На Бихаќка, по неколку месеци силен тон за Алта банка, микрофоните одеднаш стивнаа.
Штета, токму кога публиката почна да поставува прашања. А првото беше сосема едноставно. Кој прв ја отворил вратата за Давор Мацура да купи акции во Македонија?
Според Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, одговорот води до времето кога СДС беше на власт. Ако е така, на Бихаќка имаат незгодна задача. Треба да одржат прес-конференција пред сопствениот архив. А архивот, за разлика од новинарите, не мора ни да крене рака. Доволно е некој да го отвори.
И од Австрија стигна материјал за редакција. Според Манасиевски, австрискиот регулатор изрекол прекршочна казна, додека од СДС зборувале за забрана за работа. Во соопштение, од „казна“ до „забрана“ се стигнува за два збора. На надзорна расправа, за истото растојание обично треба да се прочита цел документ.
А расправата е посебна приказна. Ја побараа, ја добија, па ја одложија за една недела. За продолжението, според Манасиевски, сè уште се чека термин. Да беше телевизиска серија, досега барем ќе пуштеа најава со „продолжува“.
А до кога ќе бидат исклучени микрофоните на Бихаќка?
Веројатно до следното црно соопштение.
Тогаш звукот ќе се врати во полн капацитет.
Само да не праша некој што бидна со претходните соопштенија.
До каде е најавениот економски колапс?
Што стана со празниот буџет и со најавите дека ќе снема пари за плати и пензии?
Каде е договорот за прием на мигранти за кој зборуваа?
А што бидна со најавите за внесување на Бугарите во Уставот?
И таман ќе помислат дека пресот поминал без незгодни прашања, некој од последниот ред ќе крене рака и ќе праша за ТАТ и за Еуростандард банка.
Е, за тој случај, копчето за исклучување на микрофоните им е секогаш при рака.