Досиеја

Некои од сеќавањата на 3.500 илинденци, непознати или помалку познати учесници во македонската револуционерна борба, се содржани во првиот том на „Илинденските сведоштва“

nikola-bogdanov

Неговиот исказ кој даден преку градскиот народен одбор во Битола, до президиумот на народното собрание на Народна република Македонија во 1947 година е дел од 3.500 досиеја за учесниците во македонската револуција што сега се дел од богатиот збир историски документи кои се депонирани во Државниот архив на Македонија. Некои од сведоштвата на илинденците се содржани во првиот том на „Илинденските сведоштва“ за сеќавањата на обичните учесници во македонската револуционерна борба, а кои никогаш не биле слушнати.

По формирањето на новата македонска држава на 27 јули 1946 година се носи закон за одобрување на илинденски пензии. Претходно, во 1943 година бугарските окупациски власти донеле сличен закон за паричен надомест за некои од учесниците во револуционерната дејност. Тогашната пензија изнесувала околу 4.500 лева. По ослободувањето износот на пензиите се движел од 1.000 до 4.000 динари. Подоцна, со измените на законот и со заострување на критериумите за добивање право на илинденски додаток, износот стигнувал до 8.000 динари. Но оваа сума ретко кој ја добивал поради недоволните средства во државните фондови, но и поради намалувањето на бројот на барања и возраста на илинденците.
– Илинденското востание е темелот на македонската држава. Ги знаевме само хероите и битките, но малку или воопшто не се говореше за обичните учесници во илинденскиот период – вели Јасмина Дамјановска од Државниот архив на Македонија, која со колегите Ленина Жила и Филип Петровски се коавтори на „Илинденски сведоштва“.

Најмногу податоци има за периодот од 1883 до 1908 година, но илинденците даваат и драгоцени информации за создавањето на новата македонска држава до времето на колективизацијата. Биографиите содржат податоци и информации за многу настани од овој период и за дејствувањето на македонската револуционерна организација. Илинденците сведочеле за тоа како влегле во организацијата и за принципите за кои се залагале, раскажувале за чинот на заклетвата, но и за нивните мотиви за ослободување од турскиот јарем.

Илинденците биле со различни професии. Имало занаетчии, земјоделци, сточари, учители, свештеници… Имало и жени. Најголем дел од нив биле од западна и од централна Македонија и биле концентрирани во битолскиот, прилепскиот и во охридско-ресенскиот регион, но ги имало и во другите делови на Македонија. Во организацијата биле на разни позиции и извршувале најразлични задолженија. Жените најчесто биле курирки, им помагале на војводите и на преостанатите учесници во криење, обезбдувале храна и сл. Меѓу илинденските пензионери помалку имало војводи и селски началници.
Крсто Гермов Шакир бил војвода, кој барал да му се признае илинденската дејност и правото на лична илинденска пензија поради активно учество во народноослободителните борби и во борбите во Илинденското востание.

„Во 1901 година сум влегол во градот Прилеп во организацијата. Во 1902 година го застрелав шпионот Врба од Кадино Село, Прилепско, кој ја предаде четата на Методи Патчев во Кадино Село. Тогаш станав нелегален и станав член на четата на Петар Ацев. Во Илинденското востание бев секратар на четата раководена од Толе Пашев. По неговата смрт, јас го наследувам во борбите во мариовскиот крај. Бев осудуван на смрт од турското правосудие и во 1908 година бил сум во затвор две години. За време на окупацијата симпатизирал наородноослободителна борба на народите на Југославија“, пишува во архивските документи.

Донка Буџаковска од Крушево, во сведоштвото раскажува како положила „крстена заклетва“ пред Коста Шкодра, војвода, и учителот и бајрактарот Томе Никле, сите од градот Крушево.
„Бев одредена за курирка за носење пошта и оружје. На таа должност бев до опсадата на Ракетничкото востание во 1902 година, за ослободување на македонскиот поробен народ од турската Отоманска Империја и јаничарскиот зулум. Во опсадата загинаа 12 души, Велко војводата, учителот Киро Кара и бајрактарот. За другите не помнам имињата. По опсадата добивам друга должност, по селата и Крушево собирам куршум и олово и стари калајни садови. Бидејќи се собраа доста, со наредба на Питу Гули да се напраи леарница во нашата куќа, да се напраат куршуми и да се испраќаат за четите“, пишува Донка.

