како куќна слава. Со свеќа, молитва и славска трпеза, семејствата ја продолжуваат традицијата и го чуваат споменот на своите предци.
Нека е за многу години Петковден! Света Петка нека донесе здравје, мир и благослов во секој дом!
Фотографии: Киро Кипроски – Петковден, 1992 година.







