Со потпишувањето на Меморандумот за соработка и одржувањето на заедничкиот концерт „Музиката нè поврзува“, се отвораат нови перспективи за академска, уметничка и културна соработка меѓу Македонија и Народна Република Кина.
Факултетот за музичка уметност – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, и Xiamen Institute of Technology (XIT) од Народна Република Кина потпишаа Меморандум за соработка, со кој се отвораат нови можности за академска и уметничка размена, мобилност на студентите и наставниот кадар, како и реализација на заеднички концертни, едукативни и научноистражувачки проекти.
Во рамките на меѓународната соработка, на 23 ноември 2026 година, во концертната сала на Xiamen Institute of Technology се одржа концертот под наслов „Music Connects Us“ („Музиката нè поврзува“), на кој заеднички настапија македонски и кинески уметници.
Концертната програма опфати вокални и инструментални дела од македонски и кинески композитори, меѓу кои Дарија Андовска, Горан Начевски, Жао Џипинг и Сјен Сингхај, како и дела од класичниот светски музички репертоар – Моцарт, Доницети, Пучини, Леонкавало, Респиги и Гуаставино.
Столбови на концертот беа македонските пијанистки Елена Атанасовска-Ивановска, раководител на Катедрата за клавишни инструменти и харфа, и Марија Вршкова, продекан за концертна дејност на ФМУ – Скопје.

Четири македонски професорки именувани за почесни уметници
Веќе следниот ден, професорките Вршкова, Атанасовска-Ивановска и Здравкова-Џепароска одржаа мастеркласови по пијано и сценски движења, додека професорката Андовска одржа предавање на тема „(Why) Do We Still Need to Write New Music?“ („Зошто сè уште треба да создаваме нова музика?“) и оствари средба со тамошните композитори.
Сите четири македонски професорки беа именувани за почесни уметници на Xiamen Institute of Technology.
Потпишувањето на Меморандумот, одржувањето на мастеркласовите и предавањето, како и реализацијата на заедничкиот концерт, претставуваат значаен чекор во интернационализацијата на ФМУ – Скопје, промоцијата на македонското музичко творештво и зацврстувањето на културните и академските врски меѓу Македонија и Кина.
Продолжување на академската и културната соработка во Пекинг
Посетата на Народна Република Кина, поддржана од Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија, ја продолжуваат деканката и продеканката за настава и наука во Пекинг.
Во рамките на посетата се предвидени посети на Пекиншката академија за танц, музичкиот конзерваториум во Пекинг и македонската амбасада, како и средба во Министерството за култура и туризам на Народна Република Кина.
Музиката, како универзален јазик, уште еднаш ја потврди својата моќ да гради мостови меѓу различни култури, традиции и народи, отворајќи нови хоризонти за промоција на македонската музичка уметност на меѓународната сцена.






