КУРИР интервју со Радичевски: „Една Брвеница за сите“ – со посветена работа ќе им овозможиме на младите да ја градат својата иднина дома
Очекувам партнерска соработка со Владата, министерствата и другите институции, особено во областите на инфраструктурата, економскиот развој, образованието и социјалната заштита. Нашата задача ќе биде да подготвуваме квалитетни проекти, да аплицираме на достапните програми и фондови и да обезбедиме нивна реализација во согласност со законските процедури. Посебно значајни се проектите за индустриската зона, локалните патишта, водоснабдувањето, канализацијата и подобрувањето на условите за децата и повозрасните лица. Соработката со централната власт треба да донесе конкретни резултати за граѓаните, а не да остане само на институционално ниво. Ќе се залагам секоја можност за развој да биде искористена одговорно, со јасни приоритети, транспарентност и контрола на реализацијата, посочи Радичевски.
Граѓаните на Брвеница, на 18-ти октомври (недела) ќе избираат свој градоначалник. На предвремените избори, довербата од нив ќе ја побара кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски.
Во интервју за КУРИР, Радичевски открива што за него значи довербата добиена од владејачката партија, кои ќе бидат неговите приоритети и како ќе ја реализира неговата цел: Брвеница да бида општина за сите.
КУРИР: Кој е Стојанчо Радичевски надвор од политиката и што ве мотивираше да ја побарате довербата од граѓаните на Брвеница?
Радичевски: Надвор од политиката, сите ме познаваат како Цоки, моите пријатели, сограѓани и луѓето па дури и колегите на работа со кои секојдневно се среќавам. Пред сè, јас сум сопруг и татко на две прекрасни деца, син и ќерка, кои се мојата најголема мотивација и потсетник дека секоја наша одлука треба да ја градиме со мисла за идните генерации. По професија сум правник, магистер по граѓанско право, дипломиран на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а професионалното искуство го стекнував работејќи во институциите. Политиката е дел од мојот живот уште од тинејџерските години, кога бев претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница. Потоа ги поминав сите нивоа на партиското работење, од млад активист и секретар до претседател на Општинскиот комитет. Одлуката да ја побарам довербата на граѓаните произлегува од желбата моето искуство, знаење и енергија да ги ставам во служба на заедницата во која живеам. Сакам Брвеница да продолжи да се развива, да создава повеќе можности за младите и да биде место во кое секое семејство ќе ја гледа својата иднина.
КУРИР: Вие сте претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница. Што научивте од партиското работење, а што ќе можете да го примените доколку ја преземете одговорноста за сите граѓани?
Радичевски: Најважната лекција од политичкото и организациското работење е дека резултатите се постигнуваат преку заедништво, добра организација и отворена комуникација. Различните мислења не треба да бидат пречка, туку можност да дојдеме до подобри решенија. Токму затоа, како градоначалник, ќе се водам од принципот дека јавниот интерес е над партиските и личните интереси. Мојата цел е да го задржам и надградам моделот на работа заснован врз непосредна комуникација со граѓаните, препознавање на реалните потреби и претворање на тие потреби во конкретни проекти. Сакам општината да биде институција отворена за сите, во која граѓаните ќе можат да ги изнесат своите предлози и да добијат јасен одговор за тоа што може да се реализира, во кој рок и со какви средства. Раководењето со општината бара одговорност кон секој жител, без разлика на неговата политичка или етничка припадност.

КУРИР: Што значи за вас довербата од владејачката партија и лидерот Христијан Мицкоски, да бидете токму вие нивниот кандидат за градоначалник во оваа општина?
Радичевски: Тоа за мене претставува голема чест, но пред сè сериозна одговорност. Довербата што ми е укажана од претседателот Христијан Мицкоски и од партијата ја разбирам како обврска да работам посветено, чесно и одговорно за граѓаните на Брвеница. Свесен сум дека функцијата градоначалник носи големи предизвици и дека развојот на општината бара многу работа, добра координација и истрајност. Мојата професионална подготовка и искуството од работата во институциите ми даваат основа подобро да ги разберам административните процедури и можностите за реализација на проектите. Но, најважно е што имам јасна цел, да создадеме подобри услови за живот, да привлечеме инвестиции, да ја подобриме инфраструктурата и да им овозможиме на младите да ја градат својата иднина во Брвеница. За мене, ова не е само личен предизвик, туку одговорност кон сите сегашни и идни генерации.
