
Панде Манојлов
Години,
низ пустини
и пустински ветрови талкаме
како камилари
без камили
и како сеедно да ни е
што мислат за нас
и денес
во некој нов Букурешт.
Години,
ветришта дуваат
и од Запад и од Исток,
ветришта
и од Север и од Југ,
ветришта на неспокој,
букурештки ветришта
на пустошот
и стравот.
Еден ден,
еден суден ден,
можеби ќе се засолниме
како патници намерници
во некој ан,
во некоја станица за изгубени,
прашувајќи ги непознатите
каде е татковината
на протераните од Македонија.
Сигурно ќе ни кажат
дека тука
некогаш наминал од робија
некој си Павел Шатев
со бисаги полни динамит,
со една карта
на една Земја
што ја носел в срце –
картата на Македонија!
Ќе ни кажат
дека атентаторот носел
и икона од Свети Павле
и дека Павловден
бил негов сведен
и сведен на неговата земја,
ќе ни шепнат дека „Гладакавир“
сеуште не е потопен
за во него да не потопат нас.
Затоа треба да се истрае
оваа нова букурештка бура,
овој пустински ветер,
за некогаш да си ги ставиме
нашите глави
на наши рамена,
за патот да го пронајдеме,
патот
до следното востание во нас.
14.06.2013 г.
Панде Манојлов