Во записите кои ги поседува Архивот се даваат информации за начинот на водење на архивите на организацијата, но и податоци за внатрешните пресметки и предавства на некои поединци. Особено е важно тоа што некои од илинденците, иако поради возраста не можат директно да учествуваат во народноослободителната борба против фашистичкиот окупатор, даваат секаква поддршка на партизанските организации. Покрај логистиката со храна и облека, членови од нивните семејства активно се вклучуваат во НОБ и во изградбата на новата македонска држава.

За продолжувањето на страдањата на македонското население и желбата за ослободување од окупаторските сили по поразот на османската власт во Балканските војни сведочи и самиот Никола Богданов, кој потекнува од селото Мокрени, во костурската околија.

„По востанието, со одлука на грчката власт бев интерниран на островот Крит и по втор пат на островот Ихос. Бев прогонет од монархофашистичките банди… Останав без средства за егзистенција. Имам три сина кои се борат во Егејска Македонија и се борат со пушка во рака за да ја зачуваат честа на македонскиот народ“, пишува тој во молбата, по која му била одобрена пензија од 1.000 динари.

Ташко Арсов бил војвода од Охрид, имал свој печат и се претставувал како македонски револуционер деец. Бил и секретар и имал целосна архива за учесниците од демирхисарскиот реон за периодот од 1904 до 1907 година.
„Хуриетот излезе лаж. Па во април 1909 година ги посетував селата околу Демир Хисар. Кај селаните агитирав оти младотурците нѐ излажаа со нивниот хуриет и да се готват за ново поголемо востание за ослободување од нив. Бев предаден од зашлченскиот шпоин, поп Костадин од с. Брезово. Дојде еден жандарм и нѐ арестаа со другарот. Нѐ затворија во затворот во Битола“, запишал Арсов во своето сведоштво кое го потпишал своерачно.

– Овие сведочење се дел од секојдневната историја, односно орална историја. Најголемиот дел од историчарите ја избегнуваат и посветуваат внимание на пишаните документи. Ова не се мемоари, а сведочењата се насочени кон докажувањето на правото на пензија. Но не значи дека тие се помалку важни и претставуваат основа за натамошни истражувања. Тие даваат информации за настани и личности кои биле помалку споменувани, особено што со жалбите давани по одбивањето на барањето за пензии биле приложувани нови документи и фотографии. Секако, тие имаат и свое значење за културолозите, антрополозите и за лингвистите. Нудат масовни извори за квалитативни податоци од кои може да се направи преглед и да послужат и за други истражувања – вели Јасмина Дамјановска.

Објавувањата на овие сведоштва треба да бидат поттик и за другите граѓани кои поседуваат фотографии или документи од илинденскиот период и да ги доставуваат до државниот архив. Целото издание на „Илинденски сведоштва“ ќе се состои од пет тома. Вториот том се планира да биде завршен до крајот на август годинава.

Фото:

nikola-bogdanov

malinka-veljanovska

Малинка Велјановска

Човек човеку не му бидит роб

„Родена сум 20.2.1875 во с. Ракитица, од краино бедни родители. Работев при турските бегове во Ново Село и како таква од моите млади години се носев со мисла да ке доид еден ден да се ослободам да човек човеку не му бидит роб. Моиот маж Наидо беше член на македонското револуционерно движење и јас постанав истото, како таква на четите носев оручје, храна, обувки, писма… Во нашата куќа беше сардисана четата на Вело војводата во 1902 година. Од четата загинаа шест души и куќата ја запалија турските воиски и башибозук. Три пати бев терана во турскиот мудурлук во с. Прибилци. Бев тепана и пошто не признавав дека работам за четите ме пуштија. Ова мисла не можеше да ми излезе од главата и зато бев во врска со четите…“ Од сведоштвото на Малинка Велјановска.

