Албанското Министерство за внатрешни работи ги прогласило за непожелни лица Валон Беља и Бекир Халими, двајцата државјани на Македонија, објави „Топ Ченел“.
Одлуката била донесена по предлог на единицата за борба против тероризмот при албанската полиција, поради сомневања за активности насочени против интересите и безбедноста на албанската држава. Предлогот потоа бил потврден од Министерството за внатрешни работи.
Според досега објавените информации, Халими бил припадник на терористичката ОНА и е познат како вахабистички теолог. Беља, пак, е поранешен функционер на ДУИ и поранешен економски директор на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Албанските власти засега не соопштуваат повеќе подробности за конкретните активности поради кои двајцата македонски државјани се прогласени за непожелни.
Ова е уште една ваква одлука донесена во последните недели. Претходно, албанското Министерство за внатрешни работи ја прогласи за „нон грата“ и Икбале Худути, забранувајќи ѝ влез во Албанија во период од 15 години.