На „Ајде, ред се редат, мале“ човек прво ќе се сети на кочанските сејмени. По прес-конференциите на СДС, песната си доби и нов рефрен. Ајде, ред се редат мале, црните сценарија на СДС.
Во СДС постојано предупредуваат дека буџетот е празен, празен ден во календарот за прес-конференции, пак тешко се наоѓа. Еднаш економијата е пред колапс, другпат нема пари за плати и пензии, па следува тврдењето за договор за прием на мигранти, Бугарите во Уставот,…
Со „Алта банка“ сирената повторно е пуштена на најјако. Толку гласно што едвај се слуша едно прашање до СДС: што правела вашата влада кога „Алта банка“ се нашла на дневен ред?
ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со сериозни обвинувања на сметка на СДСМ и ДУИ, тврдејќи дека во позадина на влезот на српската „Алта банка“ на македонскиот пазар стојат директни бизнис-интереси и финансиски трансакции поврзани со семејниот круг на ДУИ.
Како што наведуваат од партијата, српскиот бизнисмен Давор Мацура, кој се наоѓа во притвор во Србија, контролата врз битолската банка ја презел преку купување акции директно од компанијата „АС Сењак“ од Кичево, во сопственост на Селаудин Арифи.
Ајде ред се редат датумите:
- 24 октомври 2023 година. На седница на Владата на СДС и ДУИ, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими го отвора прашањето за „Алта банка“. Според записникот, Владата го задолжува Државното правобранителство да постапи пред српските органи, доколку има законска основа, за заштита на државните интереси во врска со акциите во белградската банка.
- Октомври 2024 година, „АС Сењак“ купува пакет акции во Стопанска банка Битола.
- Јуни 2025 година, фирма поврзана со „АС Сењак“ добива кредит од пет милиони евра од „Алта банка“ во Белград.
- 17 септември 2025 година, „АС Сењак“ ѝ ги продава своите акции во битолската банка на белградската „Алта банка“.
- Според објавата во „Службен весник“, до тој датум понудата за преземање ја прифатиле 54 акционери.
Филипче вели дека Владата во 2023 година не одобрила продажба на акциите во белградската банка. Останува да каже што точно предложил Бесими, што презело Правобранителството и каков бил исходот и има ли врска меѓу кредитот и продажбата?
Ако во СДС веќе го имаат насловот за утрешното црно соопштение за друга „афера“ , нека го зачуваат како нацрт.
Денес нека одговорат за „Алта банка“, микрофонот и онака е вклучен.