На 3 септември 1900 година во Струга е роден Ристо Крле – македонски драмски писател и еден од основоположниците на македонската драмска уметност меѓу двете светски војни.
Потекнувал од сиромашно семејство на чевларски мајстор, а неговото образование било често прекинувано поради тешките животни околности. Бил член на аматерската театарска група „Црн Дрим“, каде што се родила неговата љубов кон драмата.
Меѓу неговите најпознати дела се „Парите се отепувачка“, „Антица“, „Милиони маченици“, „Велик ден“ и „Гроф Миливој“. Бил еден од првите членови на Друштвото на писателите на Македонија и добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело. Починал на 29 октомври 1975 година во Скопје.
1901 – Започнува познатата афера „Мис Стон“
На 3 септември 1901 година, на патот меѓу Банско и Горна Џумаја, во близина на месноста Потпрена Скала, чета на Македонската револуционерна организација ја заробила американската протестантска мисионерка Елен Марија Стон и нејзината придружничка Катерина Цилка.
Акцијата, позната како аферата „Мис Стон“, била организирана од македонски револуционери предводени од Јане Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов. Целта била да се обезбедат средства за вооружување и продолжување на македонската револуционерна борба.
По повеќемесечни преговори бил платен откуп, а најголемиот дел од средствата бил употребен за потребите на Организацијата. Настанот добил голем публицитет во Европа и во Соединетите Американски Држави, со што светската јавност била запознаена со македонското прашање.
1921 – Роден е Христијан Тодоровски-Карпош
На 3 септември 1921 година во Куманово е роден Христијан Тодоровски-Карпош – истакнат македонски борец и народен херој.
Уште како млад се вклучил во револуционерното движење. Во 1941 година учествувал во собирањето оружје, растурањето летоци и подготовките за формирање на Првиот кумановски партизански одред. Подоцна станал командант на баталјонот „Јордан Николов-Орце“.
Загинал на 7 февруари 1944 година при нападот на непријателските сили во селото Билјача, Прешевско. За народен херој бил прогласен на 29 јули 1945 година.
1925 – Роден е академик Манол Пандевски
На 3 септември 1925 година во селото Габрово, Струмичко, е роден Манол Пандевски – македонски историчар, универзитетски професор и член на Македонската академија на науките и уметностите.
Дипломирал историја на Филозофскиот факултет во Скопје во 1954 година, а докторирал во 1965 година со трудот „Политичките партии и организации во Македонија 1909–1912“. Значаен дел од неговата научна работа бил посветен на македонското револуционерно и националноослободително движење.
Починал на 21 мај 1998 година во Скопје.