Премиерот очекува интензивирање на евроинтегративниот процес и изнаоѓање решение за ситуацијата во која се наоѓа Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на нова, енергетски ефикасна детска градинка во Општина Теарце, со капацитет за 147 деца. Според него, со отворањето на објектот е надмината листата на чекање за згрижување деца во општината.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, била исклучително квалитетна, содржајна и пријателска. Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со реформите насочени кон приклучување на Македонија кон Европската Унија.
„Претседателката Фон дер Лајен, како никогаш досега, кажа дека оваа Влада прави инспиративна работа, еве да ја цитирам, за реформите и за сето она кое што е посветено на приклучување на државата кон ЕУ. Така што, јас очекувам дека во периодот кој што следи, конечно ќе можеме сите ние да го интензивираме овој процес и да најдеме решение од ситуацијата во која се наоѓаме“, рече Мицкоски.
Тој ја обвини опозицијата и медиумите блиски до неа дека не ја говорат вистината и дека се обидуваат да ги искриват неговите изјави за средбата.
„Јас кажав дека имавме исклучително квалитетен, содржаен, пријателски состанок и дека сето она кое во иднина претставува посветеност лична и посветеност на ЕУ, мотивира да продолжиме по патот на реформите и така и ќе продолжиме во периодот кој што следи“, истакна премиерот.
Според Мицкоски, позитивните оценки за работата на Владата се поттик за продолжување на реформскиот процес, а во следниот период очекува напредок кон надминување на пречките на европскиот пат на Македонија.



