Македонски легенди

Димитар Робев

dimityr_robev

dimityr_robevДимитар (Димко) Анастасов Робев (1820– 1890) е македонски преродбеник, поборник за обновување на Охридската архиепископија како автокефална црква и е застапник на идејата за независна Македонија. Како виден претставник на македонското граѓанство во периодот на османлиското владеење во Македонија (богат трговец и крупен земјопоседник), тој бил еден од основачите на Битолската црковно-училишна општина и прв христијански пратеник во турскиот парламент. Помагал околу изградбата на црквите Св. Недела (1863) и Св. Богородица (1871) во Битола и се ангажирал за ослободување од затвор на браќата Миладиновци, како и други македонски дејци.

Димитар Робев е роден во 1822 година во Охрид, во познатото трговско семејство Робевци. Најраните корени на лозата Робеви се забележуваат уште во 1664 година, кога е запишано името на Стефан Робев кој бил епитроп во една црква. Потоа во 1725 година во црквата Св. Климент во Охрид е забележано името на Ангел Робев, кој бил певец во неа. Сепак за основач на семејството најчесто се смета дека бил Робе, кој починал во 1756 година. Неговиот потомок Стефан основал трговска фирма во Софија во 1814 година, чии синови Ангеле и Анастас со привилегиран берат од султанот, создаваат разгранета мрежа на трговски филијали во Охрид, Битола, Белград, Трст, Виена, Атина, Цариград, а тргувале со повеќе европски трговски центри. Овие филијали биле вистински македонски дипломатски претставништва.

Богатството на Робеви, за кое се говорело надалеку, му овозможува да има значајна улога во политичко-економскиот и црковно-просветниот живот во Македонија во XIX век. Членовите на семејството, кое некои го сметале за кнежевско, биле успешни трговци, интелектуалци, политичари и дејци на македонската преродба. Меѓу најпознатите членови на ова семејство се истакнуваат д-р Константин Робев и Димитар А. Робев кој ќе стане пратеник во првиот парламент на Османлиската империја.

Синот на Атанас Робев, Димитар Робев, гимназија започнал да учи во Јанина, а завршил во Атина (1842). По завршувањето на школувањето работи во трговската фирма „Браќа Робеви и синовите“. Околу 1850 година Димитар живее и работи во Битола, а потоа оди во Виена во филијалата на семејната фирма, каде работи помеѓу 1853 – 1860 година.

Околу 1860 година Димитар се враќа во Битола, каде покрај основната трговска дејност, заедно со многу други видни граѓани на Битола, зел активно учество во преродбенското движење кое и финансиски го помагал. Со негова помош биле отворени голем број училишта, црковни општини и згрижувачки домови во Битола. Тој ја помогнал изградбата на црквите Св. Недела (1863) и Св. Богородица (1871) во Битола. Робев се грижел за сите граѓани, а со парична помош ги ослободувал македонските дејци и револуционери од затвор.

Во текот на 1861 година, братучедите Димитар и д-р Константин Робеви прават огромни напори да го ослободат најпрво Димитар Миладинов од затворот во Битола, а потоа и од Цариградските зандани каде во летото истата година бил затворен и Константин Миладинов. Но, грчките владици од Охрид и Битола со огромен поткуп успеваат да го попречат нивното ослобување, а потоа нивните пријатели Димитар и Константин Миладинов, под неразјаснети околности го завршуваат својот живот во Цариградските зандани во 1862 година.

Димитар Робев, д-р Константин Робеви и д-р Константин Мишајков, ја предводат просветната и црковна борба против елинизмот во Битола и се залагаат за обновување на Охридската архиепископија. Димитар помагал во основањето и работата на црквено–училишната општина на чие чело застанал во 1869 година. Во борбата со грчката, Цариградска патријаршија, одделните грчки свештеници и месните владици, тој успеал да издејствува славјанска богослужба во две цркви и отворање на народни – македонски училишта во Битола.

Македонските првенци предводени од Димитар Робев, д-р Константин Мишајков го помагаат отворањето на училишта и цркви не само во Битолско, туку и во други краеви на Македонија. Откако Трпо Поповски повторно го отворил училиштето во 1871/1872 година во село Косинец, Костурско, тој бил наклеветен од грчкиот владика Никифорос и затворен во Корчанскиот затвор. Но, по интервенција на Димитар Робев и другите македонски првенци, по три месеци поминати во затвор Поповски бил ослободен.

На 19 март 1877 година Димитар Робев бил избран како единствен христијански пратеник и член од Македонија во Отоманскиот парламент. Тој покажува голема активност во борбата за ослободување на Македонија. Во текот на Руско-турската војна и востанијата во Македонија против Отоманската империја во 1877 и 1878 година било поставено прашањето за самостојно државно уредување на Македонија, а за претседател бил предложен Робев.

