По пристигнувањето во Кичево, коњаниците од здружената коњаница „Св. Јован Бигорски – Патот на Црешовото Топче“ беа пречекани во градската црква „Св. Петар и Павле“, каде што добија благослов за безбедно продолжување на патот кон Крушево.
Во храмот беше упатена молитва за здравје, сила и Божја заштита на коњаниците, кои веќе неколку дена минуваат низ македонските планини, села и градови, носејќи порака за единство, верност кон татковината и почит кон илинденските херои.




По благословот, коњаницата го продолжи движењето низ Кичево, покрај Општата болница, а потоа преку Србјани и Староец кон Вранештица.

Пристигнувањето во црквата „Св. Илија“ во Вранештица е предвидено во попладневните часови. Таму коњаниците ќе бидат пречекани од месното население и ќе ја завршат денешната етапа од повеќедневниот марш.
Нивната крајна цел се славното Крушево и Мечкин Камен, каде што на 2 август достоинствено ќе им се поклонат на илинденците и ќе го продолжат аманетот на македонските револуционери.
Посебната вредност на оваа коњаница е во тоа што и годинава обединува учесници од различни краишта на Македонија. Иако доаѓаат од различни места, сите ги поврзуваат истата љубов кон татковината, истата почит кон Илинден и истиот завет – жртвата на македонските илинденци никогаш да не биде заборавена.
Годинашниот коњички марш е посветен на македонското единство. Тој претставува искрен и силен повик до политичките партии, државните институции и до целиот македонски народ да се обединат околу она што е најсвето и што им припаѓа на сите поколенија – Македонија.
Илинденците и асномците ги обединуваше една голема и возвишена идеја – создавање слободна, достоинствена и самостојна Македонија. Пред таа идеја ги надминуваа поделбите, личните интереси и разликите, знаејќи дека само обединети можат да ја извојуваат слободата за која сонувале генерации Македонци.
Тој свет аманет ни го оставија нам, а наша должност е да го чуваме, да го продолжиме и достоинствено да им го предадеме на идните поколенија. Македонија е поголема од секоја партиска, политичка и лична поделба. Таа е нашиот заеднички дом, нашата историја, нашата сегашност и нашата иднина.
