Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ – реакција на ставовите на Венко Филипче
Нервозата и хистеријата кај Венко Филипче се сѐ поочигледни и тој не може да ги скрие, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче, очигледно, не сака што се најде решение за случајот со Алта банка и што државата и надлежните институции ги преземаат сите неопходни мерки.
Парите на граѓаните, штедачите и доверителите се безбедни, а многу скоро ќе се воспостави и нормалното функционирање на банката.
Токму тоа им смета на Филипче и на СДС. Затоа, со лаги и манипулации, прават сѐ за да создадат хистерија, да му наштетат на процесот и да ја намалат вредноста на банката.
Ова е класична саботажа со цел да им се наштети на државата, на правното лице и на граѓаните, што е дело казниво со закон“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДС и Филипче се навикнати банки да банкротираат, граѓаните да остануваат без своите пари, а сопственици на фирми блиски до семејството Заеви да остваруваат милионски придобивки.
„Таков е случајот со Еуростандард банка. Фирми за кои посочуваме дека се во сопственост на братот на Заев и на негови бизнис-партнери, како „Сара инженеринг“, „Глобал медија груп“ и „Тритерол“, според нашите наводи, зеле милионски кредити без покритие, кои потоа не ги враќале.
Со банкротот на банката, пак, без своите со мака заработени пари останаа штедачите и граѓаните“, наведуваат од партијата.
Во соопштението се бара Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев да дадат одговори и за трансферите на пари од Венецуела преку Еуростандард банка.
„Кога Венко Филипче зборува за одговорност, редно е, заедно со неговиот ментор Зоран Заев, јавно да проговорат и да сносат одговорност за сомнителните трансфери на стотици милиони евра од Венецуела, која тогаш била под санкции, а чии пари во други земји биле замрзнати.
Дали во 2019 година, кога Заев беше премиер, а Филипче министер, знаеле за овие трансфери и дали стојат зад нив? Дали преку нив во Македонија се „переле“ сомнителни, односно криминални пари?
Тоа се прашањата на кои СДС и Филипче треба да се фокусираат и да ѝ дадат одговори на македонската јавност, наместо да прават сѐ за да го саботираат процесот чија цел е заштита на интересите на сите засегнати страни, а првенствено на македонските граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.