ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДС за ширење лаги и дезинформации во врска со случајот со „Алта банка“, оценувајќи дека со своите настапи опозициската партија создава паника и ја поткопува довербата во банкарскиот систем.
Од партијата посочуваат дека одлуките за банкарскиот систем ги носат Народната банка и гувернерот, а не премиерот и Владата. Воедно, го отфрлаат тврдењето дека гувернерот Трајко Славески изјавил оти одлуката за „Алта банка“ ја донел премиерот Христијан Мицкоски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквото однесување на СДС претставува обид за политичка саботажа, од која последиците ги чувствуваат бизнисите, економијата и граѓаните. Наместо конструктивен пристап, велат од партијата, опозицијата секојдневно ја злоупотребува загриженоста на штедачите за дневнополитички цели.
Во реакцијата се прави разлика меѓу случаите со „Еуростандард банка“ и „Алта банка“.
ВМРО-ДПМНЕ изнесува обвинувања дека Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев, и негови деловни партнери земале кредити без покритие од „Еуростандард банка“, со што, според партијата, придонеле за нејзиното пропаѓање и за оштетување на граѓаните.
За „Алта банка“, пак, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека станува збор за проблем увезен од друга држава, поврзан со престанокот на постоењето на нејзината матична банка.
Од партијата порачуваат дека ќе се најде решение и дека нема да се дозволи граѓаните да бидат оштетени.