Музичкиот караван по повод 35-годишнината од независноста на Македонија гостуваше во Битола. Пред многубројната публика прозвучија стихови и мисли од врвни македонски поети, писатели и есеисти, како и македонски евергрини, шлагери и песни од современата музичка сцена.
Платото пред Офицерскиот дом беше претесно за сите битолчани и гости кои дојдоа да бидат дел од културниот спектакл. Публиката целосно го исполни просторот, а многумина настанот го следеа и од пошироката околина, заземајќи го секое слободно место околу еден од најпрепознатливите симболи на Битола.
За на сите посетители да им се овозможи непречен поглед кон сцената, беа поставени два големи екрана. На тој начин спектаклот, за кој се бараше место повеќе, стана достапен за сите присутни. Влезот беше слободен.
Настанот, во режија на Дејан Пројковски, е замислен како вистинско уметничко патување низ македонската културна и колективна меморија, вешто раскажано преку спој на музика, театар, поезија и современ сценски израз.
Во средиштето на сценската приказна беше Игор Џамбазов. Како главен лик, домаќин и раскажувач, тој ја водеше публиката низ различни историски епохи и генерациски слоеви. Сценариото започна со навидум едноставно, но суштинско прашање: „Како се пишува песна за Македонија?“
Од тоа прашање се разви приказна што изгради мост меѓу македонските великани Блаже Конески, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев. Македонската книжевност и легендарните музички рефрени се споија со хип-хоп ритамот, современата сцена и младите генерации, на кои им припаѓа иднината.



