Досиеја

Некои од сеќавањата на 3.500 илинденци, непознати или помалку познати учесници во македонската револуционерна борба, се содржани во првиот том на „Илинденските сведоштва“

nikola-bogdanov

Неговиот исказ кој даден преку градскиот народен одбор во Битола, до президиумот на народното собрание на Народна република Македонија во 1947 година е дел од 3.500 досиеја за учесниците во македонската револуција што сега се дел од богатиот збир историски документи кои се депонирани во Државниот архив на Македонија. Некои од сведоштвата на илинденците се содржани во првиот том на „Илинденските сведоштва“ за сеќавањата на обичните учесници во македонската револуционерна борба, а кои никогаш не биле слушнати.

По формирањето на новата македонска држава на 27 јули 1946 година се носи закон за одобрување на илинденски пензии. Претходно, во 1943 година бугарските окупациски власти донеле сличен закон за паричен надомест за некои од учесниците во револуционерната дејност. Тогашната пензија изнесувала околу 4.500 лева. По ослободувањето износот на пензиите се движел од 1.000 до 4.000 динари. Подоцна, со измените на законот и со заострување на критериумите за добивање право на илинденски додаток, износот стигнувал до 8.000 динари. Но оваа сума ретко кој ја добивал поради недоволните средства во државните фондови, но и поради намалувањето на бројот на барања и возраста на илинденците.
– Илинденското востание е темелот на македонската држава. Ги знаевме само хероите и битките, но малку или воопшто не се говореше за обичните учесници во илинденскиот период – вели Јасмина Дамјановска од Државниот архив на Македонија, која со колегите Ленина Жила и Филип Петровски се коавтори на „Илинденски сведоштва“.

Најмногу податоци има за периодот од 1883 до 1908 година, но илинденците даваат и драгоцени информации за создавањето на новата македонска држава до времето на колективизацијата. Биографиите содржат податоци и информации за многу настани од овој период и за дејствувањето на македонската револуционерна организација. Илинденците сведочеле за тоа како влегле во организацијата и за принципите за кои се залагале, раскажувале за чинот на заклетвата, но и за нивните мотиви за ослободување од турскиот јарем.

Илинденците биле со различни професии. Имало занаетчии, земјоделци, сточари, учители, свештеници… Имало и жени. Најголем дел од нив биле од западна и од централна Македонија и биле концентрирани во битолскиот, прилепскиот и во охридско-ресенскиот регион, но ги имало и во другите делови на Македонија. Во организацијата биле на разни позиции и извршувале најразлични задолженија. Жените најчесто биле курирки, им помагале на војводите и на преостанатите учесници во криење, обезбдувале храна и сл. Меѓу илинденските пензионери помалку имало војводи и селски началници.
Крсто Гермов Шакир бил војвода, кој барал да му се признае илинденската дејност и правото на лична илинденска пензија поради активно учество во народноослободителните борби и во борбите во Илинденското востание.

„Во 1901 година сум влегол во градот Прилеп во организацијата. Во 1902 година го застрелав шпионот Врба од Кадино Село, Прилепско, кој ја предаде четата на Методи Патчев во Кадино Село. Тогаш станав нелегален и станав член на четата на Петар Ацев. Во Илинденското востание бев секратар на четата раководена од Толе Пашев. По неговата смрт, јас го наследувам во борбите во мариовскиот крај. Бев осудуван на смрт од турското правосудие и во 1908 година бил сум во затвор две години. За време на окупацијата симпатизирал наородноослободителна борба на народите на Југославија“, пишува во архивските документи.