КУРИР: Најавивте продолжување на започнатите проекти и нови инвестиции. Кои се вашите три најважни приоритети во првите 100 дена, доколку бидете избрани?
Радичевски: Во првите 100 дена мојот приоритет ќе биде да воспоставиме јасен систем за работа, со утврдени приоритети, рокови и одговорности за секој проект. Како прв значаен приоритет го издвојувам унапредувањето на инфраструктурната поврзаност, вклучително и иницијативата за изградба на клучка кон автопатот, која би имала големо значење за пристапноста, транспортот и економскиот развој на општината. За овој проект ќе биде неопходна координација со надлежните институции и обезбедување на потребните услови за реализација. Вториот приоритет е поддршката на локалната економија преку развој на индустриската зона „Брвеница“, создавање услови за нови инвестиции и отворање работни места. Третиот приоритет е подобрувањето на условите за најмладите, преку продолжување на доградбата на детската градинка во Брвеница и зголемување на капацитетот за згрижување деца. Паралелно со овие активности, ќе работиме на утврдување на состојбата на започнатите проекти, финансиските обврски и можностите за нивно непречено продолжување. Првите 100 дена треба да постават цврста основа за реализација на програмата во текот на целиот мандат.

КУРИР: Вашата цел е да привлечете нови инвестиции, да отворите нови работни места и да создадете подобри услови за младите, да ја гледаат својата иднина во Брвеница. Може ли нешто поопширно за оваа ваша заложба?
Радичевски: Економскиот развој е еден од клучните предуслови за подобар живот во општината. Нашата цел е Брвеница да стане препознатлива како место во кое бизнисите можат да се развиваат, а младите да добијат можност за работа, професионален напредок и самостојност. За таа цел, во програмата предвидуваме развој на инфраструктурата во индустриската зона „Брвеница“, подобрување на условите за работа на постојните компании и создавање поволна средина за привлекување нови инвеститори. Но, економскиот развој не се сведува само на големите инвестиции. Подеднакво важно е да им помогнеме и на малите бизниси, младите претприемачи и жените кои сакаат да започнат сопствена дејност. Преку иницијативите „Млади со идеи“ и „Мој бизнис, моја општина“, како и преку Центарот за знаење и практични вештини, планираме да создадеме можности за развој на претприемачките идеи, стекнување практични знаења и полесно поврзување со бизнис заедницата. Дополнително, ќе работиме на поддршка на руралниот развој и локалното производство. Верувам дека кога ќе создадеме подобри услови за стопанството, ќе отвориме простор и за нови вработувања. Нашата цел е младите да останат во Брвеница затоа што тука ќе можат да изградат сигурна и перспективна иднина.
КУРИР: Понудивте проекти за сите граѓани на Брвеница. Не ги заборавивте ниту најмладите ниту најстарите. Доградувате градинка и отворате нов дом за стари лица. Зошто се важни овие проекти?
Радичевски: Затоа што развојот на една општина се мери и според грижата што ја покажува кон своите жители во секоја животна доба. Најмладите заслужуваат безбедни и современи услови за растење, образование и социјализација, а нивните родители заслужуваат сигурност дека имаат соодветни услови за згрижување на своите деца. Затоа доградбата на градинката во Брвеница, како и изградбата на нова детска градинка во Челопек, се важни инвестиции во иднината на нашата општина. Од друга страна, нашите повозрасни сограѓани се луѓето кои со својот труд ги граделе нашите семејства и заедници. Тие заслужуваат достоинствен живот, грижа и соодветна поддршка. Во програмата предвидуваме отворање дом за стари лица со капацитет до 50 корисници, со што би се создале дополнителни можности за социјална заштита и грижа за повозрасните. Овие проекти ги гледам како дел од поширока визија за општина која не остава никого настрана. Ќе продолжиме да инвестираме и во подобрување на условите во училиштата, енергетската ефикасност и пристапноста за децата со попреченост. Сакам Брвеница да биде заедница во која секој човек ќе се чувствува прифатен, почитуван и згрижен.

