
Во Зубовце на Бадник во 16.00 часот кај Црквата Света Огнена Марија секоја година се пали коледарскиот оган, поврзан со обичајот познат како Коледе.
Бадник се слави на 6 јануари, еден ден пред Божик, и со палењето на коледарскиот оган симболично се најавува Рождеството Христово – Божик.
Оваа вековна традиција во Зубовце продолжува да живее и денес. Бадник и понатаму се слави со истата посветеност, а Зубовчани јасно покажуваат дека нема да дозволат оваа долговековна обичајна и духовна вредност да згасне.
И денес, како и во минатото, во селата и градовите низ Македонија, помали или поголеми групи се собираат околу огновите, се пеат коледарски песни и се избира кум за наредната година, продолжувајќи ја живата традиција што се пренесува од поколение на поколение.
Божик се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој голем празник е матица на сите христијански празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
На самиот ден Божик, рано наутро, во црквите се одржува Света Богослужба, по која следи причестување. Тоа е време на помирување, прошка и меѓусебно поканување на гости, во духот на љубовта и заедништвото.
Со Божик е поврзана и народната поговорка: „Пред Божик, зад Божик дома да си“, која нè потсетува дека за време на овој голем празник треба да бидеме дома, во кругот на семејството, заедно да ја слушнеме и прославиме радосната вест за раѓањето на Спасителот.
Весели Божиќни празници!
Христос се роди!
Вистина се роди!