Донка Буџаковска од Крушево, во сведоштвото раскажува како положила „крстена заклетва“ пред Коста Шкодра, војвода, и учителот и бајрактарот Томе Никле, сите од градот Крушево.
„Бев одредена за курирка за носење пошта и оружје. На таа должност бев до опсадата на Ракетничкото востание во 1902 година, за ослободување на македонскиот поробен народ од турската Отоманска Империја и јаничарскиот зулум. Во опсадата загинаа 12 души, Велко војводата, учителот Киро Кара и бајрактарот. За другите не помнам имињата. По опсадата добивам друга должност, по селата и Крушево собирам куршум и олово и стари калајни садови. Бидејќи се собраа доста, со наредба на Питу Гули да се напраи леарница во нашата куќа, да се напраат куршуми и да се испраќаат за четите“, пишува Донка.

Во записите кои ги поседува Архивот се даваат информации за начинот на водење на архивите на организацијата, но и податоци за внатрешните пресметки и предавства на некои поединци. Особено е важно тоа што некои од илинденците, иако поради возраста не можат директно да учествуваат во народноослободителната борба против фашистичкиот окупатор, даваат секаква поддршка на партизанските организации. Покрај логистиката со храна и облека, членови од нивните семејства активно се вклучуваат во НОБ и во изградбата на новата македонска држава.

За продолжувањето на страдањата на македонското население и желбата за ослободување од окупаторските сили по поразот на османската власт во Балканските војни сведочи и самиот Никола Богданов, кој потекнува од селото Мокрени, во костурската околија.

„По востанието, со одлука на грчката власт бев интерниран на островот Крит и по втор пат на островот Ихос. Бев прогонет од монархофашистичките банди… Останав без средства за егзистенција. Имам три сина кои се борат во Егејска Македонија и се борат со пушка во рака за да ја зачуваат честа на македонскиот народ“, пишува тој во молбата, по која му била одобрена пензија од 1.000 динари.

Ташко Арсов бил војвода од Охрид, имал свој печат и се претставувал како македонски револуционер деец. Бил и секретар и имал целосна архива за учесниците од демирхисарскиот реон за периодот од 1904 до 1907 година.
„Хуриетот излезе лаж. Па во април 1909 година ги посетував селата околу Демир Хисар. Кај селаните агитирав оти младотурците нѐ излажаа со нивниот хуриет и да се готват за ново поголемо востание за ослободување од нив. Бев предаден од зашлченскиот шпоин, поп Костадин од с. Брезово. Дојде еден жандарм и нѐ арестаа со другарот. Нѐ затворија во затворот во Битола“, запишал Арсов во своето сведоштво кое го потпишал своерачно.

– Овие сведочење се дел од секојдневната историја, односно орална историја. Најголемиот дел од историчарите ја избегнуваат и посветуваат внимание на пишаните документи. Ова не се мемоари, а сведочењата се насочени кон докажувањето на правото на пензија. Но не значи дека тие се помалку важни и претставуваат основа за натамошни истражувања. Тие даваат информации за настани и личности кои биле помалку споменувани, особено што со жалбите давани по одбивањето на барањето за пензии биле приложувани нови документи и фотографии. Секако, тие имаат и свое значење за културолозите, антрополозите и за лингвистите. Нудат масовни извори за квалитативни податоци од кои може да се направи преглед и да послужат и за други истражувања – вели Јасмина Дамјановска.

Објавувањата на овие сведоштва треба да бидат поттик и за другите граѓани кои поседуваат фотографии или документи од илинденскиот период и да ги доставуваат до државниот архив. Целото издание на „Илинденски сведоштва“ ќе се состои од пет тома. Вториот том се планира да биде завршен до крајот на август годинава.

