Има песни што ги слушаме со задоволство, а има и песни во кои препознаваме дел од себеси. „Едно име имаме“, од творештвото на Јонче Христовски, припаѓа на оние што ја претвораат љубовта кон Македонија во заедничко чувство на гордост и припадност.
Силата на оваа песна е во врската меѓу човекот и татковината. Во неа името Македонија добива длабоко лично значење: го поврзува родниот крај со семејното паметење, јазикот и чувството дека некаде припаѓаме.
Во стиховите се споменуваат Егејот, Вардар и Пирин, обединети преку македонското име и свеста за заеднички корени. Полињата, планините, реките и езерата ја дополнуваат сликата за татковината, кон која песната изразува и нежност и непоколеблива приврзаност.
Посебно место во нејзиното доживување има интерпретацијата на Јонче Христовски. Неговиот препознатлив глас, жарот и емотивниот настап ѝ даваа уверливост на секоја испеана порака. Кога Јонче пееше за Македонија, се чувствуваше дека секој збор доаѓа од длабочината на неговата душа.
За тоа колку неговите песни им значеа на луѓето, чувам едно лично сеќавање.
На едно мое патување во осумдесеттите години со покојниот Јонче Христовски кон Македонска Каменица, каде што требаше да настапи за Денот на рударите, застанавме во една меана пред Македонска Каменица. Тој предложи да се напиеме по една жолта и малку да се опушти пред настапот.
Штом влеговме, сопственикот го препозна Јонче, му пријде, силно го прегрна и возбудено рече:
„Јонче, ти си нашиот глас! Тоа што нам ни е страв да го кажеме за Македонија, ти им го кажуваш преку песна, а тие пеат и играат!“
Потоа ни ја кажа реченицата што никогаш не ја заборавив:
„Јас тоа да го кажам на маса, макар и пред пријатели, утре ќе ми дојдат од УДБА. Ќе ме прашуваат зошто сум го рекол, што сум мислел и која ми била целта. А ти, Јонче, го пееш пред сите дури и тие од УДБА играат и се веселат .“
Во тие зборови ја препознав силата на Јончевата песна. Човекот пред нас во неа го слушаше сопствениот глас — она што го чувствувал, а се плашел јавно да го изговори. Јонче умееше тоа чувство да го преточи во песна што луѓето ја прифаќаа како своја.
Стигнавме навреме во Македонска Каменица. Салата беше преполна. Јонче излезе на сцената и како гром ја запеа „Едно име имаме“.
Додека се пее македонската песна, ќе живее и името Македонија.
Едно име имаме
Покрај Егеј, Македонци,
покрај Вардар, Македонци
и под Пирин, Македонци
славно име, непокорно.
Едно име имаме
во душата го носиме,
за тебе живот даваме
о, Македонијо!
Како килим полиња,
а до небо планини,
реките златоносни,
а езера, бисери.
Мајко Македонијо
балканска убавице,
кој се родил во тебе
и живот дава за тебе.