Во мај 1878 година, Димитар Робев пристигнал во Белград каде се поврзал со прогресивната македонска емиграција и со видни српски политичари за да обезбеди поддршка за создавање на посебна автономна македонска држава. Робев водел разговори со српскиот митрополит Михајло, со претседателот на владата Јован Ристиќ и со академикот Матија Бан, од кои побарал како најдобро решение да се издејствува од Берлинскиот конгрес самостојност за Македонија. Во еден извештај од овие преговори се вели дека Робев „ ..сонува за независна Македонија, зошто, вели тој, му рече Игнатиев дека Македонија не може да припадне на ниеден од трите главни народи на Балканскиот Полуостров“. Тоа укажува дека некаде пред 14 мај 1878 година Димитар Робев зборувал за посебно државно уредување на Македонија со грофот Николај Игнатиев, кој активно учествува во создавањето на Санстефанска Бугарија.

Во разговорите со српскиот врв, Димитар Робев ќе истакне дека Македонците не се ни Бугари, ни Срби, ни Грци, но српските државници кои имаат други аспирации кон Македонија, не се согласуваат со барањата на Димитар Робев. Тие го обвинуваат Робев дека имал личен мотив, односно дека сакал да создаде македонско кнежевство за да стане кнез на Македонија. Така, кога големите сили ги исцртуваат новите граници на Балканот, на Берлинскиот конгрес македонското прашање не било отворено.

Оттука, Димитар Робев заминува за Лајпциг каде со зет му Сотир Кецкаров работи во канцеларијата на фирмата. Во Битола се враќа во 1886 година, а во 1890 година починал на 70 години без да му се остварат неговите желби за ослободување на Македонија. Како заслужен граѓанин бил погребан зад олтарот на црквата Света Богородица.

Најново од: Македонски легенди

Драган Богдановски – живот посветен на слободна и независна Македонија

На 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, починал на 31 мај 1998 година во Данска, на пат од Шведска кон Германија. Подоцна бил погребан во Куманово Драган Богдановски е еден од најистакнатите македонски политички емигранти по Втората светска војна, долгогодишен борец за македонската национална кауза, претседател на ДООМ и […]

Лилјана Чаловска – писателка, борец и учесничка на АСНОМ

Лилјана Чаловска (3 декември 1920, Софија – 20 јули 1997, Скопје) е македонска писателка, учесничка во Народноослободителната борба и општествено-политичка дејка. Била делегат на Првото заседание на АСНОМ и член на Претседателството на АСНОМ, а значајна трага оставила и во македонското новинарство и литература. Лилјана Чаловска е родена на 3 декември 1920 година во Софија, […]

Владислав Ковачев – Македонец до срж, а малку познат меѓу Македонците

„Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за неа. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот.“ Кој бил Владислав Ковачев? Владислав (Славчо) Михаилов Ковачев е роден на 5 јануари […]

Оскар Давичо – писателот што со перо сведочеше за борбата на партизаните на Маркос

Оскар Давичо е роден на 18 јануари 1909 година во Шабац, во еврејско семејство, а починал на 30 септември 1989 година во Белград. Бил истакнат српски и југословенски писател, поет, есеист, преведувач, новинар, револуционер и учесник во антифашистичката борба. Оскар Давичо потекнувал од сефардско еврејско семејство. Детството го минал во Шабац, а образованието го продолжил […]

Васил Ивановски – истраен борец за македонската национална посебност

Васил Ивановски (18 октомври 1906 – 1991) е македонски национален деец, комунист, публицист и историограф. Во своите трудови ги користел и псевдонимите Динко Динков и Бистришки. Васил Ивановски е роден на 18 октомври 1906 година во костурското село Ловраде, во Егејскиот дел на Македонија, а починал во 1991 година во Софија. Во 1907–1908 година, во […]

Михаил Чаков – војводата што ги зачува светите мошти на Гоце Делчев

Михаил Чаков е роден на 16 март 1873 година во Гуменџе, Егејскиот дел на Македонија, а починал на 17 септември 1938 година во Софија. Михаил Чаков бил македонски револуционер, илинденски војвода, соработник на Гоце Делчев и човекот што ги пронашол, прибрал и со години ги чувал неговите посмртни останки. Михаил Чаков е една од оние […]

Волф Ошлис – „духовен воин“ за македонското прашање ширум Европа и светот

Волф Ошлис (29 септември 1941, Кенигсберг – 18 август 2026) бил германски славист, македонист, политиколог, публицист и еден од најголемите странски пријатели и афирматори на Македонија. Германскиот славист, македонист, политиколог, публицист и универзитетски професор Волф Ошлис повеќе од половина век го проучува и го афирмира македонскиот јазик, историјата и културата. Во време кога македонската посебност […]

Методија Шаторов-Шарло – македонскиот деец чија смрт остана обвиена со тајна

На 4 септември 1944 година, во битката кај Милеви Скали, во близина на Пазарџик, загинал Методија Шаторов-Шарло – македонски комунист, антифашист и национален деец. Иако официјално било соопштено дека бил погоден од непријателски оган, околностите на неговата смрт никогаш не биле целосно разјаснети. Методија Шаторов-Шарло е роден на 10 јануари 1897 година во Прилеп. Уште […]

Најнови вести

To top