Фото:

nikola-bogdanov

malinka-veljanovska

Малинка Велјановска

Човек човеку не му бидит роб

„Родена сум 20.2.1875 во с. Ракитица, од краино бедни родители. Работев при турските бегове во Ново Село и како таква од моите млади години се носев со мисла да ке доид еден ден да се ослободам да човек човеку не му бидит роб. Моиот маж Наидо беше член на македонското револуционерно движење и јас постанав истото, како таква на четите носев оручје, храна, обувки, писма… Во нашата куќа беше сардисана четата на Вело војводата во 1902 година. Од четата загинаа шест души и куќата ја запалија турските воиски и башибозук. Три пати бев терана во турскиот мудурлук во с. Прибилци. Бев тепана и пошто не признавав дека работам за четите ме пуштија. Ова мисла не можеше да ми излезе од главата и зато бев во врска со четите…“ Од сведоштвото на Малинка Велјановска.

mitko-jovanovski

Митко Јовановски

Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

Нова Македонија

Најново од: Досиеја

Отпорот на македонскиот народ кон странските пропаганди

Во текот на XIX век Македонија била изложена на силно дејствување на пропагандите на соседните држави. Грчката, српската и бугарската пропаганда, потпирајќи се врз своите државни институции, цркви, училишта, дипломатски претставништва и различни друштва, настојувале да го прошират своето влијание меѓу македонското население и да создадат услови за остварување на своите територијални претензии кон Македонија. […]

Предавниците ја земале наградата – а останувале запаметени по срамот

Македонија имала многу непријатели однадвор, но нејзините најтешки рани честопати биле нанесувани тогаш кога непријателот добивал помош однатре. Внатрешните поделби, атентатите и одмаздите одзеле многу животи и ја ослабнале борбата за македонската слобода. По Балканските војни Македонија била поделена меѓу соседните држави, а македонското револуционерно движење влегло во еден од најтешките периоди од своето постоење. […]

Македонците се судрија со полицијата во Софија на 28 Maj 1934 g.

Дваесетмина повредени во првата јавна манифестација по воспоставувањето на диктатурата Безжична дописка до „Њујорк тајмс“ СОФИЈА, 28 мај. — Во првата јавна демонстрација по воспоставувањето на бугарската диктатура, дваесет Македонци денеска беа повредени во судир со коњичката полиција. Судирот се случи за време на годишното одбележување во чест на Македонците што загинале во текот на […]

Предавствата – една од најтешките рани во македонската историја

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“ Ова е еден од најмоќните цитати на Гоце Делчев. Во него јасно се […]

31 октомври 1982 – се појавува „ШТАЗИ“„Да се набљудува“

На 31 октомври 1982 година во источногерманската документација се појавува оперативно барање. На него стои: Jakovleski, Manojlo. Целта е јасна: „In der Zeit von Einreise bis Ausreise beobachten.“ Во времето од влегувањето до излегувањето – да се набљудува. Ова е еден од најважните документи во целата приказна. Тој покажува дека интересот на Штази кон Мане […]

Мане Јаковлески и Ресторанот „Ново Скопје“ под надзор на Штази во поделениот Берлин

Повеќе од три децении не знаев дека источногерманската тајна служба – Штази – собирала информации за мене, за моите движења и контакти, како и за рестораните „Ново Скопје“ и „Македонија“ во Западен Берлин. За тоа дознав дури во 2017 година, благодарение на мојот близок германски пријател Матија Дорнфелд, кој работеше во Министерството за надворешни работи […]

Предлог за пласирање информација во МНЕ и пошироко – обид преку интриги да се внесе раздор во ДООМ

Документ од Службата за државна безбедност од 1987 година открива разработен план преку Мане и Гојко Јаковлевски да се наруши угледот на Драган Богдановски во македонската емиграција и да се создадат недоверба и внатрешни поделби во круговите на македонското национално движење. Македонските безбедносни служби од своето формирање по Втората светска војна, па до осамостојувањето на […]

Киднапирањето на Драган Богдановски во Париз – операцијата на СДБ против претседателот на ДООМ

Во 1977 година, среде Париз, Драган Богдановски – претседател на Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и еден од најактивните македонски политички емигранти – бил киднапиран и тајно пренесен во Југославија. Следувале 18 месеци изолација и истрага, судење зад затворени врати и пресуда од 13 години затвор. Документите од неговото досие откриваат до […]

To top