Песни за Македонија

„Тешкото“

Песнана „Тешкото” од Блаже Конески, го инспирирал еден настан во 1942-ра година што се случил во Прилеп. Видел како орото го играат тивко, без музика, без зурли и тапани. Песната ја напишал во 1946-та, а е објавена во 1948-ма.

„Тешкото“

… О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот –
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик –
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но ‘рзнува тапан и писок се крева
и молња светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце – сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш – се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета –
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна – за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш – в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура –
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг –
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си – внук.
Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват – сè чекор по чекор.

О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!
Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред,
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
Се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад –
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е – солза да потече врела,
зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!

Најново од: Песни за Македонија

За Андон Дончевски – наша гордост и жива легенда

Легендата на црвено-црните Од Кавадарци тргна, по скопската трева, со секој негов гол публиката се крева. Со грбот на Вардар и со срце свое, на теренот беше стрелец што победи брои. Двесте и седумнаесет пати мрежата ја затресе, секој негов удар нова радост донесе. Со оган во градите, со молња во чекорот, остави трага во […]

Песна за Гоце

Автор: Венко Марковски Горо ле сестро ајдушка Горо ле, мајко јуначка Зошто ле горо, зашуми Кога ни ветре не дувна? Дал ми те јунак наминал Со стара верна дружина? Дал ми те некој проколна За вековечни времиња. Ил ми те нешто исплаши, Исплаши памет помами? Горо ле, не трај – прозбори, Тешка ми рана отвори. […]

Чуварот на македонскиот копнеж

Посветено на Мане Јаковлески Од убавото Зубовце, под Шара што спие, тргна едно момче со младост во гради. Но во туѓина, каде германски дожд лие, за родниот крај нешто во него врие. Тргна нови соништа да гради. Во Берлин далечен, сред туѓото сивило, Маноил силно го чуваше пламенот свет, пламенот што растеше сè поголем и […]

11 – ти Октомври

11 Октомври Од тешкиот покров на ропската ноќ се роди крик, се роди моќ. Во Прилеп град, под Маркови кули, се разбуди секој што ропство го куди. И Куманово во слободарска зора запали оган што надеж отвора. Пукна првата пушка, одекна глас: „Доста е ропство, дојде нашиот час!“ Не за туѓи круни, не за туѓи […]

Љубов за мојата родна земја

Заминавме со куфери полни со тага и надеж, преку сини мориња, кон далечни, туѓи градови. Таму сонцето нема ист топол сјај, а ноќите се студени како непознати прагови. Но колку и да нè водат патиштата низ светот, македонскиот корен и во туѓа земја никнува. Во Мелбурн, Детроит, Торонто, среде Европа, па и на крајот од […]

Лирско писмо за Волф Ошлис

Саво Костадиновски Волф Ошлис (29 септември 1941, Кенигсберг – 18 август 2026) бил германски славист, македонист, политиколог, публицист и еден од најголемите странски пријатели и афирматори на Македонија. Германскиот славист, македонист, политиколог, публицист и универзитетски професор Волф Ошлис повеќе од половина век го проучува и го афирмира македонскиот јазик, историјата и културата. Во време кога […]

ВТОРАТА МАКЕДОНСКА УДАРНА БРИГАДА

На 20-от декемвриски ден, во 1943 лето, во Егејот долу, во Фуштани село, близу до Сопота града, се роди Втората македонска ударна бригада. Се исполни планот на Кузман и Ченто, протестираше генералот Вукмановиќ – Темпо. Бригадата ја сочинуваа неколку стотини борци, командантот е Туриманџоски Димче – Горски. Низ тиквешко поле, бригадата оди, многу борби со […]

Светлината од Скопје

Посветено на Мајка Тереза Мајка на светот, со срце од чисто злато, родена во Скопје, во скромно, мило јато. Од калдрмата стара, каде детството извира, таа тргна по пат што цел свет го вселува. Во Калкута далечна, сред болка и глад, им служеше на сите – и на старец и на млад. Во секое паднато […]

To top