„Една Брвеница за сите“ беше пораката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на завршниот митинг пред вториот круг од изборите за градоначалник. Тој ги повика граѓаните в недела, на 1 ноември, да го поддржат Стојанчо Радичевски, со заокружување на бројот 1, и да избираат според понудените проекти и можностите за подобар живот.
Во обраќањето Мицкоски порача дека Брвеница заслужува развој, сигурност и иднина во која младите ќе остануваат, а секој жител, без оглед на националната, верската или политичката припадност, ќе ја чувствува општината како свој дом.
Според него, силата на една општина се мери и со изградените улици, водоводи и училишта, но и со довербата меѓу луѓето и чувството дека институциите им служат на сите.
„Ќе помине 1 ноември, ќе дојде 2 ноември“
Посебен дел од говорот Мицкоски посвети на соживотот, раскажувајќи за средба со жител на Теново, каде што црквата и џамијата се наоѓаат една до друга. Како што пренесе, соговорникот му посочил дека мештаните со генерации живеат заедно, се поздравуваат и ја практикуваат својата вера во различни храмови.
Мицкоски предупреди дека политичките пораки за време на изборите не смеат да ги нарушат тие односи.
„Треба да знаете дека ќе помине 1 ноември, ќе дојде 2 ноември, тие ќе заминат и прашање е дали некогаш повторно ќе се вратат овде. А вие и во Теново и во Радиовце и во Брвеница и во Седларце и во Милетино и во Челопек и во сите други населени места ќе продолжите да живеете еден покрај друг. Ќе си бидете поддршка еден на друг“, порача тој.
Иселеништвото ги погодува сите семејства
Обраќајќи им се на младите, Мицкоски рече дека ја разбира нивната потрага по подобра плата, можности и сигурност во странство. Нагласи дека обврска на Владата е да создава услови во кои заминувањето од Македонија ќе биде избор, а не нужност.
Порача и дека последиците од иселувањето подеднакво ги чувствуваат семејствата од различните заедници.
„Подеднакво ќе боли солзата на мајката Албанка и на мајката Македонка“, рече Мицкоски, повикувајќи на заедништво за иднината на децата.
Поддршка за Радичевски и пораки за конкретни проекти
Мицкоски го претстави Стојанчо Радичевски како кандидат за сите жители на општината и побара поддршка од граѓаните без оглед на нивната партиска определба.
Посочи дека жителите бараат безбедни патишта, чиста вода, уредени училишта, функционални јавни услуги и институции што ќе ги решаваат нивните проблеми.
„И тоа не е луксуз. Тоа е право на секој граѓанин“, нагласи тој.
Зборувајќи за досегашната работа, Мицкоски наведе изградба на спортски сали и игралишта, реновирање училишта и асфалтирање патни делници како проекти со кои, според него, се покажува разликата во пристапот кон општината.
Критики кон ДУИ
Во политичкиот дел од обраќањето, Мицкоски упати остри критики кон коалицијата предводена од ДУИ. Ја обвини партијата дека по повеќе од две децении учество во власта повторно настапува со поделби, наместо со понуда за развој.
Побара нејзините претставници да одговорат што направиле за секојдневниот живот на граѓаните, нагласувајќи дека сиромаштијата и последиците од корупцијата ги погодуваат сите заедници.
„Затоа што патриотизмот не се докажува со националистички пароли, туку со дела. Со чесна работа, со одговорност и со човечко почитување“, порача Мицкоски.
На крајот од завршното обраќање повторно повика на масовна излезност и поддршка за Радичевски.
„На Македонија не ѝ се потребни нови поделби, ѝ се потребни успеси. Не ѝ се потребни изговори, потребни се резултати“, рече Мицкоски, завршувајќи со пораката:
„Една Брвеница за сите, една иднина што ќе ја градиме заедно.“



