По повод 85 години од народното востание, Христијан Мицкоски порача дека почитта кон предците подразбира одговорност да се чува слободата и да се создава подобра иднина за следните генерации.
Христијан Мицкоски упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, нагласувајќи ја храброста на луѓето што ја започнале борбата за слобода пред осумдесет и пет години.
„Пред осумдесет и пет години, во една од најтешките ноќи на нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но, знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро. Тие немале гаранција дека ќе победат. Немале сигурност дека ќе се вратат во своите домови. Немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе. Но, имале нешто посилно од стравот. Имале верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот“, порача Мицкоски.
Тој истакна дека нашите предци го направиле она што во нивното време изгледало невозможно – ја отвориле вратата на слободата.
„Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено“, нагласи Мицкоски.
Во честитката тој повика празникот да биде и потсетник на одговорноста што ја носи секоја генерација.
Нека овој 11 Октомври не биде само ден на сеќавање. Нека биде ден на нова одговорност. Одговорност да ја чуваме слободата. Затоа што слободата не е завршена приказна. Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи.
Честит 11 Октомври!
Да е вечна Македонија!