mitko-jovanovski

Митко Јовановски

Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

Нова Македонија

Најново од: Досиеја

Мане Јаковлески и Ресторанот „Ново Скопје“ под надзор на Штази во поделениот Берлин

Повеќе од три децении не знаев дека источногерманската тајна служба – Штази – собирала информации за мене, за моите движења и контакти, како и за рестораните „Ново Скопје“ и „Македонија“ во Западен Берлин. За тоа дознав дури во 2017 година, благодарение на мојот близок германски пријател Матија Дорнфелд, кој работеше во Министерството за надворешни работи […]

Предлог за пласирање информација во МНЕ и пошироко – обид преку интриги да се внесе раздор во ДООМ

Документ од Службата за државна безбедност од 1987 година открива разработен план преку Мане и Гојко Јаковлевски да се наруши угледот на Драган Богдановски во македонската емиграција и да се создадат недоверба и внатрешни поделби во круговите на македонското национално движење. Македонските безбедносни служби од своето формирање по Втората светска војна, па до осамостојувањето на […]

Киднапирањето на Драган Богдановски во Париз – операцијата на СДБ против претседателот на ДООМ

Во 1977 година, среде Париз, Драган Богдановски – претседател на Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и еден од најактивните македонски политички емигранти – бил киднапиран и тајно пренесен во Југославија. Следувале 18 месеци изолација и истрага, судење зад затворени врати и пресуда од 13 години затвор. Документите од неговото досие откриваат до […]

Што видел Ниче Димовски-Македон додека седум дена бил во кома?

Во 1997 година, на 33-годишна возраст, Ниче Димовски-Македон, по тешка операција на хранопроводот во Германија, паднал во кома која траела седум дена. Преживеал, а подоцна пишувал за своите сеќавања од „другиот свет“. Години подоцна јавно изјавил дека доживеал клиничка смрт и дека имал необични визуелни слики, меѓу кои и визии поврзани со гробот на Александар […]

Членска книшка на Македонски женски сојуз од 1926 до 1934 година – сведоштво за стремежот кон слободна и независна Македонија

Членската книшка е печатена во Бугарија, а оригиналниот текст е на бугарски јазик и со тогашниот бугарски правопис, бидејќи женската организација била формирана и дејствувала во Бугарија. Македонскиот женски сојуз бил организација на жени бегалци од Македонија, формирана во Бугарија. Дејствувал во периодот од 1926 до 1934 година и одржувал контакти со ВМРО. Во почетокот […]

Вистината за „Сина птица“ – (Документи)

Патриоти вовлечени во опасна игра и видеокасетата што случајно ја откри аферата Аферата „Сина птица“ од 1992 година не може да се разбере ако се гледа само низ една видеоснимка или еден состанок во Кочани. За да се разбере што навистина се случуваше, мора да се вратиме во годините кога Југославија се распаѓаше, кога во […]

Тајните досиеја сведочат: Мане и Гојко Јаковлески членови на ДООМ под надзор поради македонската кауза во Берлин

Транскрипција на службена белешка од 16 октомври 1978 година РСВР на СРМ СДБ – Скопје Испостава на СДБ Струмица [прецртано] Струмица, 16.10.1978 год. Евиденција бр. 132/18-266 17.10.1978 год. СЛУЖБЕНА БЕЛЕШКА Извор: [прецртано] Објект: Емиграција Лица: Гојко Јаковлевски, емигрант во Берлин Мане Јаковлевски, емигрант во Берлин Стојан Ковачев од Струмица, на привремена работа во Париз – […]

Архивски документ: Љупчо Георгиевски го овластува Мане Јаковлески да ја претставува ВМРО-ДПМНЕ во Европа

ВМРО – Демократска партија за Македонско-национално единство Централен управен одбор Бр. 224/92 30.10.1992 год. Скопје ИЗВРШЕН КОМИТЕТ НА ВМРО-ДПМНЕ Скопје РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Рег. бр. 38 [нечитлив знак] 3552/1 ГУВР–Скопје ПРЕДМЕТ: ПОЛНОМОШТВО Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ (Република Македонија), има чест да го ополномошти г. Манол Јаковлески (роден на 1.02.1951 год., во Гостивар, Република Македонија), кој сега […]

To top