На прво место Дијаспора

Илинден – најголемиот празник кај македонското иселеништво во светтот

Славе Катин

Илинден – вечниот македонски факел на слободата и државноста

Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година се двата најголеми историски столба на македонската борба за национално ослободување и сопствена држава

Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година се два од најголемите историски настани за македонскиот народ и Република Македонија. И двата се случиле на 2 август – Илинден, денот што го обединува вековниот стремеж на Македонците за слобода, независност и своја држава.

Затоа Илинден е најсветлиот празник на македонскиот слободарски дух и највеличествениот симбол на сенародниот копнеж за слободна Македонија.

Првиот Илинден – востание за слобода и македонска држава

На 2 август 1903 година, на големиот верски празник Илинден, со читање на востаничките прогласи и со биење на црковните камбани, македонскиот народ се кренал на востание против османлиската власт.

Целта била ослободување на Македонија и создавање сопствена државност, заснована врз слобода, рамноправност и народна волја.

Организатор и предводник на востанието била Внатрешната македонска револуционерна организација, основана во 1893 година во Солун од група македонски интелектуалци и учители.

Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, Петар Поп Арсов, Димо Хаџи Димов и плејада други македонски револуционери му дале сила и насока на ослободителното движење. Тие ја развивале идејата за самостојна и автентична македонска револуција, која ќе се потпира врз сопствениот народ и неговата волја за слобода.

Илинденското востание претставувало највисок револуционерен дострел во дотогашната борба на македонскиот народ против султанската тиранија. Тоа станало патоказ за следните генерации и темел врз кој се градела македонската национална и државотворна мисла.

Крушевската Република – предвесник на македонската државност

Крушевската Република е најславната страница на Илинденското востание и најконкретниот израз на државотворните стремежи на македонскиот народ.

Иако траела само десетина дена, Републиката покажала дека востаниците не се бореле само против туѓата власт, туку имале јасна визија за организирано, праведно и демократско општество.

Нејзиниот револуционерно-демократски карактер особено се согледува во Крушевскиот манифест, со кој било повикано населението, без разлика на верата и припадноста, да се приклучи кон заедничката борба против тиранијата.

Илинденското востание и Крушевската Република биле воено задушени, но македонскиот народ излегол како морален победник. Востанието станало голема историска поука и искуство за продолжување на самостојната борба за национално и социјално ослободување.

Илинденскиот подвиг длабоко се врежал во колективната свест на Македонците. Тој станал знаме, симбол и патоказ за сите наредни борбени генерации, кои не дозволиле македонската кауза да згасне.

Поделбата на Македонија

Само десет години по Илинденското востание, Македонија била нападната и поделена меѓу соседните балкански држави. Поделбата била потврдена со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, со кој македонскиот народ останал без сопствена држава и бил изложен на асимилација, прогонување и забрани.

Но постоењето на Македонците не можело да биде избришано. Светската јавност уште во 1903 година известувала за Илинденското востание и за борбата на македонскиот народ против османлиската власт. Бројни новинарски текстови, дипломатски извештаи, сведоштва и историски документи потврдуваат дека светот знаел за Македонија и за македонската ослободителна борба.

Нам не ни е потребно другите да нè дефинираат и да ни кажуваат кои сме. Ние сме Македонци затоа што такви биле нашите татковци и мајки, дедовци и баби и генерациите пред нив. Ние сме Македонци затоа што земјата во која сме родени, во која сме пораснати и во која почиваат нашите предци се вика Македонија.

Вториот Илинден – АСНОМ и возобновувањето на државата

Илинденскиот факел повторно пламнал точно 41 година подоцна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде што било одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ.

Вториот Илинден бил дело на новата македонска борбена генерација, политички предводена од Комунистичката партија на Македонија и поддржана од македонскиот народ, како и од другите народности и антифашистички сили во Македонија.

Со историските решенија на АСНОМ биле поставени темелите на современата македонска држава. Македонскиот јазик бил прогласен за службен, биле потврдени основните човекови и граѓански права и била изразена државотворната волја на македонскиот народ.

Така, идеалот на илинденците од 1903 година добил своја државноправна потврда во 1944 година.

Македонија ја извојувала слободата во Народноослободителната и антифашистичка борба, плаќајќи ја со илјадници човечки животи. Саможртвата на борците овозможила во вардарскиот дел од Македонија да биде создадена современата македонска држава.

Илинден во македонската дијаспора

Илинден е запишан со позлатени букви во календарот на Македонците во сите делови на етничка Македонија и меѓу македонските иселеници ширум светот.

Неговата верска, национална и државотворна симболика ги поврзува Македонците без разлика дали живеат во Австралија, САД, Канада, Европа или на другите континенти. Илинден е ден над деновите и симбол над симболите – препознатлив знак на македонското национално постоење.

