Текстот и фотографијата се целосно превземени од Плусинфо.
Во јули 2021 година, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, со огромно мнозинство од 95 гласови, македонскиот парламент усвои документ со наслов „Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции“. Тогаш владејачкиот СДСМ, веројатно со калкулација дека тоа може да му помогне да се спаси од очекуваниот пораз на локалните избори што претстоеја, ја прифати иницијативата и така беше постигнат широк политички и општествен консензус.
Веќе е подзаборавено дека таа Резолуција предвидува Македонија да води преговори со Бугарија на рамноправна основа, со почитување на меѓународното право, на автохтоноста на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Со овој документ, Македонија за прв пат обединето ги дефинира позициите кои ќе се бранат во спорот со Бугарија, од кои не би смеело да има отстапување, бидејќи тоа би значело нарушување на нашите национални и државни интереси.
Но, точно една година подоцна, во јули 2022, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, министер во владата предводена од „премиерот во сенка“ Зоран Заев, го потпиша Вториот протокол на Заедничката меѓувладина комисија, која вообичаено се нарекува и „историска“, бидејќи под бугарски диктат е фокусирана на историските „прашања“, кои произлегуваат од упорно инсистирање на Софија и формално да ги оспори македонскиот идентитет и историскиот континуитет на македонската нација пред 1944 година.
Би било добро Османи јавно да посведочи во какви околности го стави својот потпис до потписот на бугарската министерка Теодора Генчовска. Јас таа приказна ја знам од него. Ми ја раскажа на единствениот долг разговор што го водевме во четири очи, на кој Османи се потруди да ме убеди во неопходноста да се потпише протоколот, а јас се обидов да му објаснам колку е тоа штетно. Не го нарушувам мојот принцип на дискреција за содржината на разговорите од ваков вид и оставам Османи да сведочи за потпишувањето на Вториот протокол.
Инаку, како што анализира и Огнен Вангелов, поранешен член на Историската комисија на Македонија и професор на Американскиот колеџ во Скопје, во една скорешна знаменита статија на оваа тема, проблемот на Вториот протокол е што со него историските и идентитетските барања на Софија беа формално вградени во пристапниот процес. Тој документ – кој за среќа е само нератификуван записник и како таков е правно ништовен, па Уставниот суд мора да го поништи – ги конкретизира и ги проширува обврските надвор од рамките на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
Да се дообјасниме. Спомнатиот Договор, „ремек-дело“ на Зоран Заев и на Бојко Борисов, во членот 12, годишните прегледи и мерките за ефективна имплементација, односно протоколите (записниците), ги поставува на ниво на Копенхашките критериуми и на другите клучни услови за пристапување на Македонија во ЕУ. Но, беше нужен потписот на шефот на македонската дипломатија на Вториот протокол, со кој таа обврска се инкорпорира и во Преговарачката рамка на ЕУ.
„Вториот протокол претставува суштинска промена во начинот на кој се применува условеноста во процесот на пристапување кон Европската Унија. Тој ги претвора нерешените историски и идентитетски спорови во трајни обврски што постојано се преоценуваат. Несогласувањето не се третира како нормален дел од научна или политичка дебата, туку како знак на недоволен напредок. Така, исполнувањето на условите не може да доведе до јасен крај без прифаќање на бугарската доктринарна позиција за македонскиот идентитет, а сè додека тоа не се случи, процесот останува во состојба на постојана проверка и притисок“, анализира професорот Вангелов.
Или, како што по потпишувањето на Вториот протокол егзалтирано ќе каже вториот човек на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, од тој момент Македонија и формално веќе не преговара со ЕУ за напредокот на реформите, туку преговара со Бугарија за историјата.
Крајно неодговорно од аспект на националните и државните интереси на Македонија, владата на СДСМ тогаш суштински се повлече од консензусот и од преземените обврски во парламентарната Резолуција усвоена една година порано и одлучи да капитулира. Немам никакво сомнение дека тоа беше сторено свесно, согласно со скандалозната теза дека Македонците и Бугарите се „с’шт народ“, која во една прилика и Заев ја изговори јавно.
Ја раскажувам оваа историја на бесчестието за да се разбере зошто сега доблесната и благородна порака за обединување, што ја упати премиерот Христијан Мицкоски на празникот 9 Мај, нема баш некоја голема смисла.
„Во нашата историја – рече Мицкоски – имало моменти кога сме биле делени, разочарани и оттурнати, но секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината, сме победувале“.
За жал, токму нашата историја, вклучително и поновата, е доминантно историја на поделби, предавства, капитулации и на порази. Верувам дека и за Мицкоски било очекувано овој СДСМ, предводен од Венко Филипче, експресно да ја отфрли подадената рака. Како што се случи.