КУРИР: Во кампањата зборувате за Брвеница како општина за сите. Како тоа ветување ќе се претвори во конкретни политики?
Радичевски: За мене, „Една Брвеница за сите“ не е само порака, туку принцип според кој треба да функционира општината. Тоа значи рамномерен развој, правична распределба на инвестициите и решавање на проблемите според реалните потреби на жителите. Во нашата програма се предвидени инфраструктурни проекти во повеќе населени места, меѓу кои реконструкција и рехабилитација на локални патишта, доизградба на канализациски мрежи и подобрување на водоснабдувањето. Ќе се залагам ниту едно населено место да не биде заборавено и секој проект да има јасна цел и оправданост за граѓаните. Посебен акцент ќе ставиме на транспарентноста, преку редовно информирање за текот на проектите, потрошените средства и постигнатите резултати. Планираме и дигитални алатки преку кои граѓаните ќе можат полесно да пристапуваат до општинските услуги, да доставуваат предлози и да учествуваат во процесот на донесување одлуки. Развојот не смее да зависи од тоа во кое село живеете, на која заедница ѝ припаѓате или за кого сте гласале. Градоначалникот мора да биде градоначалник на сите жители, а тоа е обврска што ја прифаќам со целосна одговорност.
КУРИР: Дали сте подготвени да соработувате со сите советници, независно од нивната партиска припадност, кога се работи за проекти од јавен интерес?
Радичевски: Апсолутно. Советот на Општина Брвеница е место каде што треба да се соочуваат различни мислења, но и да се бараат решенија во интерес на граѓаните. За мене, партиската припадност не смее да биде пречка кога станува збор за подобрување на инфраструктурата, образованието, социјалната заштита или економскиот развој. Подготвен сум да разговарам и да соработувам со сите советници кои сакаат да придонесат за реализација на проекти од јавен интерес. Тоа не значи дека секогаш ќе имаме исти ставови, туку дека ќе имаме обврска да ги надминуваме разликите преку аргументи, дијалог и заемна почит. Брвеница е мултиетничка општина и нејзината разновидност треба да ја гледаме како вредност и предност. Нашата иднина зависи од способноста да градиме доверба и да работиме заедно. Изборите се натпревар на програми и идеи, но по нив остануваме соседи, пријатели и сограѓани. Затоа сакам политичката култура во општината да ја одликуваат почитта, одговорноста и соработката.
КУРИР: За општините е многу важна соработката со централната власт. Каква соработка очекувате вие меѓу Владата и општина Брвеница?
Радичевски: Соработката меѓу локалната и централната власт е од особено значење, бидејќи голем дел од капиталните инвестиции бараат институционална координација, стручна подготовка и обезбедување финансиски средства. Во досегашното работење имав можност да се запознаам со функционирањето на институциите и со процедурите преку кои се подготвуваат и реализираат проектите. Тоа искуство ќе ми помогне поефикасно да ги препознавам можностите за финансирање и да ги застапувам потребите на општината пред надлежните институции. Очекувам партнерска соработка со Владата, министерствата и другите институции, особено во областите на инфраструктурата, економскиот развој, образованието и социјалната заштита. Нашата задача ќе биде да подготвуваме квалитетни проекти, да аплицираме на достапните програми и фондови и да обезбедиме нивна реализација во согласност со законските процедури. Посебно значајни се проектите за индустриската зона, локалните патишта, водоснабдувањето, канализацијата и подобрувањето на условите за децата и повозрасните лица. Соработката со централната власт треба да донесе конкретни резултати за граѓаните, а не да остане само на институционално ниво. Ќе се залагам секоја можност за развој да биде искористена одговорно, со јасни приоритети, транспарентност и контрола на реализацијата, посочи Радичевски.