Тоа единство најсилно се чувствува за време на традиционалните илинденски иселенички прослави и пикници. Тогаш се одржуваат богослужби, црковни осветувања, културни приредби, фолклорни настапи, спортски натпревари и други национални манифестации.

Повеќе од седум децении овие прослави ги обединуваат Македонците во дијаспората. Преку песната, орото, народната носија, везот, резбата, јазикот и верата се пренесува македонското наследство од една на друга генерација.

Македонските иселеници истовремено ги збогатуваат и културите на државите во кои живеат, но не ги забораваат своите корени и татковината на своите предци.

Од независноста до денес

На 8 септември 1991 година македонскиот народ повторно ја потврди својата волја за самостојна и суверена Република Македонија.

Оттогаш државата минува низ тежок период на демократска, економска и општествена преобразба. Македонија се соочува со сериозни економски, социјални, политички и меѓуетнички предизвици, како и со старите посегања врз македонскиот идентитет, јазик и историја.

И покрај сите притисоци и неправди, македонскиот народ продолжува да опстојува. Македонците во Беломорска и Пиринска Македонија и натаму се борат за признавање и почитување на своите национални, јазични и културни права.

Илинден е нашиот вечен аманет

Илинден е вечниот факел што ги поврзува поколенијата: илинденците од 1903 година, асномците од 1944 година, генерацијата што ја извојува независноста во 1991 година и Македонците денес.

Тоа е бескрајно долг и трнлив пат, исполнет со славни страници, страдања и величествено истрајување. Тоа е патот на еден древен народ, кој низ вековите ја сочувал својата земја, вера, култура, јазик и национално име.

Нашата должност е да го чуваме аманетот на илинденците и асномците, да ја градиме Македонија и да им оставиме на идните поколенија слободна, достоинствена, економски силна и просперитетна држава.

Нека е вечен споменот на македонските херои!
Нека е вечен Илинден!
Нека ни е вечна Македонија!

Најново од: На прво место Дијаспора

Мицкоски имаше разговорот со Марко Рубио: Македонско-американското стратешко партнерство продолжува да се зајакнува

Разговорот меѓу Мицкоски и Рубио се одржа во Њујорк, а премиерот посочи дека ваквите контакти на високо политичко ниво имаат особено значење за односите меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Според Мицкоски, директната комуникација со американските партнери претставува можност за размена на ставови за прашања од заеднички интерес, продлабочување на билатералните односи и натамошно зајакнување […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Сотирис Минас – Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Понекогаш силното сведоштво за еден народ доаѓа и од човек кој не му припаѓа по раѓање, но решил да го запознае, да го научи неговиот јазик и без предрасуди да ја побара вистината. Таков е грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – човек кој самиот го научил македонскиот јазик и преку поезијата гради мост меѓу […]

20 септември 1944: Во Софија се пишувало за правото на самоопределување на македонскиот народ

На 20 септември 1944 година, во период на крупни политички и воени промени на Балканот, во Софија било објавено пишување во весникот „Отечествен фронт“ во кое се говорело за правото на самоопределување на македонскиот народ и за значењето на АСНОМ. Документот, зачуван во збирка поврзана со Павел Шатев, претставува значајно сведоштво за политичката атмосфера непосредно […]

Татко, брате – го исполнив заветот!

Постојат ветувања што човек ги дава во еден миг, а ги носи цел живот. Постојат и завети што не завршуваат со смртта на оние на кои им биле дадени. Напротив, тогаш стануваат уште посилни – стануваат долг кон семејството, кон предците и кон сопствениот народ. Таков завет понел Петро Алексовски, Македонец кој животот го однел […]

Антимакедонски хушкачи

Главна слика е по избор на мн.мк Симптоматично, ама истава оваа екипа во пауза oд лаење по прославата на независноста ќе ја видите како ги оправдува небулозните и садистички решенија за прекин на мега-аферите Мазут и Модуларната болница, та ќе ги чуете како оваа Власт била антиевропска и изолирана, па нема-нема ќе дадат некој инфантилен […]

ЈАС СУМ МАКЕДОНЕЦ, МОЈАТА ЗЕМЈА СЕ ВИКА МАКЕДОНИЈА,… СИЛНА ПОРАКА НА ВЛАДИКАТА ПЕТАР

Јас сум Македонец. Мојата земја се вика Македонија. Мојата Црква се вика Македонска православна црква. Мојата нација е македонска нација. Овие силни зборови, изговорени од Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар на Алфа телевизија, нека одекнат во секој македонски дом – во Република Македонија, Пиринска и Егејска Македонија, во Мала Преспа и Гора, но и далеку од […]

Најнови вести

To top